26/04/2012
Само околу 20 отсто од воените злосторства се судат во различни домашни судови.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 26/04/12
![]() МКТЈ процесуираше 126 судења на воени злосторства. [МКТЈ] |
Додека Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го завршува последниот од своите судски процеси, заостанатите случаи на воени злосторства остануваат во локалните судови на регионалните земји.
Од вкупно 161 лице обвинети од Трибуналот, ниедно не е на слобода. Судските процеси се заклучени за 126 обвинети, а во тек се судењата за другите 35, рече за SETimes портпаролот на МКТЈ, Нерма Јелашиќ. Последните двајца, Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ, беа уапсени и префрлени во Хаг минатото лето.
„Судењето на Младиќ е закажано да започне на 14-ти мај. Прелиминарниот датум за почеток на судскиот процес против Хаџиќ е 16-ти октомври“, потврди Јелашиќ.
Во Хрватска, Весна Тершелиќ, директорка на центарот Документа, изјави за SETimes дека базата на податоци на државното обвинителство содржи информации за 490 случаи.
„Во октомври 2011 година државното обвинителство имаше информации за извршителите на 316 кривични дела. Во 174 регистрирани случаи, извршителите се сé уште непознати.
Од вкупно 316 кривични дела во кои извршителите се идентификувани, 103 се решени. „Од 490 регистрирани кривични дела, само 1/5 од нив [21%] биле решени во целост“, додаде таа.
Според податоците на државното обвинителство, покренати се кривични постапки против 3.432 лица, а вкупно 554 се осудени.
„Поголем дел од вкупниот број лица осудени со конечна пресуда беа осудени во отсуство“, рече Тершелиќ.
Таа рече дека дури и капацитетите на обвинителствата и судовите да беа поголеми, па дури и ако посветеноста на решавањето на случаите на воени злосторства беше поголема, шансите за судско гонење на сите извршители и оние кои се сметаат за одговорни за злосторствата се многу мали.
Истото важи и за другите земји.
Елма Демир, од Здружението за демократски иницијативи (АДИ) во Босна и Херцеговина (БиХ), вели дека од 2005 до 2010 година судовите во БиХ донесоа 287 пресуди за случаите на воени злосторства.
Демир изјави за SETimes дека обвинителите комплетираа 1.936 случаи на воени злосторства од 2006 до 2010 година, од вкупно 7,986 случаи.
„Потребни се неколку години за да се комплетира еден случај. Тоа им предизвикува чувство на незадоволство на жртвите и граѓаните воопшто“, рече Демир за SETimes.
Значителниот временски период влијае на процесот: многу сведоци починаа, многу сведоци ги заборавија настаните, и многу од нив не се подготвени да сведочат, рече Тершелиќ.
Беким Блакај, извршен директор на Центарот за хумано право во Косово, вели дека воените злосторства не стареат, но како што поминуваат годините, станува сé потешко да се најдат и соберат фактите и доказите.
„Проблемот е што со непроцесуирање на воените злосторства во судовите, се создава култура на неказнетост“, рече Блакај за SETimes.
Тершелиќ рече дека соработката меѓу судските тела на регионалните земји е суштинска за изведувањето на многу извршители пред лицето на правдата, што е можно побргу.
Таа ги истакнува резултатите од соработката меѓу Хрватска и Србија. Во текот на изминатите неколку години, десет члена на српските паравоени формации беа осудени со конечна пресуда во Србија, во судските процеси во кои хрватското обвинителство достави докази.
Исто така, се прават обиди за создавање регионални тела. Меѓу нив е иницијативата за воспоставување Регионална комисија за кажување на вистината (РЕКОМ), која беше лансирана во Подгорица во мај 2008 година од Наташа Кандиќ, од Центарот за хуманитарно право во Србија. Проектот има за цел утврдување на фактите во врска со воените злосторства и сериозните кршења на човековите права извршени во поранешна Југославија, и се смета за главна регионална иницијатива за ова прашање.
Јелашиќ признава дека дури и за МКТЈ, соработката со поранешните југословенски земји беше особено тешка на почетокот кога се работеше за апсење на бараните лица.
Полесно беше во БиХ, бидејќи Трибуналот можеше да се потпре на поддршката од меѓународните трупи на теренот за апсење на обвинетите, рече таа. „Но, во Србија и Хрватска, беа потребни внимателни преговори и голем притисок од меѓународната заедница за да се обезбеди пристап до материјалите и бегалците.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's