16/04/2012
Преземајќи ја функцијата вршител на должноста претседател до изборите на 6-ти мај, претседателката на парламентот Славица Ѓукиќ-Дејановиќ рече дека е подготвена за одговорноста.
Бојана Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 16.04.12
![]() Славица Ѓукиќ-Дејановиќ стана вршител на претседателската функција кога Борис Тадиќ поднесе оставка за да се кандидира за нов мандат. [Ројтерс] |
Кога српскиот претседател Борис Тадиќ поднесе оставка на 5-ти април, претседателката на парламентот Славица Ѓукиќ-Дејановиќ го презеде раководството како вршител на должноста претседател. Иако нејзиниот мандат ќе биде кус -- бидејќи изборите се закажани за 6-ти мај -- тоа е доволен период за Србија да почне да размислува како е да се има жена за претседател.
Според уставот, како вршител на должноста претседател, високата претставничка на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ѓукиќ-Дејановиќ, исто така, ќе биде и врховен командант на армијата и ќе ги врши сите дипломатски должности поврзани со надворешната политика.
По преземањето на функцијата вршител на должноста претседател, Ѓукиќ-Дејановиќ рече дека е подготвена за задачата, и дека ќе ја врши својата должност совесно и во согласност со законот.
„Како официјален претставник на државата, јас соработувам со другите државни институции. Ќе ги вршам претседателските должности потпирајќи се на одлуките на парламентот и на владата“, изјави Ѓукиќ-Дејановиќ за белградските медиуми.
Сепак, таа изрази надеж дека нема да биде повикана да донесе „чувствителни одлуки“ во врска со ескалираните тензии во Косово поради престојните избори.
„Јасно, дипломатијата е најмудро решение, но ние, исто така, имаме уставна обврска да го заштитиме својот народ, ако тоа го бара некоја ситуација. Сепак, секогаш ќе сме за дијалог и политички комромис“, изјави Ѓукиќ-Дејановиќ за Б92.
Таа е втората жена што ја врши претседателската функција во Србија по отстранувањето на Слободан Милошевиќ во 1997 година. Поранешната претседателка на парламентот Наташа Мичиќ ја презеде контролата во декември 2002 година, во период од една година откако два избори не резултираа со јасен мандат.
Колегите на Ѓукиќ-Дејановиќ имаат само пофални зборови за неа.
„Мислам дека таа направи многу како претседател на парламентот за пробив на жените во српската политика. Со нејзината пристојност и воздржаност, таа покажа како треба да се извршуваат највисоките државни должности“, изјави за SETimes блискиот соработник на Ѓукиќ-Дејановиќ, секретарот на парламентот, Вељко Одаловиќ.
Наталија Мичуновиќ, претседателка на владиниот Директорат за полова еднаквост, рече дека преземањето на претседателската функција од страна на Ѓукиќ-Дејановиќ е помалку важно од фактот дека таа го водеше парламентот.
„Многу е направено во пробивот на жените во српската политика, како што се докажа, меѓу другото, и со фактот дека [некои] партии [можеби ќе предложат] жена-кандидат за премиер. Тоа ќе им овозможи на жените да ги покажат своите вештини и да се докажат себеси како носители на извршната власт, каде што моментно се во позадина“, рече Мичуновиќ за SETimes.
Досега само Српската радикална партија објави дека ќе има кандидатка за претседател на изборите во мај. Сопругата на радикалниот водач Воислав Шешељ -- Јадранка Шешељ -- ќе влезе во трката.
Што се однесува до вршителот на должноста претседател, таа ќе го поддржи водачот на СПС, Ивица Дачиќ.
„На гласачите им е доста од Николиќ, кој секогаш завршува на второто место, и од Тадиќ, кој е тука веќе една деценија“, рече таа.
„Очекувам да видам искрено гласање на претседателските избори. Ако не се изврши преголемо влијание врз јавноста, и ако не се создаде атмосфера на референдум, мислам дека Дачиќ е човекот кој највеќе й треба на Србија.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's