13/04/2012
Во рамките на локалните и федералните сектори и секторите на ентитетите во Босна и Херцеговина има 14 влади со преку 200 министри и 14 парламенти со преку 600 делегати.
Од Дражен Ремиковиќ за Southeast European Times во Сараево -- 13/04/12
![]() Во Босна и Херцеговина работат 73.000 владини службеници. [Ројтерс] |
Босна и Херцеговина (БиХ) потроши една милијарда евра за плати во јавниот сектор во текот на првите три месеци од оваа година, додека државата сé уште не усвоила буџет.
Економските експерти велат дека иако властите одвојуваат огромни пари од буџетот за администрацијата, граѓаните се сити од предолгиот процес.
Самир Пиљиќ (34) од Сараево работи во Фондот за здравствено осигурување на Федерацијата на БиХ три години.
„Мојата нето плата е околу 750 евра [месечно]. Работното време е од 9 до 5, иако ефективно работам околу 3 часа дневно“, рече тој за SETimes.
Платите во администрациите на БиХ се за 50 отсто повисоки од просечните плати и скоро трипати повисоки од просечната пензија. Просечната плата на работниците вработени во администрацијата на БиХ е околу 700 евра, додека просечната пензија е околу 150 евра месечно.
Горан Радивојац, професор по економија на Универзитетот во Бања Лука, рече дека средствата одвоени за јавната администрација се огромни, но може да се оправдаат ако администрацијата добро ја врши работата.
„За некои агенции, луѓето дури и не знаат дека постојат. Овие луѓе добиваат добри плати, а нивните резултати се сомнителни. Сепак, секоја држава има администрација и важно е истата да биде ефикасна. Ако чекате за документи неколку месеци, тогаш тоа е голем проблем“, рече за SETimes Радивојац.
Иако земјата се соочува со голема економска криза во изминатите три месеци, бројот на вработени во администрацијата расте. Сега бројот изнесува 73.000 и е зголемен за 4.000 луѓе од 2008 година.
Кантонот Херцеговина-Неретва, чие седиште е градот Мостар, ќе користи 70 отсто од својот буџет за платите на администрацијата. Премиерот на кантонот Денис Ласиќ рече дека буџетот оваа година ќе мора да се реформира.
„Ќе ги разгледаме сите предлози за да можеме да заштедиме пари и за да добиеме квалитетен буџет за оваа година“, рече Ласиќ за SETimes. Буџетот на кантонот е околу 90 милиони евра оваа година.
Според извештај на Светската банка објавен во март, БиХ мора да ги комплетира реформите на јавните трошоци, кои ќе вклучуваат намалување на јавниот сектор. Според извештајот, 13 отсто од БДП на БиХ оди за административните плати. Тоа е неодржливо, објави банката.
Филип Бањац (24) од Бања Лука вели дека граѓаните со години се незадоволни од услугите во јавниот сектор.
„Редици на шалтерите, безобразни службеници, високи такси, корумпирани јавни службеници. Тоа е реалноста на денешната ситуација во администрацијата. Ако некој мисли дека ова ќе се промени, ние мораме суштински да ја промениме целата структура и функционирањето на јавните служби, бидејќи ништо нема да се постигне ако измените се само козметички“, рече Бањац за SETimes.
Ситуацијата е слична во многу земји од Југоисточна Европа.
Во Романија, државната администрација ја сочинуваа 170.000 луѓе во 2009 година, и тој број расте. Земјата ќе одвои 3,7 милијарди евра за плаќање на администрацијата. Вкупниот државен буџет изнесува околу 22 милијарди евра.
„Понекогаш имам чувство дека [јавниот сектор] работи против граѓаните. Жално е што повеќе од две децении по падот на комунизмот ние сé уште сме сведоци на вакви стари и контрапродуктивни практики во општество што претендира да се модернизира“, рече за SETimes осигурителниот брокер од Букурешт, Даниел Парфене (37).
Во Бугарија околу 115.000 луѓе работат во администрацијата, воениот систем и системот на социјално осигурување, што ја чини државата 1,5 милијарди евра годишно.
„Она што покажуваат овие бројки е дека десет работници во приватниот сектор се потребни за обезбедување на платата на еден службеник во државната администрација. Со оглед на растечката невработеност, тој процент, најверојатно, ќе расте. [Но] во исто време, државниот апарат не продуцира политики што го промовираат економскиот раст“, рече за SETimes жителката на Софија, Бојка Витанова.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's