28/01/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Советот на странските инвеститори (ФИЦ) во саботата (26-ти јануари) издаде препораки за десет главни реформи кои имаат за цел зајакнување на бизнис климата на БиХ и привлекување повеќе инвестиции. Помеѓу мерките е и воспоставувањето електронски стопански регистар, кој ќе го олесни формирањето нови претпријатија. Советот, исто така, ги повика институциите на БиХ да ги објават или да ги направат достапни онлајн сите документи и процедури потребни за различни видови лиценци и дозволи, да ја зголемат транспарентноста на јавната администрација и да ја намалат корупцијата. Истиот повика и на хармонизација на даночните закони помеѓу Република Српска, Федерацијата на БиХ и округот Брчко. Покрај ова, ФИЦ предложи намалени царински давачки и формирање заеднички пазар на Југоисточна Европа. (Независне Новине, Дневни аваз - 27/01/08; РТРС, Фена, Pincom.biz - 26/01/08)