04/06/2012
Законот за национален попис на Босна и Херцеговина е нерегуларен и дискриминаторски, и носи ризик да ги вкорени поделбите, велат водечките невладини организации.
Анес Алиќ за Southeast European Times во Сараево -- 04.06.12
![]() Роми во Какањ, БиХ, гледаат локални прослави преку својот прозорец. Невладините организации велат дека новиот закон за пописот ќе даде искривена слика за малцинското население во БиХ. [Ројтерс] |
Новиот закон за пописот на Босна и Херцеговина (БиХ) предизвикува стравувања за тоа што би можеле да значат новите статистички податоци за малцинствата во земјата. Оваа чувствителна точка на пописот ја држи БиХ зад другите земји од Западен Балкан, од кои многу спроведоа попис во 2011 година.
Законот, усвоен во февруари под зголемен меѓународен притисок, го отвори патот за БиХ да одржи национален попис во април 2013 година -- прв попис на земјата од 1991 година.
Пописот е клучен за аспирациите на БиХ за интеграција во ЕУ и потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), што е прв чекор кон членството во ЕУ. Токму оваа иницијатива ја поттикна владејачката коалиција на земјата од шест партии да го реализира законот за попис.
Но, според локалните невладини организации и групи за човекови права, пописот ќе помогне да се вкорени етничката политика и да се легитимизира дискриминацијата на малцинства во земјата.
Невладините организации во БиХ се многу загрижени. Во неформалните разговори претставниците на невладините организации им изразуваат загриженост во врска со природата на новиот закон за попис на претставниците на ЕУ, но тие за SETimes изјавија дека добиваат само нем одговор, и дека меѓународната заедница се чини оти не се решава да го форсира прашањето и ги одложува процедурите.
Енди Мекгуфи, портпарол на делегацијата на ЕУ во БиХ, рече дека мониториг мисијата ќе ја оствари својата втора посета овој месец.
„Податоците од пописот -- односно одржувањето на пописот -- се од клучна важност за идниот просперитет на Босна и Херцеговина и интеграцијата во ЕУ. Јавните сервиси може да се планираат соодветно само на здрава статистичка основа. Странските инвеститори бараат вакви информации кога одлучуваат дали да инвестираат во земјата. Сите податоци за населението ќе бидат потребни за да се формулираат одговорите кога Босна и Херцеговина ќе добие прашалник од Европската комисија, во согласност со апликацијата за членство“, рече тој.
„Се плашам дека недостатоците [во законот за попис] не се од техничка природа, туку се намерно продолжување на уставната дискриминација на етничките малцинства, и нема политичка волја за негова измена“, рече за SETimes Лидија Пискер, претставничка на коалицијата невладини организации Иницијатива за слободно изјаснување.
Според Пискер, прашалниците имаат големи недостатоци во делот каде што се зборува за религијата, националната припадност и јазикот.
„Од самиот почеток, немаше период за јавен коментар, и во парламентот не беше усвоен процес на јавна консултација. Граѓанските групи, малцинските групи, телата за човекови права и мониторинг телата, немаа можност да придонесат или да коментираат за законот со цел да се обезбеди транспарентност“, рече Пискер.
Дерво Сејдиќ, претставник на Ромскиот информативен центар Кали Сара, изјави за SETimes дека не само што пописот ќе даде искривена слика за босанското население, туку и ќе ја охрабри тековната поделба на БиХ на три главни групи, плус „другите“.
„Од суштинска важност за овој попис е да се почитуваат правата на сите за слободно изјаснување или изјаснување како припадници на етничка или верска група. Идеално би било зборот ,другите’ воопшто да не се користи“, рече Сејдиќ.
Од вкупно 45 прашања во прашалникот, три се посветени на етничките карактеристики. Од граѓаните ќе биде побарано да ја кажат својата национална припадност, верската припадност и својот мајчин јазик -- прашања на кои жестоко се спротивставија групите за човекови права и малцинства.
Маја Сахаџиќ, претставничка на Здружението за меѓународно право во БиХ, изјави за SETimes дека поради чувствителната етничка и политичка ситуација во земјата, спорните прашања треба да се исклучат од прашалникот, исто како што се исклучени во многу земји на ЕУ.
„На пример, Белгија, Грција, Италија, Луксембург и други, не прашуваат за верската припадност или мајчиниот јазик. Како опциони прашања, оние за етничката и верската припадност треба да се исклучат од пописот или да се опфатат на соодветен начин, за да се избегне дискриминација“, рече Сахаџиќ.
Пискер рече дека невладиниот сектор ќе започне кампања за поттикнување на меѓународната заедница да преземе дејства во врска со актуелната дискриминација на малцинствата и политизацијата на пописот.
„Со оглед на тоа што човековите права и недискриминацијата се основни принципи на ЕУ, очекуваме [тие] да заземат поактивна улога во босанскиот попис. Ние ќе бараме ЕУ да заземе официјален став за ова до ноември, кога ќе биде претставен годишниот извештај за напредокот на Босна“, рече Пискер.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's