08/06/2012
Десетици илјадници жени во БиХ и Косово сé уште имаат трауми од сексуалните напади во времето на војната, оружје што денес, наводно, се користи во Сирија.
Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 08.06.12
![]() Траумата и срамот од сексуалните напади извршени за време на конфликтите во 1990-тите, остануваат. [Ројтерс] |
Во текот на историјата, сексуалните напади се користеле како оружје на војната, па сé до настаните што моментно се случуваат во Сирија. Британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг, минатата недела рече дека околу 50.000 жени биле цел на напад во Босна и Херцеговина (БиХ) за време на конфликтите во 1990-тите, додека во Сирија, безбедносните сили „го користат силувањето како врз мажите, така и врз жените, како инструмент за ширење страв меѓу опозицијата“.
Британија објави дека ќе формира тим од полицајци, адвокати, форензичари и психолози, кои ќе отпатуваат до воените зони за да соберат докази во врска со масовните сексуални насилства, и кои ќе се користат во судските процеси на осомничените за силување.
На 30-ти мај, Балкан инсајт ја цитираше изјавата на Хејг дека само околу 30 извршители на сексуални напади во БиХ се осудени од локалните судови или Меѓународниот кривичен трибунал на поранешна Југославија (МКТЈ).
„Кај скоро половина од 161 лице [обвинети] од страна на Трибуналот, вклучени се и обвиненија за сексуално насилство. Трибуналот беше првиот меѓународен трибунал кој започна судски постапки против извршителите на воено сексуално насилство“, рече за SETimes Нерма Јелашиќ, портпаролка на МКТЈ.
Во 1995 година Трибуналот подигна обвиненија против одреден број луѓе за сексуално насилство во камповите околу Приедор. Две години подоцна, МКТЈ стана првиот меѓународен трибунал што изрече пресуда за сексуално насилство во случајот на Душко Тадиќ.
Друга историска пресуда следеше во 2004 година, кога генерал Радислав Крстиќ беше осуден на 35 години затвор за вмешаност во геноцидот во Сребреница, вклучително и за сексуално насилство извршено од страна на неговите војници. Ова беше прв случај во историјата во кој силувањето беше прогласено за инструмент на етничко чистење.
Сараевското Здружение на жени-жртви на војната вели дека сé повеќе жртви го прекинуваат своето молчење.
Основачот на здружението, Бакира Хасечиќ, изјави за SETimes дека „98 отсто од воените злосторства се извршени врз бошњачките жени“, иако здружението има бошњачки, хрватски и српски членови. Во поново време, се приклучија и ромски жени.
Надминувањето на траумата, додаде таа, „е невозможно [да] избрише од нашите глави сé што преживеавме“.
Таа ја критикува стратегијата усвоена во 2008 година за судско гонење на осомничените воени злосторници. „Ако продолжат со оваа стратегија ... ќе им требаат 1.000 години.“
Од крајот на 2010 година, 28 лица се осудени за сексуални насилства во БиХ, а четворица се дополнително осудени дека не спречиле вакви кривични дела. Некои добија долги казни, како што е Миломир Стакиќ, кој доби 40 години.
Жртвите на силувањата не беа вклучени во соодветните закони за жртвите на војната, ниту во БиХ, ниту во Косово. Ниту, пак, има точни цифри за бројот на жртвите во Косово.
„Се вели дека бројот на силувани жени се движи меѓу 10.000 и 20.000. Во нашето општество, луѓето сé уште не говорат отворено за ваквиот вид насилство“, рече за SETimes Фериде Рушити, од Центарот против тортурата во Приштина.
Според извештајот од мај 2000 година на Хјуман рајтс воч, повеќето силувања се извршени од „српските парамилитарци“ поврзани „или со српското Министерство за внатрешни работи или со Југословенската армија“.
Последиците за овие жени се огромни, истакна Рушити, и честопати водат до развод или одлука никогаш да не се омажат.
Хасечиќ се согласува. „Ниту една од жените не ја надминала траумата. Живееме од инает, борејќи се за правдата и вистината.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's