Црна Гора работи на најдобро можно искористување на новото членство во СТО

19/05/2012

По седум години преговори, Црна Гора стана дел од глобалната асоцијација, што би требало да помогне да се покрене економијата. Но, за тоа ќе биде потребен одреден труд.

Недељко Рудовиќ за Southeast European Times во Подгорица -- 19.05.12

photo

Виното е клучен извозен производ за Црна Гора, но аналитичарите велат дека членството во СТО треба да ја отвори врата за уште многу производи и сектори. [Ројтерс]

Малата медитеранска држава, независна од 2006 година, беше официјално примена во Светската трговска организација (СТО) на крајот од минатиот месец, станувајќи дел од клубот со влијание. Истиот се гордее со преку 150 членови, кои сочинуваат 97 отсто од светската трговија.

Членството значи дека црногорските претпријатија имаат пристап до пазарите на секоја друга земја од СТО, според истите услови како и сите други членови на организацијата. Покрај тоа, ова испраќа силен позитивен сигнал до странските инвеститори што бараат стабилен и предвидлив економски систем.

„Да се биде член на светскиот трговски систем значи голема потенцијална полза за сите претпријатија што можат да учествуваат во меѓународната трговија, во поглед на конкурентен пазар“, рече за SETimes Лилјана Филиповиќ, заменик-претседател на Стопанската комора на Црна Гора.

„Тоа е, исто така, нов силен поттик за процесот на пристапување во ЕУ и растот на регионалната трговија. Членството во СТО претставува гаранција за безбедност, предвидливост, нови работни места ... Тоа ќе им обезбеди на потрошувачите поголем избор и пониски цени“, додаде таа.

Од друга страна, Црна Гора ќе мора да намали некои тарифи и да укине други, што го покренува прашањето: дали црногорските претпријатија се способни да се натпреваруваат со моќните странски претпријатија кои нудат пониски цени за истите или сличните производи? Експертите предупредуваат дека црногорската економија мора да ги подигне стандардите на квалитетот за да преживее на слободниот, светски пазар.

Драган Лајовиќ, професор по економија на Универзитетот во Подгорица, смета дека најголемата предност од пристапувањето во СТО е намалувањето на цената на извозот, и така малите држави стануваат поконкурентни: „Треба да очекуваме зголемување на извозот и економски раст на Црна Гора“, рече тој за SETimes.

„Членките на СТО не можат да ја заштитат домашната индустрија од поевтините производи произведени во странските земји. Сепак, многу е важно членките да ја зголемат конкурентноста на домашните претпријатија, да го сфатат потенцијалот за трансфер на знаење, вештини и умеење, и да охрабрат континуирана обука на работната сила, конкурентност и стабилност“, додаде Лајовиќ.

Искуствата во регионот покажуваат дека пристапувањето во СТО не го загрозува домашното производство. Словенија пристапи прва, по што во 2000 година следеа Албанија и Хрватска. Македонија беше следна во 2003 година. Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) се во финалните фази на преговорите.

Според различни анализи, трговијата претежно се одвива меѓу државите во регионот кои се приближно на исто ниво од економскиот развој. Во Хрватска, Македонија и Албанија, на пример, има стравување дека домашните пазари ќе бидат преплавени од производи со подобар квалитет и поевтини од ЕУ и од највлијателните членки на СТО.

Од 2006 година земјите од Југоисточна Европа официјално станаа дел од единствениот пазар на ЦЕФТА, кој функционира -- но не совршено -- поради бројните пречки што членките ги користат за да го заштитат домашното производство. Со пристапувањето во СТО, сите бариери мора да се елиминираат.

„Понатамошната либерализација значи потреба за зајакнување на конкурентската моќ на домашните претпријатија за соочување со притисокот на конкуренцијата, со истовремена потреба за зајакнување на пазарните пристапи, за да се направат нивните производи поуспешни во изнаоѓањето домашни и странски потрошувачи“, рече Филиповиќ.

Минатата година Црна Гора извезе производи во вкупно 68 држави, но во најголема мера извозот беше концентриран во десет земји. Нејзините најголеми трговски партнери се Србија, Унгарија и Хрватска. Црна Гора увезуваше од 176 земји, но повторно во најголема мера извозот доаѓаше од десет земји. Србија повторно е главен партнер.

Огромниот трговски дефицит на Црна Гора произлегува од фактот дека извозот покрива само околу 25 отсто од увозот. Земјата претежно извезува алуминиум и вино, а увезува гориво и храна. Значителен дел од домашните приходи произлегува од туризмот, со оглед на уникатната географија која овозможува лесен пристап како до морето, така и до планините.

Поврзани написи

Loading

Експертите истакнуваат дека Црна Гора мора да ја промени структурата на својата економија и да го зајакне производството за да може да извезува, што е главна предност на пристапувањето во СТО. Портпаролката на Министерството за економија, Драженка Бечировиќ, вели дека услужниот сектор може да биде еден носител на економскиот развој, со оглед на тоа што овој сектор сега сочинува повеќе од 2/3 од светскиот БДП.

„Развојот на услужниот сектор е важен не само од гледна точка на меѓународната трговија, туку и како индикатор на економскиот развој. Ефикасноста на индивидуалниот сервисен сектор [ја покажува] ефикасноста на другите сектори од економијата“, рече Бечировиќ за SETimes.

Таа додаде дека членството во СТО покажува дека Црна Гора не е само дестинација со јасно дефинирани трговски правила, туку и привлечно место за инвеститорите што бараат поевтин пристап до другите пазари во регионот.

„Очекувањата се дека членството ... ќе испрати позитивен сигнал до странските инвеститори кои може да дојдат во земја која ги почитува меѓународно прифатените трговски правила. Во согласност со тоа, Црна Гора [најверојатно] ќе ја подобри економската соработка, не само со соседните земји, туку и со другите членки на СТО“, предвиде Бечировиќ.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Репортажа

Политичкиoт дијалог, програмите на граѓанското општество помагаат да се надминат поделбите во регионотПолитичкиoт дијалог, програмите на граѓанското општество помагаат да се надминат поделбите во регионот

Тековните напори на политичките партии и невладините организации помагаат да се започне мирна преобразба.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Хрватска ќе стане 28-мата членка на Европската унија на 1-ви јули. Која држава треба да биде нејзина следна членка?

Maкедонија
Црна Гора
Србијa
Tурција
Aлбанија
БиХ
Косово



Види ги резултатите Додадете коментар