10/07/2012
Грчката влада повеќе од една деценија ја одолговлекува изградбата на официјални џамии за да се задоволат верските потреби на муслиманското население.
Енди Дабилис за Southeast European Times во Атина -- 10.07.12
![]() Муслиманите се молат во подземна импровизирана џамија во Атина. [Енди Дабилис/SETimes] |
Муслиманите во Грција се оставени да се молат во подрумски станови, кафулиња, гаражи и стари складишта, од кои многу се цел на подметнувачи на пожар, додека грчката влада ја одолговлекува повеќе од една деценија изградбата на официјална џамија.
„Сите други религии тука -- Евреи, будисти -- имаат место, но ние немаме“, рече за SETimes Осама ал-Најар (48), надзорник во нафтена индустрија.
„Ако сакаме да ја следиме нашата религија, мораме да одиме во подземјето. Ние не правиме ништо лошо“, рече тој.
Наим Елгхандур (57), претседател на Муслиманското здружение на Грција, кое тврди дека има околу 18.000 членови, рече дека не се молел во џамија скоро 40 години, откако дошол во Грција од родниот Египет.
Во Атина има околу 100 импровизирани џамии, како што е онаа во подрумот веднаш до драгсторот во сопственост на пријателот на Елгхандур, Мазен Расас.
„Не е исто“, рече за SETimes Елгхандур. „Без официјални санкции, муслиманите се, исто така, без имам“, рече тој.
Елгхандур рече дека има практични тешкотии во достапот до импровизираната џамија од населбите на половина час оддалеченост, како и во одржувањето.
„Кој може да дојде тука и да се моли пет пати на ден? Сите овие импровизирани џамии се незаконски“, рече Елгхандур.
Околу 50.000 муслимани живеат во Грција, при што околу 40 отсто од нив се во Атина.
„Многу од нив [се] илегални имигранти, неодамнешни цели на расистички напади и владино протерување за да го ослободат градот од нив, потези што го интензивираа непријателството кон муслиманите. Повеќе од половина од Грците анкетирани минатата година се спротивставија на официјална џамија“, рече Расас за SETimes.
Атина е единствениот главен град во ЕУ без џамија; не е дозволена изградба на џамија од 1883 година, кога Отоманците го евакуираа градот.
Само муслиманската енклава, каде што доминира турското население, Тракија, има официјална поддршка од грчката влада за исламски светилишта.
Владата разгледува голем број места за да го финансира градењето џамија. Но, економската криза, заедно со отпорот на грчката јавност во поглед на поврзувањето на џамиите со отоманското присуство, како и притисокот од моќната Грчка православна црква, ги блокира сите планови.
Истиот вклучува и предлог за реновирање на градбата на затворена поморска база во западна Атина, по цена од 750.000 евра.
„Но, ние никогаш не бевме повикани и не бевме прашани за тоа место“, рече Елгхандур.
Тој рече дека планот е дизајнот на џамијата да биде минималистички, без минариња или какви било исламски мотиви, радикално намалување од претходните планови за изградба на нова градба од 1.000 квадратни метри, за 16 милиони евра, и за 500 верници.
Муслиманите, во меѓувреме, се сé поочајни. Пред две години скоро 1.000 верници го користеа плоштадот на Атинскиот универзитет за молитви на отворено, но мораа да бидат чувани од 7.000 полицајци.
Минатиот септември поддржувачите на неонацистичката Златна зора -- која освои 18 места во парламентот минатиот месец -- ги нападна верниците за време на молитви, фрлајќи им јајца и јогурт.
Пред Атинската Олимпијада во 2004 година, Саудиска Арабија понуди да изгради мега-џамија далеку надвор од градот, во близина на аеродромот, но идејата беше напуштена откако моќната Грчката православна црква изрази силно противење.
Сепак, има индикации дека позицијата на владата може да омекне. Јанис Бутарис, градоначалник на Солун, рече дека сака официјална џамија таму за 5.000 муслимани што живеат во градот.
Бутарис е познат по заложбите за меморијален споменик за основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк, кој е роден во градот и кој велел дека Грците и Турците се браќа.
Една џамија во срцето на Атина -- Преполната Џамија -- е историско исламско светилиште од 15-тиот век, која е во очајна состојба и се користи како складиште за археолошки пронајдоци. Пазарот на стари работи Монистираки е во близина.
Муслиманите во Грција ќе истрајат во намерите да добијат џамија. „Тие не можат да нé запрат“, рече Елгхандур.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's