Соседите им помагаат на поплавените Србија и БиХ

21/05/2014

Државите од регионот организираат хуманитарни конвои и обезбедуваат многу потребен персонал и опрема, додека граѓаните донираат храна и други неопходни работи.

Мики Трајковски за Southeast European Times во Скопје -- 21.05.2014

photo

Илјадници Македонци донесоа шишиња вода, конзервирана храна, облека и други предмети на пунктот за хуманитарна помош на централниот плоштад во Скопје, со цел да им помогнат на жртвите на поплавите во Србија и Босна и Херцеговина. [Мики Трајковски/SETimes]

Организации во Хрватска, Словенија, Црна Гора, Македонија и Турција обезбедуваат хуманитарна помош за Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) по катастрофалните поплави во кои животот го загубија десетици луѓе, а илјадници други останаа без своите домови. Земјите им испраќаат специјално обучени тимови, опрема, вода, храна, лекови и доброволци на властите во Србија и БиХ.

„Помошта која ја испративме е во договор со надлежните институции за управување со вонредни ситуации во Србија и БиХ. Ние постојано комуницираме со надлежните институции во двете држави и сите активности ќе ги реалзиираме со нив во согласност со нивните планови и потреби“, се вели во соопштението на црногорската влада.

Македонија испрати нуркачи, спасувачи и планинари - припадници на македонската специјална полициска единица Тигри - хеликоптер Ми-17, 45 водни пумпи, 35 генератори, 3.000 ќебиња, медицински тим и лекови.

„Со оглед на хуманитарната димензија на катастрофата, ние помагаме што е можно повеќе“, рече за SETimes Шабан Салиу, директор на македонската Дирекција за заштита и спасување. „Ова покажува дека помеѓу државите од регионот има добра соработка секогаш кога е потребно.“

Македонија, исто така, испорачува 80 мегавати електрична енергија на секој час за Србија, додека фабриката за вода „Кожувчанка“ обезбеди 30.000 шишиња вода.

Претпријатијата за мобилна телефонија Т-мобиле, Оне и ВИП отворија донаторска телефонска линија за граѓаните да се јавуваат и да донираат по 1,5 евро со секое јавување.

Канцелариите на Црвениот крст во Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија организираа донаторски пунктови за облека, храна и производи за лична хигиена.

„Отворивме телефонски линии каде што со јавување граѓаните и претпријатијата донираат средства во специјално отворениот фонд на солидарноста“, рече за SETimes Сузана Тунева, секретар во скопскиот огранок на Црвениот крст.

Црвениот крст на Македонија собра 240 тони храна, облека и други предмети.

Хрватска, и самата делумно зафатена од поплави, испрати 10 противпожарни возила, чамци и дополнителна опрема во Србија, заедно со мал специјално обучен тим од дирекцијата за заштита и спасување. Два хрватски воени хеликоптери со екипаж и војници им се на располагање на властите во БиХ од 15-ти мај.

„Оваа катастрофална ситуација покажа брза демонстрација на солидарност, што е бесценето кога станува збор за спасување животи и грижа за луѓе“, рече за SETimes Идриз Брковиќ од Министерството за безбедност на БиХ.

Покрај тоа, збратимените општини испратија повеќе од 15.000 вреќи песок, 20.000 литри вода и конзервирана храна. „Ние сме збратимени со Бјелина и Бања Лука [во БиХ], и со уште неколку општини во Србија. Овој народ поминал низ многу потешки моменти, но ние сме тука да им помагаме секогаш кога треба“, рече за SETimes Максим Димитриевски, претседател на советот на општина Куманово.

Огромната помош покажа дека Балканот може да се обедини кога е најпотребно, рече Среќко Стојановиќ, претседател на српското здружение Коштана.

„Cамото присуство на луѓе од сите делови на регионот и моралната и друга поддршка покажува дека Балканот знае да биде хуман и покрај сите проблеми со кои се соочува“, рече Стојановиќ за SETimes.

Спортските и музичките ѕвезди го користат своето влијание за да ја подигнат свеста за потребата да им се помогне на погодените луѓе. Црногорската одбојкарска репрезентација закажа хуманитарна донација пред натпреварот со Хрватска во саботата (17-ти мај). Некои од најпознатите музички ѕвезди во Македонија, како што се Каролина Гочева и Влатко Стефановски, закажаа заеднички хуманитарен концерт за 28-ми мај. Целиот приход ќе биде наменет за жртвите на поплавите.

photo

Српските власти честопати добиваат помош од соседните земји во евакуацијата на луѓето. [Никола Барбутов/SETimes]

Луѓето ги надминуваат политичките и националните определби за време на вакви природни катастрофи, рече Марко Милошевиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносни студии.

„Една од најпознатите регионални иницијативи е Баталјонoт Тиса - воена формација во која учествуваат припадници од Романија, Унгарија и Украина, и нивната задача е да спречат директна поплава од рекатаТиса“, рече Милошевиќ за SETimes.

Турција им помага на БиХ и Србија уште од првите денови на катастрофата, помагајќи во спасувањето и обезбедувајќи резерви, од ќебиња, па сé до кујнски прибор и генератори на електрична енергија. Во ангажманот се вклучија хуманитарните организации, како и владата и војската.

„Атмосфера на добри односи и соработка на секое поле преовладуваат меѓу Турција и Босна и Херцеговина и Србија, кои ги сметаме за свои соседи на Балканот“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Поврзани написи

Loading

Дидем Екинчи, балкански експерт од анкарскиот универзитет Чанкаја, рече дека Турција покажа интерес да им помогне на погодените уште од самиот почеток на поплавите и тие напори ќе продолжат и кога нивоата на водата ќе опаднат.

„Исто така има потреба од напори и потоа, да им се помогне на луѓето да ги надоместат своите загуби од една ваква голема катастофа“, рече таа.

Дописниците Ана Ловаковиќ во Сараево, Ивана Јовановиќ во Белград и Менексе Токјај во Истанбул дадоа свој придонес за овој извештај.

Што друго можат да направат балканските земји за да им помогнат на Србија и Босна и Херцеговина да се справат со поплавите? Споделете го вашето мислење во делот за коментари.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Focus on Ukraine

Репортажа

Генералот на НАТО вели дека Алијансата е фокусирана на Украина и на тероризмотГенералот на НАТО вели дека Алијансата е фокусирана на Украина и на тероризмот

Врховниот генерал на НАТО рече дека земјите од алијансата соработуваат во борбата против екстремизмот.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Дали Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ) е закана за Југоисточна Европа?

Да
Не
Не знам