03/05/2012
Политичките водачи се придржуваат на своите сценарија поради лутината околу мерките на штедење, несигурноста и растечкиот број десничарски групи.
Енди Дабилис за Southeast European Times во Атина -- 03.05.12
![]() Членовите на екстремистичката десничарска партија Златна зора држат знамиња со своето партиско лого на предизборен митинг во Атина. [Ројтерс] |
Во услови на економска криза и апели од екстремистичките групи до разочараното население, Грците ќе излезат на гласање в недела (6-ти мај), на најважните избори од падот на воената хунта во 1974 година.
Стравувајќи од зголемената лутина поради мерките на штедење што ги побараа меѓународните кредитори во замена за двата пакети финансиска помош во вкупна вредност од 239 милијарди евра, поголем дел од грчките политичари претежно се придржуваат на одржувањето говори пред лојалното партиско членство, без да излегуваат на улиците.
Тие се плашат да не бидат критикувани или нападнати, како што им се случи на некои политичари, кои беа цел буквално на тули, јајца, јогурт и други предмети. Се појавија политички групи кои се противат на кратењата на платите, зголемувањата на даноците и намалувањето на пензиите, што ги побара Тројката ЕУ-ММФ-ЕЦБ како услов за финансиската помош.
„Ова се нејнеизвесните избори од 1950-тите“, изјави за АФП Јоргос Сеферцис. „Ќе биде долга изборна ноќ, но не сум сигурен кој ќе излезе како победник.“
Гледајќи го падот на популарноста на својата партија, водачот на конзервативната партија Нова демократија, Антонис Самарас, рече дека ќе излезе на средба со јавност за првпат оваа недела, додека неговиот противник од социјалистичката ПАСОК, поранешниот министер за финансии, Евангелос Венизелос, рече дека и тој ќе има средба со јавноста.
Венизелос планира ризичен потег: митинг на отворено на плоштадот Синтагма, наспроти парламентот в петок. Ако не биде преполн со поддржувачи на ПАСОК, плоштадот може да биде котел на лутина.
„Јас би избегнувал говор на отворено бидејќи луѓето се лути и не знаете што да очекувате“, рече Антонис Клапсис, директор за истражување во Институтот за демократија Константинос Караманлис во Атина. „Не мора да имате луѓе што фрлаат јајца и само неколкумина може да предзвикаат хаос. Парламентот е како магнет за луѓето кои сакаат да кажат нешто против ПАСОК, Венизелос и мерките на штедење и Тројката.“
Грција шест месеци ја води лабава коалиција која, по пребегнувањето на естремната десничарска партија ЛАОС, ја сочинуваат двете долгогодишни владејачки партии. Нова демократија води на анкетите за јавното мислење со околу 20 отсто, додека ПАСОК има околу 14 отсто. На изборите во 2009 година двете најголеми партии добија 80 отсто од гласовите.
Тоа значи дека тие може да бидат принудени да формираат уште една коалиција меѓу себе или друга група, или Грците може да се соочат со нови предвремени избори.
Анкетите покажуваат дека околу десет партии може да се најдат во парламентот.
Костас Ифантис, професор по меѓународни односи на катедрата за политички науки на Универзитетот во Атина, рече дека главните партии и изданоците што никнаа ја пропуштија шансата со тоа што не водеа кампања: анкетите покажуваат дека 40 отсто од приврзаниците на ПАСОК гледаат други партии, вклучително и партии што се против мерките на штедење.
Неонацистите, фашистичката партија Златна зора, која сака сите емигранти да се исфрлат од Грција, стапија на сцена во политичкиот вакуум и може да освојат и до десет места во новиот парламент.
Клапсис рече дека додека политичарите избегнуваат јавни настапи, Златна зора оди онаму каде што се собираат Грците.
„Тие добиваат поддршка од луѓето кои не ги поддржале на други избори, кои велат ,Тие се единствените луѓе што се заинтересирани за нас’“, рече тој за SETimes.
Кој и да победи ќе се соочи со обесхрабрувачката шанса да се обиде да владее во силно поделената земја и ќе има малку ресурси да се справи со континуираната криза. Тројката објави дека Грција мора да најде 12 милијарди евра во приходи или да направи дополнителни кратења.
Самарас рече дека ако тој победи, ќе се обиде повторно да преговара за условите, но Тројката предупреди дека секој обид за чепкање на реформите ќе води до затворање на протокот на пари. Венизелос вети дека заврши со оданочувањето на Грците, но дека ќе се придржува на барањата на Тројката кои може да вклучат нови даноци. Двајцата ветија дека ќе создадат работни места и раст.
Изборите ќе бидат внимателно следени во Европа, поради стравувањата дека евентуалниот ќор-сокак би можел да ја истера Грција од еврозоната и да го загрози економскиот блок.
Збунетоста и стравот, исто така, влијае на гласачите.
Жителката на Атина, Марија Ефтимиу, државна службеничка која се ближи до пензионирањето, рече дека се чувствува привлечена, но растргната, лута поради кратењата на платите и намалената пензија, но не сака нејзината земја да пропадне.
„Се согласувам со нив, но сум загрижена за враќањето на драхмата“, рече таа за SETimes. „Сé за што работев сите овие години паѓа во вода. Заробена сум во дилема.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's