11/04/2012
Тројца новинари велат дека биле нападнати додека ги покривале неодамнешните протести поттикнати од самоубиството на пензионер кој не можел да си плати за лекови.
Енди Дабилис за Southeast European Times во Атина -- 11.04.12
![]() Тензиите меѓу новинарите и полицијата во Грција растат веќе две години, додека новинарите ги документираат штрајковите, немирите и демонстрациите против владините мерки на штедење. [Ројтерс] |
Мариос Лолос, претседател на грчкиот синдикат на фотоновинари, се најде на средината од расправијата меѓу новинарите и полицијата, која се обидуваше да ги оддалечи медиумите од протестите на 5-ти април на атинскиот плоштад Синтагма.
Кога се сврте, тој беше удрен на задниот дел од главата со украсена метална ракавица. Лекарите велат дека ударот му го напукнал черепот и го оставил без чувство во едниот дел од раката.
„Ова беше обид за убиство“, рече тој за SETimes од дома, каде што заздравуваше по операцијата. „Добив закани и бев именуван како цел. Ова беше третпат да бидам нападнат. Синдикатот фотографираше документација против полицијата бидејќи тие постојано напаѓаат претставници на печатот.“
Тој беше трет новинар кој тврди дека бил нападнат од полицијата за време на протестите поради самоубиството на 77-годишен пензионер кој се уби овој месец бидејќи неговата пензија била толку многу скратена со грчките мерки на штедење што не можел да си купи лекови.
Во текот на минатата година тројца други новинари, исто така, рекоа дека биле претепани од полицијата додека ги покривале протестите.
Секојпат министерот за заштита на граѓаните ветува истрага -- што се повтори и по нападот на Лолос -- но никој не се гони судски за евентуално насилство врз новинари, или демонстранти, и покрај видео и фотографските докази. Портпаролот на полицијата не беше достапен за коментар.
Нападите ја покажуваат тензијата меѓу новинарите и полицијата во текот на изминатите две години на протести, немири и штрајкови кои ја соборија претходната влада и ја уништија социјалната структура на една земја под економска опсада. И, како што рече Лолос, тоа ги стави новинарите во опасност, особено за време на борбите меѓу полицијата и маскираните анархисти кои фрлаат молотови коктели и бегаат од солзавците, парализирачките гранати и палките.
„Не застануваме зад линиите на полицијата“, рече Лолос. „Ние сме меѓу демонстрантите на средината. Сме се изложиле на многу насилни случаи. Како што кризата ескалира, и има повеќе насилни протести, [полицијата] не сака професионални сведоци на нивото на систематско насилство што го користи против демонстрантите, без оглед колку се мирни.“
Димитрис Месинис, генерален секретар на извршниот совет на Здружението на странските медиуми во Атина, рече дека нападите се намерни и со цел да ги заплашат новинарите.
„Тоа е варваризам ... кога имате полицаец кој трча кон вас и ви ја смачкува главата, тоа е намерен удар“, рече тој за SETimes. Тој рече дека неговиот син, фотограф за АФП во Атина, бил претепан од полицијата додека ги покривал демонстрациите во 2010 година.
По нападот на Лолос, грчките фотографи демонстрираа во вториот по големина град во земјата, Солун, оставајќи ги камерите и вадејќи зголемени фотографии за кои велат дека претставуваат доказ за полициските напади врз новинарите, покажувајќи ги размаваните полициски палки кон фотографите. Синдикатот на Лолос излезе со соопштение, во кое застанува против ваквите напади кои поминуваат неказнето.
„Систематските и постојани напади врз луѓето од печатот кога тие си ја вршат работата, што ги крши дури и најосновните човекови права, не може да се сметаат за произволни; дури и најнаивните може да претпостават дека истите имаат за цел да ги замолчат медиумите“, се вели во истото.
Во октомври 2011 година Татјана Болари, фотоновинарка за АФП, беше претепана, наводно од полицаец додека покривала големи протести против мерките на штедење. Сликите од нападот го обиколија светот.
Минатиот јуни новинарот Манолис Кипрајос трајно го изгуби слухот кога полицаец фрли парализирачка граната на него, за време на немирите на плоштадот Синтагма, предизвикувајќи реакции од групите за човекови права.
Алкис Константинидис, фотоновинар за Атинската новинска агенција изјави за SETimes „Земјата е во оваа ситуација на несигурност и прекумерно насилство на улиците и ние сме напаѓани како професионалци од полицијата. Повеќепати тоа е неочекувано и тие немале никаква причина ... можеби тоа беше за да не натера да се држиме на дистанца“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's