21/08/2012
Македонските и романските инвестиции во туристичкиот сектор помагаат за интензивирање на позитивниот тренд.
Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 21.08.12
![]() Групните посети на Охрид, на сликата горе, и другите македонски турстички места, драстично се зголемија. [Mики Трајковски/SETimes] |
Бројот на странски туристи кои ја посетуваат Македонија се зголемува две години по ред, откако владата почна да обезбедува субвенции за туристичките оператори и да спроведува други мерки, правејќи го туристичкиот сектор област на раст и можности.
Владата почна со малку и обезбеди еден милион евра минатата година, но резултатите се големи; туризмот се зголеми за 25 отсто во 2011 година, а оваа година бележи раст од 11 отсто.
„Поради позитивните резултати, владата обезбеди 2,5 милиони евра за агенцијата за туризам во вид на субвенции за 2013 година“, изјави за SETimes Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата.
Ѓорѓиев објасни дека порастот е резултат на настаните што владата ги организираше во странство, особено во земјите на Бенелукс, овозможувајќи им на македонските туроператори да потпишат договори со странските туристички агенции за букирање туристи за следните три сезони.
„Овој систем овозможува сигурен прилив на туристи, како и средства“, рече Ѓорѓиев.
Субвенциите изнесуваат и до 65 евра по турист, со цел да се охрабрат туристичките оператори да привлечат поголем број туристички групи. Но, за да се направи тоа, операторите мора да соработуваат со давателите на туристички услуги, за да се загарантира квалитет по конкурентни цени.
Во моментов, Охридскиот аеродром во Македонија има девет чартер-летови неделно, како резултат на аранжманите на туристичките агенции, што донесе повеќе од 16.000 туристи ова лето.
„Позитивниот тренд се очекува да продолжи и да забележи раст од 12 отсто во бројот на туристи следната година“, изјави за SETimes Дончо Таневски, претседател на македонската Асоцијација на хотелиери.
Таневски рече дека позитивните резултати се должат на различниот пристап на владата, вклучително и намалените даноци за туристичките услуги од 18 на 5 отсто, што директно предизвика намалување на цените и поголема конкурентност.
Македонија, исто така, презема мерки за развој на руралниот и винскиот туризам.
„Владата ќе финансира специјализирани продавници за вино на атрактивни туристички локации и, исто така, ќе ги кофинансира трошоците за украсувањето и вработувањето. Истата ќе го помогне и отворањето на мини-винарии, од кои некои се веќе отворени, но мора да се вклучат во туристичкиот [систем] заради дополнителен профит“, рече Ѓорѓиев.
Луксузната винарија Еленов во близина на живописната Демир Капија во јужна Македонија претставува пример за таа синергија.
Еленов се здружи со туристичкиот оператор со седиште во Скопје, „Фибула“, за опслужување на холандски туристи. Со постојните аранжмани туристите пристигнуваат трипати неделно на дегустација на вино и традиционална македонска кујна.
Руралниот и винскиот туризам се поддржани од македонскиот проект за самовработување, каде што владата обезбедува финансиска и друга помош за да го охрабри отворањето бизниси поврзани со туризмот.
Иако финансиската криза доведе до слабеење на туризмот во регионот, во држави како што е Грција, туризмот во Романија, исто така, расте благодарение на владините инвестиции во секторот.
Промоцијата и инвестициите во инфраструктурата се дел од туристичкиот план на Романија за двојно зголемување на приходите од туризмот и создавање работни места, според Кармен Морару, генерален менаџер во романското Министерство за регионален развој и туризам.
Романија привлече скоро 1,6 милиони туристи во 2011 година, раст од 13 отсто во однос на претходната година. Поголем дел дојдоа од Германија, Италија и Франција.
„Предвидувам раст од 5 до 7 отсто во туристичкиот бизнис на Романија, врз основа на развојот на инфраструктурата“, рече Морару за SETimes.
Дописникот на SETimes Габриел Петреску во Букурешт даде свој придонес за овој напис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's