11/04/2012
КБС можеби наскоро ќе земат учество во мисиите предводени од НАТО во Либија и во Авганистан.
Мухамет Брајшори за Southeast European Times во Приштина -- 11.04.12
![]() Косовските безбедносни сили наскоро ќе им се приклучат на странските мировни мисии. [Ројтерс] |
Иако Косовските безбедносни сили (КБС) спроведуваат операции за одговор на кризи дома и во странство, задолжени се за операциите на цивилна заштита и им помагаат на цивилните власти во одговорот на природни катастрофи и други итни ситуации -- истите немаат статус на армија.
Но, оваа година КБС, кои беа основани во 2008 година, ќе претрпат реструктуирање, на иницијатива на владата, кое ќе вклучи и идно учество во странските мировни и хуманитарни мисии.
„Веројатноста за вклучување на КБС во хуманитарни и мировни мисии е голема, бидејќи САД и другите земји на НАТО побараа учество“, рече за SETimes Ибрахим Шаља, директор за јавни информации во Министерството на КБС.
Но, пред да се случи каква било мисија во странство, владата мора да усвои нова легислатива за ова прашање.
„КБС работат на предлог-законот и придружните документи за да се овозможи учество во мировните мисии, во соработка со земјите на НАТО и нашите меѓународни пријатели“, рече Шаља.
Освен потребната правна рамка, трупите мора и да се подготват. Земјите-членки на НАТО обезбедуваат обука за новите членови во странските мисии.
„КБС се обучуваат за мировни и хуманитарни мисии. Вод од 30 члена беше испратен во Турција на обука за мировните операции“, рече Шаља, додавајќи дека КБС, најверојатно, би учествувале во мисиите кои вклучуваат деминирање, медицина, конзерваторски кампови, потрага и спасување и логистика.
Косовските сили ќе им се приклучат на другите во регионот во поддршката на меѓународните мисии. Албанија и Македонија имаат трупи во Авганистан; Црна Гора и Босна и Херцеговина имаат распоредено трупи во Авганистан и Африка -- и учествуваат во силите во Ирак предводени од САД. Србија, со својата неутрална позиција, не учествува во мисиите предводени од НАТО, но има мировни сили во ОН и ЕУ во Африка.
Берат Бејтулаху, истражувач во Центарот за истражување на конфликти и решенија во Приштина, изјави за SETimes дека поради тоа што Косово нема целосно меѓународно признавање, и нема членство во ОН, земјата ќе има ограничен капацитет за испраќање мисии во странство.
„Желбата е голема, но Косово најверојатно ќе им се приклучи на контингентите на поголемите држави како САД, Велика Британија или Турција во странство, така што недостатокот на признавање не прави целосна блокада. Но, сé на сé, Косово ќе учествува главно во мисии предводени од НАТО и од ЕУ“, рече Бејтулаху.
Тој додаде дека КБС имаат капацитет да понудат услуги во некои воени области.
„КБС се обучуваат откако беа основани од страна на НАТО како една од најдемократски контролираните армии во светот, и добија доволно искуство и експертиза во различни области, што ги прави сигурен партнер за меѓународната заедница“, рече Бејтулаху за SETimes.
Тој ги посочи Либија и Авганистан како најверојатни дестинации за распоредувањето на КБС.
„НАТО е вклучен во Либија и Авганистан, и Косово ќе биде покането во овие земји. Либијците веќе изразија желба за соработка со КБС поради сличностите во пост-конфликтните безбедносни структури. Либија во времето на Гадафи беше близок воен партнер со Србија, а сега се залага за развивање на поблиски врски со Косово, што покажува колку многу се промениле односите“, рече Бејтулаху.
Афердита Красниќи (24), студентка по политички науки, изјави за SETimes дека „Би било одлично Косово да придонесе во странство, иако со мало учество, но кое ќе биде добра порака дека Косово не е само земја на која й требаат странски војници, туку и земја што придонесува за мирот во конфликтните области“.
За такси-возачот од Грачаница, Станиша Рукиќ (39), пак, „Ако Косово испрати војници во странство, тоа значи дека [ние] ќе имаме армија, а за Србите не е добар знак дека Албанците ќе имаат своја сопствена армија. Ние тогаш сме без заштита, бидејќи Србија нема своја армија тука“.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's