13/09/2012
Регионалните власти велат дека за насилството нема место во општеството и дека тоа не е дел од исламот.
Менексе Токјај, Дражен Ремиковиќ, Ерл Мурати, Линда Карадаку и Билјана Лајмановска за Southeast European Times -- 13.09.12
![]() Американскиот конзулат во Бенгази е во пламен за време на протестот на вооружена група која го уби Џ. Кристофер Стивенс, американскиот амбасадор во Либија, и тројца членови на дипломатскиот персонал. [Ројтерс] |
Владите и верските водачи во Југоисточна Европа и Турција го осудуваат нападот на вооружената толпа врз Американскиот конзулат во Бенгази, при кој загина амбасадорот Џ. Кристофер Стивенс и тројца други официјални претставници во вторникот (11-ти септември).
„Овој терористички чин врз американскиот амбасадор е, исто така, насочен против безбедноста и сигурноста на Либија, како и аспирациите на либискиот народ за мир и спокојство“, изјави заSETimesСелџук Унал, портпарол на турското Министерство за надворешни работи.
„Турција постојано истакнува дека тероризмот нема религија, ниту националност, и дека претставува злосторство против човештвото. Турција и понатаму смета дека ефикасната борба против тероризмот бара единство и солидарност на меѓународната заедница.“
Сведоците велат дека толпата го ограбила конзулатот пред да го запали. Жртвите загинаа во пожарот, додека другите членови на персоналот „беа евакуирани и се безбедни и сигурни“, рече либискиот заменик-министер за внатрешни работи, Ванис ал-Шариф.
Според Комисијата за безбедност на Министерството за внатрешни работи, во правец на конзулатот биле испукани гранати од ракетен фрлач од фарма во близина.
Протестот изби поради независниот филм „Невиноста на муслиманите“, кој се смета за навредлив за пророкот Мухамед. Американската влада нема никаква врска со филмот, кој е во приватна продукција на трговец со недвижности.
Инцидентот во Бенгази се случи неколку часа по нападот врз Американската амбасада во Каиро. Египетската полиција успеа да воспостави мир без да прибегне кон насилство.
Мухамед Салкиќ, генерален секретар на Исламската заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), рече дека противењата на овој филм треба да се изнесат низ дискусија, а не со насилство.
„Тероризмот, сигурно, не е начин да се реши проблемот“, рече Салкиќ за SETimes. „Секогаш има две страни на конфликтот и луѓето треба да анализираат сé со смиреност и човечко однесување. Националните власти треба да си ја завршат својата работа и да не дозволат да се случуваат вакви работи. Превентивните мерки се најдобриот рецепт за борба против тероризмот.“
Муфтијата Наим Тернава, претседател на Исламската заедница во Косово, му упати телеграма со сочувство на американскиот претседател Барак Обама.
„Ваквите напади се терористички напади кои имаат за цел да ги спречат демократските процеси и да инсталираат идеолошки и криминални режими“, вели тој во пораката. „Нападот врз американската мисија претставува напад врз демократските, универзалните и цивилизациските вредности. Убеден сум дека денешниот напад во Бенгази не ги претставува амбициите на либискиот народ, кој доволно страдаше од режимот на Гадафи.“
Косовскиот премиер Хашим Тачи, исто така, ги осуди нападите, а претседателката Атифете Јахјага упати сочувство.
Агрон Хоџа, портпарол на муслиманската заедница во Албанија, рече дека дејствата на толпата народ претставуваат кривични дела.
„Убиството на еден човек претставува кривично дело и според религијата, е исто што и убивање на целото човештвото. Чувствуваме болка и упатуваме сочувство до американскиот народ. Ова се само неуспешни обиди да му се наштети на светскиот мир. Кој и да стои зад овие напади, е убиец и треба да ја добие заслужената казна“, рече тој.
Во Македонија премиерот Никола Груевски изрази сочувство и поддршка до Соединетите Американски Држави.
Обединетата македонска дијаспора, организација за Македонците што живеат во странство, исто така го осуди нападот.
„Нема место за тероризам и верска нетолеранција и сите ние низ целиот свет мора да застанеме цврсти и обединети под знамето на слободата во заштитата на основните идеи, врз кои се основани Соединетите Држави“, рече Мето Колоски, претседател на организацијата.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон рече дека Стивенс ја вршел својата работа само неколку месеци.
„Тој говореше елоквентно за својата страст за службата, за дипломатијата и за либискиот народ. Со почетокот на конфликтот во Либија, Крис беше еден од првите Американци на терен во Бенгази. Тој го ризикуваше својот живот за да му подаде рака на либискиот народ да ги изгради темелите на новата, слободна нација.“
Обама од Белата куќа им се заблагодари на Либијците за улогата што ја одиграа во одговорот на нападот.
„Либискиот персонал во обезбедувањето им возврати на напаѓачите заедно со Американците“, рече тој. „Либијците им помогнаа на некои од нашите дипломати да стигнат на безбедно и го однесоа телото на амбасадорот Стивенс во болница, каде што ние трагично дознавме дека починал. Посебно трагично е тоа што Крис Стивенс почина во Бенгази, бидејќи тоа е градот што тој помогна да се спаси.“
Обединетите нации, исто така, го осудија нападот во Бенгази.
„Обединетите нации го отфрлаат клеветењето на религијата во сите форми, но нема оправдување за насилството како она што се случи во Бенгази“, рече пред Советот за безбедност генералниот потсекретар на ОН за политички работи, Џефри Фелтман, за време на редовно закажаниот брифинг во Либија.
„Овој напад во никој случај не им служи на интересите на народот или либиските власти и не може да се смета за одбрана на исламот“, рече либискиот заменик-амбасадор во ОН, Ибрахим Дабаши. „Овој напад му нанесува сериозна штета на имиџот на исламот.“
Камер Касим, аналитичар во анкарската Организација за стратешки истражувања, рече дека Турција и НАТО треба да продолжат со поддршката за новата влада на Либија.
„Западниот блок, вклучително и Турција, го поддржа транзицискиот процес низ кој Либија поминуваше досега. Но, ваквите терористички напади уште еднаш покажуваат дека една ваква поддршка треба да се заснова на одржливи столбови, заедно со ефикански информативни алатки“, рече тој.
„Турција и другите западни земји треба да й дадат на Либија постојана поддршка и надзор во овој транзициски период. Ако не биде така, ние можеме да се најдеме во позиција да не можеме да ги заштитиме своите амбасади. Турција докажа дека има добар и ефикасен капацитет да обезбеди безбедносна обука за војската, како што можеше да се види посебно во нејзината успешна обука низ целиот Балкан и во Авганистан“, рече тој. „Според тоа, Турција треба да заземе многу поактивна улога во овој процес и да вложи важни напори за зајакнување на безбедносната инфраструктура и обука на властите.“
Toкјај известуваше од Истанбул, Ремиковиќ известуваше од Сараево, Карадаку известуваше од Приштина, Мурати известуваше од Тирана и Лајмановска известуваше од Скопје.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's