16/01/2013
Новинари и политички партии станаа цел на зголемено насилство поради мерките на штедење.
Енди Дабилис за Southeast European Times во Атина – 16.01.13
![]() Полицајци поминуваат покрај портретот на премиерот Антонис Самарас, додека влегуваат во седиштето на партијата Нова демократија во Атина. Во понеделникот изутрина (14-ти јануари) беше пукано од огнено оружје, по неодамнешниот бран подметнувања пожари во канцелариите на политичките партии. [AФП] |
Властите во Грција изразија голема загриженост поради избивањето екстремистичко насилство против новинари, политички субјекти и владини институции, за кое се верува дека е предизвикано од немирите поради мерките на штедење во земјата.
Рано во понеделникот (14-ти јануари) вооружен напаѓач испука најмалку девет куршуми на канцеларијата на водачот на Нова демократија и премиер Антонис Самарас, во седиштето на Нова демократија. Еден куршум, од автоматска пушка „калашњиков“, го проби прозорецот. Припадниците на обезбедувањето изјавија дека виделе двајца мажи како излегуваат од автомобил, за кој се верува дека бил украден и запален во блиска населба, но никој не е уапсен.
Во текот на претходниот викенд имаше 17 напади со запаливи бомби, вклучително и во критската канцеларија на големата опозициска партија Коалиција на радикалната левица (СИРИЗА), како и во други канцеларии на Нова демократија и еден од нејзините коалициски партнери, социјалистите на ПАСОК.
А група наречена Милитантно малцинство-љубители на беззаконието, ја презеде одговорноста за бомбашките напади врз домовите на новинари, кои се случија откако полицијата ги избрка дивите станари на една напуштена зграда популарна кај левичарите и анархистичките групи, кои ја користеа две децении, и уште еден врз домот на поранешниот министер за финансии Јанос Папаконстантину во декември. Минатиот месец канцелариите на неонацистичката екстремистичка партија Златна зора беа нападнати со бомба.
„Насилството ќе се зголемува низ целата земја поради мерките на штедење и ставањето на луѓето под зголемен притисок“, рече за SETimesЏон Номикос, аналитичар за безбедност и тероризам кој го води атинскиот Истражувачки институт за европски и американски студии. „Сè повеќе луѓе не можат да преживеат и средната класа ја допре границата. Луѓето стануваат многу агресивни.“
Владиниот портпарол Симос Кедикоглу, на чиј брат му беше фрлена запалива бомба во домот, рече дека нападот врз канцеларијата на Самарас е загрижувачки.
„Тоа е нова и загрижувачка ескалација од оние кои сакаат да шират терор во нашето општество“, вели Кедикоглу, кој рече дека добива заканувачки телефонски повици. „Разликата меѓу провокативните изјави и провокативните напади е многу мала. Мора да има јасна осуда на насилството и вербалното насилство.“
Невработеноста во Грција достигна 26 отсто и новиот план за данок предвидува 42 отсто за многу семејства од средната класа, додека корпоративниот данок се зголемува од 20 на 26 отсто.
Владата е, исто така, под притисок од нејзината Тројка меѓународни кредитори, ЕУ-ММФ-ЕЦБ, да направи нешто во врска со даночното затајување. Грција дури и ги повикува експертите за даноци од другите земји на ЕУ да помогнат.
Антонис Клапсис, шеф за истражување на експертската група на Нова демократија, Институтот за демократија Констандинос Караманлис во Атина, изјави за SETimes дека иако никој не ја презел одговорноста за пукањето врз канцеларијата на Самарас, „Тоа е најверојатно реакција против сите овие реформи што ги прави владата. Едно мало мнозинство не се согласува со ништо и ќе направи сè што треба да ја запре, но овие терористи нема да ги остварат своите планови.“
Јоргос Цогопулос, истражувач во Грчката фондација за европска и надворешна политика во Атина, изјави за SETimes дека и покрај сериозноста на инцидентот, „Ние не треба да го изолираме ова како терористички напад ... Не би го поврзувал ова со мерките за штедење.“
(Катимерини, 14.01.13)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's