12/12/2012
Тимовите во дијалогот Белград-Приштина постигнаа договор за офицерите за врска, но политичарите и аналитичарите дебатираат околу значењето на овој план.
Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 12.12.12
![]() Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави за новинарите дека нема да ги смета офицерите за врски за дипломати или амбасадори. [AФП] |
Како најнов настан од разговорите со кои посредува ЕУ, српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи постигнаа договор за назначување офицери за врски, кои ќе ги претставуваат своите земји во Белград и Приштина.
Некои набљудувачи сметаат дека договорот претставува позитивен знак во тековните напори за нормализација на односите. Но, други сметаат дека останува простор за напредок.
Дачиќ рече дека постигнал согласност со Тачи „за размена на офицери за врска меѓу Белград и Приштина ... кои ќе бидат сместени во мисиите на ЕУ и ќе учествуваат во спроведувањето на договорите“.
Но Eурополитикс го цитираше премиерот дека офицерите „нема да бидат дипломати, ниту ... ќе бидат третирани како амбасадори“.
Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, рече дека договорот е значаен за воспоставување регуларни односи меѓу двете земји.
„Тоа ќе биде прв чекор во признавањето на Косово како независна држава“, рече Бисерко зaSETimes. „Тоа ќе биде почеток на решавањето на отворените прашања од страна на државите, особено правните прашања кои претставуваат голема грижа како за Србите, така и за Албанците.“
Ардијан Арифај, постар истражувач во Косовскиот институт за политичко истражување и развој, изјави за SETimes дека договорот го трансформира односот Србија-Косово во однос со постојани официјални канали на комуникација.
Арифај истакна дека ова е тешка одлука за Србија, која мора да го прифати косовскиот претставник во својот главен град.
„Одлуката за Косово е полесна бидејќи ... истата може да се претстави како постигнување на Приштина“, рече Арифај, додавајќи дека тоа може да помогне да се скрши мразот меѓу двете земји.
Косовското опозициско движење Ветевендосје излезе со изјава дека отворањето на канцелариите за врски е неприфатливо. Алма Лама, пратеничка на Ветевендосје, рече дека овој потег може да биде „многу штетен, непотребен и јалов“.
„Суверените држави отвораат амбасади во другите [земји], а не канцеларии за врски“, рече Лама за SETimes. „Прифаќањето на една ваква канцеларија од страна на Косово е во целосна согласност со позицијата на Србија ... дека не нè признава како држава.“
Косовската претседателка Атифете Јахјага рече дека премиерите на двете земји го водат процесот „со цел да се постигне договор за целосна нормализација на односите меѓу Република Косово и Република Србија до следната година“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's