03/01/2013
Опозицијата вели дека неодамнешниот извештај за парите што биле префрлени надвор од Албанија со нелегални активности, докажува оти владата е корумпирана.
Ерл Мурати за Southeast European Times во Тирана – 03.01.13
![]() И покрај политиката на „нулта толеранција“ од страна на владата, Албанија е најкорумпирана земја во Европа, според извештајот на Трансперенси интернешнал 2012. [EУ] |
Членовите на албанската влада го оспоруваат „Глобалниот финансиски интегритет“, во кој се вели дека 1,3 милијарди американски долари се нелегално изнесени од земјата во периодот 2005-2010 година, со корупција, даночно затајување и други нелегални активности.
Извештајот ја поттикна опозициската Социјалистичка партија да ја окарактеризира владата на премиерот Сали Бериша како корумпирана, а државниот министер за финансии да побара од критичарите да го погледнат извештајот од регионална перспектива.
„Србија се рангираше на 16-тото место со негативен прилив од 5 милијарди американски долари годишно, Бугарија со 1,5 милијарди американски долари, Хрватска со 1,5 милијарди, а Црна Гора со 1 милијарда американски долари годишно“, рече министерот за финансии Ридван Боде, кој посочи дека Албанија споредбено не изгледа толку лошо.
Но, „Глобалниот финансиски интегритет“ не се согласува.
„Тоа е огромна сума пари за една земја како Албанија да ги изгуби. Ако овие пари останеа во земјата, истите можеа да се искористат во инфраструктурата, образованието и за извлекување на луѓето од сиромаштија“, рече за новинарите Кларк Гаскон, портпарол на организацијата.
Арбен Дочи, директор на Агенцијата за спречување перење пари, рече дека цифрата што ја објави извештајот „Глобален финансиски интегритет“ е претерана.
„Во извештајот нема податоци во врска со природата на овие трансакции и начинот на кој парите излегле од Албанија. Само можам да кажам дека говориме за многу претерани количини пари. Нашата институција детално ги испитува сите сомнителни трансакции и готовински движења над одредена граница и не наиде на вакви суми“, рече Дочи за SETimes.
Опозицискиот водач Еди Рама рече дека вината за ова е кај владата. „Во најдобар случај владата замижува пред овие [пари] кои ,избегале’ од Албанија преку затајување, а во најлош случај истата е дел од криминалните врски“, рече Рама.
Кога владата на Бериша ја презеде власта во 2005 година, премиерот вети дека ќе води политика на „нулта толеранција“ во однос на корупцијата. Но, владата ги помина изминатите седум години вмешана во корупциски скандал.
Ерјoн Браче, заменик-претседател на социјалистичката парламентарна група и член на парламентарната комисија за економија, рече дека финансискиот криминал ја поткопува економијата.
„Ако ги погледнете бројките за буџетот во текот на годините, недостасуваат некои приходи. Сè што е објавено се совпаѓа со нивото на корупција во Албанија како што објави Трансперенси интернешнал. Пропустот на владините агенции стои зад целата оваа криминална активност. Тие треба да собираат податоци, даноци и царини, и овие агенции спроведуваат јавни набавки“, рече Браче за SETimes.
Експертите за економија велат дека парите што недостасуваат претставуваат знак за тревога.
„Проблемот со трансферот на пари надвор од земјата треба да го гледаме на две различни нивоа. Од една страна, истиот покажува дека агенциите за спроведување на законот работат подобро. Затоа, валканите пари не наоѓаат можности за движење во земјата. Од друга страна, бројката ја покажува криминалната моќ во Албанија и дека истата претставува закана за демократската стабилност во земјата“, рече за SETimesЗеф Пречи, директор на Албанскиот центар за економско истражување.
Во 2012 година Трансперенси интернешнал ја рангираше Албанија како една од најкорумпираните земји во светот. Земјата беше на 113-тото место од 176 земји во 2012 година, што претставува пад од 95-тото место во 2011 година.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's