16/04/2012
Бугарија им нуди државјанство и материјална корист на членовите на заедницата Горанци, во рамките на политиката што некои ја нарекуваат враќање во 19-тиот век.
Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 16.04.12
![]() Бугарија им нуди државјанство на заедниците на Горанците. [Ројтерс] |
Бугарија ги интензивира напорите за обезбедување државјанство, стипендии и други бенефиции за осиромашената заедница на Горанците во Косово и Албанија, но критичарите велат дека земјата го злоупотребува својот статус на земја-членка на ЕУ за да ги унапреди долготрајните асимилаторски политики на другите ентитети.
Горанците, од кои повеќето се муслимани и се идентификуваат како Македонци, живеат во 18 села во регионот на Гора, како и во околните региони на Жупа и Преспа во пограничната област меѓу Албанија, Македонија и Косово.
„Тие [бугарските претставници] обично доаѓаат на неколку месеци. Тие се очекува да пристигнат во Гора на почетокот од мај“, рече Авнија Рахте, претседател на Македонско-горанското здружение.
Рахте објасни дека Бугарите, во придружба на адвокат, се обидуваат да ги убедат Горанците за користа од бугарското државјанство, вклучително и потенцијалното вработување во земјите на ЕУ, како и бесплатното школување во Софија и во Пловдив.
Сé што Горанците треба да направат е да потпишат документи во кои ќе изјават дека имаат бугарско потекло и дека се Бугари, рече тој.
Бугарскиот устав предвидува опција со која поединците можат да добијат бугарско државјанство преку „олеснета процедура“ воспоставена со актот за државјанство на земјата.
Агенцијата за Бугарите во странство, која ги организира посетите, постави стратешки документ од 2010 година на својата веб-страница, објаснувајќи дека политиката е со цел обединување на сите Бугари во регионот и зголемување на драстично намалената стапка на наталитет на нацијата.
Повеќе од 16.000 Македонци добија бугарско државјанство минатата година, заедно со 2.000 Украинци и 1.000 Срби, но само шест косовски граѓани, според податоците на Агенцијата.
„Скоро 1.500 жители на Гора, Жупа и Преспа обезбедија бугарско државјанство“, рече за SETimes Гезим Курти, претседател на здружението на Бугарите во Албанија.
Бугарската научничка Антоанет Приматарова во натпис објавен претходно оваа година вели дека премиерот Бојко Борисов е нестрплив да й вдахне нов живот на Бизмарковата изрека дека Бугарите се „Прусите на Балканот“.
„[Оваа фраза не] имплицира дека Борисов бара специјална улога за Бугарија на Балканот“, рече Приматарова за SETimes, туку тоа е шега поврзана со бугарската позиција во рамките на ЕУ.
Но, не се сите согласни со ова. Бугарија го користи тоа што е членка на ЕУ за да ја продолжи својата асимилаторска политика од 19-тиот век врз Македонците и другите, според Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Петров објасни дека Горанците традиционално се цел, и се претвораат во Срби, Бугари и Грци, ако се христијани, или во Албанци, Турци или Бошњаци, ако се муслимани.
„Овојпат Бугарија ја користи „пасошката политика“ покрај проверената материјална корист, и ја насочува кон некои од најсиромашните балкански народи“, рече Петров за SETimes.
Косовските експерти рекоа дека бугарската заедница не постоеше до неодамна, кога неколку Горанци почнаа да прифаќаат бугарско државјанство.
„Нема бугарско малцинство во Косово“, рече за SETimes Адријан Зеќири, директор на главната косовска невладина организација која се занимава со малцинските прашања ЕЦМИ Косово.
Ниту косовскиот устав, неговиот закон за заедниците, ниту Албанија, не го признава бугарското малцинство.
Сепак, бугарската политика ја обнови дебатата за потеклото и идентитетот на Горанците.
„[Тие имаат] криза на идентитетот поради историски и политички околности“, рече за SETimes Фитим Спахиу од Центарот за истражување и социјални студии во Драгаш во регионот Гора во Косово.
Некои Горанци енергично се противат на оваа карактеризација.
„Гора е населена исклучиво со Македонци, кои живеат претежно во пограничната област меѓу Косово и Македонија. Во Гора и во Жупа има 30.000 Македонци“, изјави за SETimes Исмаил Бојда, еден од водачите на Демократската партија на Македонците, со седиште во Гора.
Претставниците на Горанците минатиот ноември испратија официјално барање до косовската влада да бидат внесени во уставот како македонско малцинство; тие рекоа дека очекуваат позитивен одговор.
Македонија минатата година им даде 15.000 државјанства на припадниците на заедницата на косовските Горанци, како и 6.000 други на Горанците кои сега живеат во Македонија.
Покрај тоа, двајца Македонци од Гора ќе бидат сега во консултативниот совет за малцинствата, кој моментно се формира во Приштина. Црногорци, Роми, Египќани, Власи и Хрвати, исто така, ќе учествуваат во работата на советот.
Дописничката на SETimes Светла Димитрова во Софија даде свој придонес за овој напис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's