10/09/2012
Кампања за промовирање на мирот и единството ја одбележува 100-годишнина од балканските војни со серија концерти.
Билјана Лајмановска за Southeast European Times во Скопје -- 10.09.12
![]() Серијата концерти за промовирање на мирот и единството вклучува изведувачи од девет балкански држави. [Билјана Лајмановска/SETimes] |
Турската радиотелевизија (ТРТ) минатата недела започна со серија концерти во Скопје, по повод 100-годишнината од балканските војни. Целта на проектот, кој се одржа под мотото: „Од балкански војни до балкански мир“, е да се истакне вредноста на мирот и да се посочи на силните врски меѓу Турција и останатите балкански држави.
По скоро шест месеци подготовки, почетокот на серијалот собра на иста сцена изведувачи од девет балкански држави -- обединети преку музиката, љубовта за државата и мирот -- со заеднички филхармониски оркестар.
Првиот концерт вклучуваше традиционални музички изведби на пејачи како: Есма Реџепова од Македонија, Ирма Либохова од Албанија, Ханка Палдум од Босна и Херцеговина (БиХ), Ксенија Мијатовиќ од Србија и Сузан Кардеш од Турција.
„Целта на овој проект е да се обработи темата на војната на начин кој придонесува за мирна средина“, изјави за SETimes Сезаи Караташ, координатор за емитување на проектот на ТРТ.
Тој рече дека Турција се наоѓа во единствена географска и историска позиција да ги зајакне врските со, и меѓу, балканските држави.
Балканските војни се случија во 1912 и 1913 година. Во Првата балканска војна земјите од регионот успеаја да се ослободат од власта на Отоманската империја на Турција. Во Втората балканска војна, земјите од Балканот се бореа меѓусебно во врска со поделбата на териториите што следеше.
Караташ рече дека концертот во Скопје беше успешен и истакна дека серијата концерти продолжува и во другите држави, вклучително и концертот на поп-музика во БиХ в сабота (8-ми септември).
„Не сакавме да ги ,извезуваме’ тие уметници од Турција, туку, наместо тоа, да ги најдеме и поканиме од нивните земји за да покажеме дека сите луѓе од целиот регион може да се соберат околу една конкретна цел и дека сите тие се пријатели, и покрај штетното сеќавање од балканските војни“, рече Каратас.
Изведувачите рекоа дека, преку соработка, тие може да помогнат да се промовира подобро разбирање меѓу балканските држави.
„Отсекогаш сум зборувала за мирот и сум барала мир. Балканот треба да биде отворен и ние треба да престанеме да се бориме меѓу себе“, изјави за SETimes Есма Реџепова, ромска музичка ѕвезда од Македонија.
„Ова е многу позитивен фестивал и ... нé учи да го најдеме својот мир“, рече таа. „Музиката може да игра голема улога во тоа.“
„Нема ништо друго што може подобро да ги обедини балканските држави отколку музиката и песните“, изјави за SETimes албанската пејачка Либохова. „Музиката не познава граници и може да ја надмине секоја пречка.“
Сеќавањата на балканските војни се сé уште силни, особено во Македонија, чија територија беше поделена за време на Втората балканска војна. Сепак, според општата согласност на граѓаните, крајно време е да „му се даде шанса на мирот“.
Тања Стоиловска (56), која дојде на концертот со својата ќерка, рече дека иако двете уживале во музиката заедно, највеќе биле привлечени од пораката што беше пренесена.
„Мораме да најдеме сила да го оставиме крвопролевањето зад себе и конечно да се свртиме кон иднината“, рече таа за SETimes.
Aмир Селами (28) рече дека младите генерации, исто така, се залагаат за мир.
„Кога има војна, не можеме да се надеваме на напредок, ниту на економија. Ние, младите луѓе, не сакаме да бидеме сведоци на балкански конфликти за прв пат во историјата“, рече тој.
Историчарот Бобан Петровски од Филозофскиот факултет во Скопје се согласува. „Балканската историја во изминатите 100 години докажува дека секоја генерација тука поминала низ војна. Нема ниту еден конфликт во Европа во минатиот век што го заобиколил Балканскиот полуостров“, рече тој за SETimes.
Според Петровски, причината за ова лежи во сличноста на Балканот со кавкаскиот регион.
„Тука живеат различни нации на мала географска област, што го зголемува потенцијалот за конфликти. Поради тоа, тешко можеме да го избегнеме стереотипот на исклучително турбулентен регион“, рече тој.
Тој рече дека се чини оти силите кои се залагаат за мирно решение на конфликтите конечно почнаа да доминираат во балканските земји.
Во рамките на кампањата ќе има и други слични настани, како што се дополнителни концерти, изложби, работилници и прикажување на документани филмови на истата тема, кои ќе се одржуваат низ целиот регион во текот на следните неколку месеци.
Дописникот на SETimes од Истанбул, Менексе Токјај, даде свој придонес за овој напис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's