16/04/2012
Истрагите за убиствата продолжуваат, додека меѓуетничките тензии растат.
Мишко Талески за Southeast European Times во Скопје -- 16.04.12
![]() Полицијата ја испитува локацијата на петкратното убиство кај Железарското Езеро во близина на Скопје. [Ројтерс] |
Убиствата на петмината Македонци кај Железарското Езеро во близина на Скопје во четвртокот (12-ти април) го шокираа регионот со својата бруталност и го загрозија мирот во Македонија, потенцијално заканувајќи й се и на регионалната безбедност.
Четирите жртви се мажи на возраст меѓу 18 и 20 години, кои постојано доаѓале на езерото да ловат риба. Петтата жртва е 45-годишен маж, кој бил убиен додека се обидувал да избега од местото на настанот, и се верува дека е неочекувана жртва на кривичното дело.
„Министерството за внатрешни работи интензивно трага по убијците и мотивот за убиството. Од информациите со кои располагаме, во моментов не е потврден ниту нивниот идентитет, ниту етничката припадност. Но, убијците не можат да избегаат од правдата, и тие ќе бидат најстрого казнети“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Инспекторите утврдија дека четворицата млади луѓе биле застрелани од непосредна близина со три вида огнено оружје.
Полицијата формираше оперативна група да ја координира истрагата. Властите сослушаа најмалку 100 лица, и го пронајдоа возилото за кое се верува дека било возено од убијците.
„Ги повикуваме сите граѓани и медиуми да [останат смирени] и да не ги подигаат меѓуетничките тензии“, рече Јанкуловска во апелот до јавноста.
Но, убиствата ги разгореа тензиите меѓу Македонците и Албанците, поради сомневањата дека албански паравојници ги убиле мажите, со оглед на постојаните повици на социјалните медиуми за одмазда на двајцата Албанци убиени пред два месеци во Гостивар, откако нападнале полицаец кој не бил на должност.
Ситуацијата овојпат се усложни уште повеќе поради фактот дека убиствата се совпаднаа со прославата на православниот Велигден.
Неколку стотици лути Македонци ја блокираа блиската населба Радишани, правејќи барикади, палејќи свеќи и апелирајќи до владата да се погрижи за тоа да биде задоволена правдата. Тие уништија еден автобус, како и возило на телевизијата 24 Вести, која е наклонета кон опозицијата.
Полицијата брзо ја воспостави контролата во населбата и приведе деветмина демонстранти.
„Сé повеќе сме цел на напади и убиства, но полицијата и судовите честопати не си ја вршат својата работа во името на меѓуетничкиот соживот и меѓународната и домашната политика, додека медиумите претставуваат искривена или неутрална слика“, рече за SETimes Бранко Ристевски од Скопје, кој беше во близина на Радишани.
Аналитичарите велат дека убиствата може да се постават во регионален контекст, со оглед на неодамнешниот развој на настаните кој го загрози мирот.
„Ова убиство претставува вовед во активностите во текот на следните неколку месеци, кога ќе созреат условите за промена на балканските граници, односно ќе се материјализира идејата за Голема Албанија“, рече за SETimes Иван Бабановски, поранешен професор на Факултетот за безбедност во Скопје.
„Очекував вакви инциденти малку подоцна, но се чини дека некому му се брза“, додаде Бабановски.
Мерсил Биљали, политички аналитичар и проректор на Универзитетот ФОН во Скопје, не се согласува, и вели дека идејата за Голема Албанија не стои ниту зад овој, ниту зад кој било друг инцидент. Тој ја обвинува криминализацијата на општеството.
„Убиствата не мора да имаат меѓуетнички карактер. Но, без оглед на тоа, тие се резултат на лошо водената политика“, рече Биљали за SETimes. Тој, сепак, се согласува дека Македонија „може да влезе во опасна социјална фаза“.
Но, Јове Кекеновски, професор по безбедност на Битолскиот универзитет, изјави за SETimes дека недовербата и непријателството меѓу македонскиот народ и албанското малцинство се големи. „Очигледно е дека Албанците сакаат да живеат во етнички чиста држава, и ваквиот вид инциденти се резултат на таквите планови.“
Организациите формирани со распадот на Ослободителната војска на Косово ги предупредија косовскиот премиер Хашим Тачи, ЕУЛЕКС и КФОР дека ќе се мобилизираат повторно да ги бранат Албанците од северот на Косово.
Паравоената Албанска национална армија (АНА) ги предупреди САД, ЕУ, НАТО и ОН дека ќе интервенираат во Косово, како и во западна Македонија и во јужна Србија, да ги заштитат Албанците од екстремизам.
„Фокусирани сме на интервенција пред да биде премногу доцна“, рече политичкиот водач на АНА, Гафур Адили.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's