17/05/2012
Поради загриженоста дека вториот круг од изборите, исто така, ќе заврши со пат-позиција, Грците ги повлекуваат заштедите од локалните банки.
Енди Дабилис за Southeast European Times во Атина -- 17.05.12
![]() Грците повлекоа 700 милиони евра од банките, од изборите на 6-ти мај, кои не дадоа влада. Гувернерот на централната банка, Јоргос Провопулос, предупреди дека „стравот може да се претвори во паника“ во неделите пред новите избори кои може да предизвикаат излегување на Грција од еврозоната. [Ројтерс] |
Неоформувањето коалициска влада од страна на раскараните политички партии во Грција, по изборите без разрешница од 6-ти мај, доведе до тоа претседателот Каролос Папуљас да ја стави земјата во рацете на привремена администрација, до новите избори на 17-ти јуни.
Привремениот водач, претседателот на Советот на државата, Панајотис Пикраменос, кој е исто така и судија, ќе се бори да ја одржи смиреноста во земјата додека растат стравувањата дека политичката нестабилност би можела да ја исфрли Грција од еврозоната.
Караниците околу мерките за штедење -- поддржани од некогаш доминантните конзервативци на Нова демократија и социјалистите на ПАСОК, но отфрлени од другите пет парии што освоија доволно гласови за да добијат места во парламентот -- ги попречија напорите за создавање коалиција. Обидите на Папуљас да ги убеди партиите да постигнат решение за влада на „личности“, која ќе биде водена од технократ, исто така, пропаднаа.
Грција од ноември е водена од нестабилна коалиција која почна со три партии, но заврши како непосакуван хибрид на Нова демократија и ПАСОК. Истата доживеа неколку назадувања на анкетите за јавното мислење поради лутината на гласачите околу кратењата на платите, даночните зголемувања и намалените пензии и не й даде мандат на ниту една партија.
Длабоко задолжената земја преживува од првиот круг од 109 милијарди евра од заемите за спас на Тројката ЕУ-ММФ-ЕЦБ, која треба да почне со втората финансиска помош од уште 130 милијарди, но само ако следната влада спроведе нови мерки на штедење и кратења на уште 12 милијарди евра од расходите. Секој обид за чепкање во реформите, вели Тројката, може да доведе до прекинување на приливот на пари.
Степенот на загриженост во Грција, која страда од длабока рецесија, 21,7 отсто невработеност и затворање 1.000 бизниси неделно, е толкав што очајните Грци повлекоа 700 милиони евра од кризниот банкарски сектор на земјата од 7-ми мај.
Гувернерот на Банката на Грција, Јоргос Провопулос, наводно рекол дека „стравот може да се претвори во паника“ и да создаде огромна навала за повлекување пари од банките, кои имаат толку голема потреба за готовина што мора да се рекапитализираат.
Подеднакво загрижувачки се и шансите следните избори да резултираат со уште една пречка.
„Се плашам“, рече за SETimes Костас Ифантис, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Атина. „Можеме само да се надеваме дека Грците ќе имаат минимум разум за следниот пат кога ќе излезат на гласање.“
Нова демократија победи на изборите на 6-ти мај, но со само 18,8 отсто од гласовите -- недоволно за формирање влада -- и се обиде да договори коалиција со својот инаку лут идеолошки противник, ПАСОК.
Меѓу нив беше неочекуваната второпласирана партија, Коалицијата на радикалната левица, позната како СИРИЗА, партија која е против мерките за штедење, предводена од 37-годишниот поранешен градежен инспектор, Алексис Ципрас, кој постигна драстичен скок со популистичка реторика, барајќи крај на казнените мерки. Тој ги блокираше обидите за создавање влада за која тој рече дека нема да има легитимитет без неговата група.
Ципрас ги предизвика водачите на еврозоната да ги остварат заканите за крај на помошта за Грција. Тој рече дека тие ќе бидат принудени повторно да преговараат за условите на финансиската помош, ако не сакаат да го срушат економскиот блок од 17 држави што го користат еврото.
Неговите ставови се чини дека добија на сила. „Луѓето генерално веруваат дека [Тројката] нема да нé принуди да заминеме бидејќи цената на европската или глобалната економија ќе биде превисока“, рече Ифантис.
Но, Пол Донован, глобален економист во УБС Банка, предупреди на Си-Ен-Ен дека „ако Грција излезе од еврото, таа нема да биде сама ... ќе има повлекување на депозитите од банките низ поголем број земји“.
Платон Тиниос, професор по економија на Универзитетот во Пиреја, вели дека има премногу неизвесност за да се оцени што ќе се случи. „Идејата е дека луѓето гласаа со своите срца првиот пат, а вториот пат ќе гласаат со своите глави“, рече тој за SETimes.
Но, додава тој, „тоа би можело да биде повторување на претходните избори, туркајќи ја земјата уште повеќе во ќор-сокак“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's