20/06/2012
Иако Бугарија се наоѓа во сеизмички активен регион, помалку од 10 отсто од домовите во земјата се осигурени од земјотреси.
Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија -- 20.06.12
![]() Соседите Бугарија, Турција и Романија досега претрпеле катастрофални земјотреси. [Ројтерс] |
Дебатата за задолжително осигурување на домот повторно се разгоре откако земјотрес со јачина од 5,8 степени го потресе градот Перник, околу 30 километри југозападно од Софија.
Земјотресот од 22-ри мај, најсилен во близина на главниот град од 1858 година, оштети 56 општински згради во Перник и соседните села, заедно со многу домови.
Околу десет дена по земјотресот и неговите стотици последователни потреси, бугарската министерка за регионален развој, Лилјана Павлова, повика на законски измени со цел да се направи осигурувањето на домот задолжително. Во моментов се бара осигурување само за државниот и општинскиот имот.
Скоро 98 отсто од целиот имот во земјата е во приватна сопственост, што ја прави Бугарија уникатна во таа смисла, според Павлова. „Како сопственици, мораме да се грижиме за нашиот ... имот“, рече таа во интервјуто од 2-ри јуни за софиското приватно Дарик Радио. Павлова сака да се осигураат сите домови. Во моментов, само оние кои ги финансираат своите станбени кредити преку банка мора да обезбедат осигурување, како што е случајот во Хрватска и Албанија.
Софиската адвокатка Маја Златева, во принцип, се согласува.
„Јас ќе бидам прва што ќе го осигури имотот, но не додека не биде подобрена законската рамка што го покрива тој систем, за да се загарантира дека интересите на двете страни се подеднакво заштитени, а не само оние на осигурителните претпријатија“, рече таа за SETimes. „Повеќето од нив сега се интересираат само како да ве убедат да купите полиса. Но, кога ќе се случи осигурителен настан, се колебаат за плаќањето.“
Августина Асенова (40), невработена жителка на Софија, ја поддржува идејата на Павлова.
„Да, мојот дом е осигурен, вклучително и од земјотрес“, рече таа за SETimes. „Со малкуте пари што ги земав, нема да можам да го покријам трошокот за ниедна поголема штета самата. Очигледно, ниту државата не може да се дозволи да им помогне на сите во случај на голема катастрофа.“
Бугарија е погодена од 11 земјотреси со јачина од најмалку 6,0 степени според Рихтеровата скала, од втората половина на 19-тиот век. Земјотресот од 18-ти септември 1858 година во Софија, повеќе од 30 години пред да започне систематскиот мониторинг во Бугарија, се опишува како најкатастрофален, и се смета дека бил со јачина од околу 9 степени според Рихтеровата скала.
Според официјалните податоци, во Бугарија во 2011 година имало вкупно 3,9 милиони живеалишта. Но, осигурителите проценуваат дека помалку од 10 отсто од нив се покриени со полиси за штета на домаќинства, предизвикана од редица природни катастрофи, како што се поплави и поројни дождови, но не и земјотреси.
„Земјотресите се наоѓаа на листата на природни катастрофи во комунистичките времиња“, рече за SETimes Анелија Ангелова, менаџер на осигурителното претпријатие Виара во Софија. „Затоа многу луѓе сé уште веруваат дека кога ќе купат полиса за домаќинства, тие го осигуриле својот имот и од земјотрес. Но, сега тоа е друга полиса.“
Цитирајќи ги податоците на Комисијата за финансиски надзор, софиската приватна телевизиска станица бТВ неодамна објави дека само 8,5 отсто од целиот имот во Бугарија е моментно осигуран од земјотрес.
Земјотресот во Перник, наводно, поттикна дискусија во самата влада за евентуално создавање фонд за осигурување од катастрофи, сличен на оние во соседна Романија и Турција, каде што земјотресите се чести.
Турскиот Фонд за осигурување од катастрофи беше формиран откако земјотрес со јачина од 7,6 степени ја погоди западна Турција на 17-ти август 1999 година, при што загинаа 17.000 луѓе. Парламентот усвои легислатива со која осигурувањето од земјотрес стана задолжително за сите регистрирани станбени објекти во општинските рамки, но спроведувањето во најдобар случај е фрагментирано.
Романскиот План за осигурување од катастрофи, воспоставен во 2008 година, исто така, го направи задолжително осигурувањето на живеалиштата од земјотреси, лизгање на земјиштето или поплави.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's