16/06/2012
Дино Асанај, директорот на косовската Агенција за приватизација, се прободил неколкупати во својата канцеларија, покажа аутопсијата.
Линда Карадаку и Сафет Кабашај за Southeast European Times во Приштина --16.06.12
![]() Директорот на Косовската агенција за приватизација, Дино Асанај, беше под истрага за корупција. [Лаура Хасани/SETimes] |
Директорот на косовската Агенција за приватизација, кој беше под кривична истрага за наводно барање мито од 4 милиони евра од сопствениците на еден косовски хотел, изврши самоубиство со повеќекратно прободување во својата канцеларија во Приштина, соопштија властите. Дино Асанај беше погребан пред 300 членови на семејството и пријатели во петокот (15-ти јуни), истиот ден кога аутопсијата потврди дека Асанај си го одзел животот во четвртокот, додека трае истрагата за корупција.
„Нема сомневање дека самиот си ги предизвикал повредите“, изјави за SETimes Арсим Герџалиу, директор на Одделот за судска медицина. „Почнал со мали засеци, најпрво на вратот, а потоа и подолу на градите. Засеците се правени брзо и тој изгубил крв што ја предизвикало неговата смрт. Тоа траело неколку минути.“
Инспекторите рекоа дека Асанај употребил кујнски нож, кој бил пронајден на местото на настанот. Герџалиу рече дека Асанај имал 11 рани од нож на вратот и градите, додека фатални биле две рани кои допреле до неговите бели дробови и срцето.
Властите се внимателни во прогласувањето на смртта за самоубиство. Обвинителот Блерим Исуфај рече дека властите сослушале неколку луѓе и собрале докази. „Ова е првата фаза од истрагите и јас, како обвинител, не можам да го оквалификувам како убиство, ниту како самоубиство, бидејќи сé уште немам прецизни докази што би не воделе до едната или другата страна“, рече тој. Извештајот од аутопсијата ќе биде испратен до државното обвинителство.
Асанај беше советник на премиерот Хашим Тачи и во 2008 година стана претседател на одборот на агенцијата за приватизација. Обвинителите претходно оваа година отворија истрага за наводите дека Асанај побарал мито од сопствениците на Гранд хотел во Приштина, кој беше приватизиран во 2006 година, но не го исполни својот договор со државата.
Според косовските закони за приватизација, претпријатијата може да бидат „блокирани“ од државата откако ќе бидат продадени, ако сопствениците не се придржуваат на условите на договорот -- обично ако не инвестираат во бизнисот или не ги достигнат нивоата на вработување. Ремзи Ејупи, сопственик на 20 отсто од акциите на Гранд хотел во Приштина, рече дека Асанај побарал 4 милиони евра за да го деблокира хотелот. Истрагата за корупција беше објавена претходно овој месец во косовскиот весник Коха Диторе.
Асанај ги отфрли обвинувањата и јавно ги повика луѓето да му предадат докази на обвинителството. „Тоа е единствениот пат што треба да се следи и јас ја искажувам својата подготвеност да им одговорам на надлежните тела во секој момент“, одговори јавно Асанај.
Eјупи во петокот ги повтори своите обвинувања против Асанај. „Убеден сум дека властите во државата, и меѓународните претставници, ќе ги расветлат реалните мотиви зад овој трагичен настан“, рече тој.
Не се знае како инспекторите ќе продолжат со истрагата за корупција. „Ако едно осомничено лице почине, и ако нема други лица вмешани во случајот, истрагите се затвораат“, рече за SETimes Дрита Хајдари, обвинителка во приштинското обвинителство.
Јакуп Красниќи, портпарол на парламентот и вицепремиерот Хајредин Куќи, говореа на погребот на Асанај. Парламентот, исто така, одржа едноминутно молчење во негова чест. „Тој беше свесен за сложеноста на [процесот на приватизација] и за суштинската важност на приватизацијата. На Косово секогаш ќе му недостига, Косово за кое тој се ангажираше толку многу и толку долго време“, рече Красниќи.
Хаџи Арифи, претставник на семејството кој говореше на погребот, ги повика присутните да ја поддржат работата на Асанај. „Дино, за жал, предвремено замина, тоа е голема загуба за сите што не може да се надомести. Кога ве гледам сите вас, убеден сум дека Дино ќе продолжи да живее со неговата работа“, рече тој.
Ужасниот инцидент предизвика загриженост, рече Себ Битичи, извршен директор на Институтот за балканска политика.
„Мислам дека треба да веруваме во официјалната аутопсија. Сепак, важно е да разбереме што го принудило еден човек на таква важна позиција, да изврши самоубиство“, рече тој за SETimes. „Да се надеваме дека овој трагичен случај ќе води до расветлување на неправилностите во процесот на приватизација.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's