01/08/2012
Предлогот Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора да ги здружат силите и преку соработка да изградат заедничка иднина, се шири брзо во регионот.
Сафет Кабашај за Southeast European Times во Приштина – 01.08.12
![]() Не се сите согласни дека здружувањето на четирите балкански држави за тесна соработка, е добра идеја. Никола Попоски, македонскиот министер за надворешни работи, рече дека неговата држава нема полза од тоа. [Ројтерс] |
Предлогот четири држави од регионот да ги здружат силите и да изградат „заедничка иднина“ за унапредување на политичките и економските односи, со цел забрзување на членството во ЕУ, предизвика внимание кај владите на Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора.
Гинтер Фелингер, австриски економист, и Екрем Красниќи, новинар од Брисел роден во Косово, ја претставија идејата на EUobserver.com.
„Не предлагаме нова држава, туку само потесна соработка на структурен начин, заснована на стандардните модели на ЕУ како Бенелукс или Вишеградската четворка (В4), за подобрување најпрво на економијата, а потоа и забрзување на интеграцијата во ЕУ“, рече Фелингер за SETimes. Тој рече дека Балканскиот Бенелукс 4 се заснова на еднаквост, взаемно почитување и признавање на државите и границите.
Една од позитивните страни што би произлегле од иницијативата е економската соработка, според коавторите на предлогот.
„Економска и трговска област од 8 милиони жители претставува добра можност за четирите држави да ги продлабочат своите односи“, рече Красниќи за SETimes. На тој начин, рече тој, тие ќе ги унапредат своите економии и демократии заради забрзување и подобро подготвување за членство во ЕУ, и ќе станат поконкурентни откако ќе влезат во европското семејство.
ЕУ вели дека во контекстот на пристапувањето во ЕУ на западен Балкан, регионалната соработка и добрососедските односи се важни фактори.
„Европската комисија ја поддржува регионалната соработка со оглед на тоа што истата ја унапредува размената меѓу државите, придонесува за стабилноста и добрососедските односи“, изјави за SETimes Питер Стано, портпарол за Проширување и европската соседска политика на ЕУ.
Едмонд Панарити, албански министер за надворешни работи, рече дека неговата држава е за слободно движење на луѓе и стоки.
„Оваа иницијатива е директно во интерес на напредокот и понатамошната интеграција во регионот, како насока кон интеграцијата во ЕУ“, рече Панарити за SETimes.
Приштина, исто така, е заинтересирана за тесна соработка со трите соседни држави, рече косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, но не е сигурна дали моделот на Бенелукс одговара на актуелните балкански околности.
„Не мислам дека различните модели може да бидат корисни во различни околности и периоди. Единствениот модел, инспирација и воодушевување кое Косово го има е интеграцијата во ЕУ“, рече Хоџај за SETimes.
Никола Попоски, македонски министер за надворешни работи, не гледа полза за неговата држава во рамките на оваа иницијатива. „Еден ваков проект не е логичен бидејќи Македонија нема никаков интерес да учествува во еден тесен круг“, изјави Попоски за новинарите.
Лумир Абдиџику, извршен директор на приштинскиот Институт Риинвест, рече дека за да се оствари една ваква цел, мора да има позитивна волја меѓу државите. Иако во практична смисла, иницијативата може да биде корисна, рече тој.
„Во одредено време на сите ќе им бидат тргнати границите како членки на ЕУ, со што претходната соработка има предности. Тие се мали држави, кои заедно може да бидат привлечни за потенцијалните инвеститори“, рече Абдиџику за SETimes.
„Покрај економската полза, овие четири држави немаат гранични спорови, спорови за признавањето, туку историја на позитивна соработка во последниве години“, изјави за SETimes Адријан Шеху, албански активист што работи за иницијативата.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's