01/06/2012
Катар инвестира многу во Бугарија, вклучително и во автопат за олеснување на трговските врски меѓу пазарите во ЕУ, Балканот, Турција и на Блискиот Исток.
Менексе Токјај за Southeast European Time во Истанбул -- 01.06.12
![]() Бугарската патна мрежа е слабо интегрирана со нејзините соседи. [Ројтерс] |
Бугарија, Турција и Катар се согласија да започнат заеднички четиригодишен проект за изградба на автопат низ Бугарија, унапредувајќи ја запоставената патна инфраструктура на Бугарија, со истовремено проширување на турските и катарски инвестиции во најсиромашната држава на ЕУ.
Градот Русе, кој се наоѓа на границата со Романија, ќе биде поврзан со Свиленград во близина на границата со Грција и со Турција преку 300-километарски автопат. Проектот се проценува дека ќе чини 777 милиони евра, и ќе биде реализиран со јавно-приватно партнерство.
„Патот Русе-Свиленград е првиот досега заеднички проект инициран на меѓувладина основа, кој вклучува три држави: Катар, Турција и Бугарија“, рече за SETimes Весела Чернева, портпаролка на бугарското Министерство за надворешни работи.
„Патот ќе биде дел од паневропскиот коридор 9 и ќе го комплетира т.н. кружен пат на Црното Море. Автопатот се очекува да биде од голема вредност за поврзувањето на Европа со Истанбул и понатаму, со Блискиот Исток“, додаде таа.
Паралелно со договорот од 24-ти мај за изградбата на автопатот, беа потпишани одделни меморандуми за разбирање во земјоделството, туризмот, рударството, недвижностите и здравствениот сектор. Катарскиот премиер Хамад Бин Јасим Јабр Ал Тани рече дека неговата земја, богата со нафта и гас, ќе инвестира 200 милиони американски долари (162 милиони евра) во бугарската Централна банка, за да ја покаже сериозноста на намерата на Катар да инвестира во Бугарија.
Минатиот март Турција и Бугарија потпишаа вкупно 17 договори за време на посетата на делегацијата на бугарската влада предводена од премиерот Бојко Борисов.
Турција има значителни инвестициски и трговски интереси во Бугарија, додека малиот Катар -- кој силно се бори со поголемите од себе на меѓународната сцена -- инвестира многу низ целиот свет за проширување на своето економско и политички влијание.
„Катар е загрижен за безбедноста на својата храна и е подготвен да инвестира во бугарскиот земјоделски сектор. Катар ервејс неодамна почна со летови за Бугарија. Очигледно, ние сме сведоци на сеопфатен, но сепак многу добро образложен, интерес на Катар за Бугарија, можеби како една од точките за влез во регионот и во ЕУ“, рече за SETimes Пламен Ралчев, асистент на Универзитетот за национална и светска економија во Софија.
„Затоа, невидливите, стратешки реперкусии од овој инвестициски интерес може да ги надминат неговите видливи финансиски приходи“, додаде тој.
Музафер Кутлај, балкански експерт во Меѓународната организација за стратешко истражување, експертска група со седиште во Анкара, подвлече дека кризата со суверениот долг во еврозоната -- која купува скоро 60 отсто од бугарскиот извоз -- директно го попречи економскиот раст во Бугарија. За да ја надмине економската стагнација, на Бугарија й требаат нови инвестиции.
„ЕУ не й ветува толку многу на Бугарија, поради што земјата се свртува кон својот најблизок источен сосед, а тоа е Турција“, рече таа за SETimes. Таа рече дека Турција има компетентни претпријатија кои работат во инфраструктурниот и градежниот сектор, кои се сметаат за важна придобивка.
Сега кога Катар ги проширува инвестициите на Балканот, Кутлај вели дека Турција дејствува како „неофицијален посредник“ за привлекување на капитал од Заливот во Бугарија, користејќи ги своите пријателски односи со Катар.
Во текот на изминатата деценија, вкупниот обем на трговијата меѓу Турција и Бугарија скокна скоро четирикратно, достигнувајќи околу 3 милијарди евра во 2011 година. Бугарија е клучната влезна точка за турската стока во ЕУ, Балканот и Источна Европа, што го прави ефикасниот транспортен коридор низ Бугарија, главен економски приоритет.
Бугарија и Катар, исто така, ги проценуваат трговските и инвестициските можности за течниот природен гас, со цел да помогнат во намалувањето на зависноста на Бугарија од рускиот гас.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's