Бугарија и Романија се здружија за одржување на безбедноста во воздушниот простор

10/04/2012

Услугите на воздухопловната навигација во Бугарија и Романија ќе станат поефикасни со функционалниот блок на воздушниот простор ДАНУБЕ, велат експертите.

Светла Димитрова и Пол Чикои за Southeast European Times во Софија и Букурешт -- 10.04.12

photo

Во моментов околу 9 отсто од севкупниот воздушен сообраќај на ЕУ поминува над Бугарија и Романија. [Ројтерс]

Воздушниот сообраќај во Европа се очекува да достигне повеќе од 20 милиони летови годишно до 2030 година, што е скок од 10-те милиони летови во 2010 година. Во моментов, околу 9 отсто од целокупниот воздушен сообраќај во ЕУ поминува над Бугарија и Романија, и плановите се тоа да се зголеми.

Недостатокот на обединет систем на воздухопловна контрола во рамките на моментно фрагментираниот европски воздушен простор, се посочува како причина за слабата ефикасност на воздушниот сообраќај низ целиот континент. Тоа, исто така, води до дополнителни сообраќајни метежи, што влијае на безбедноста и го ограничува капацитетот, истовремено зголемувајќи ја цената на летањето, како и количината на емисија на гасовите.

Како одговор на драстичниот раст на воздушниот сообраќај и патување, Европската комисија (ЕК) отпочна иницијатива на ЕУ Единствено европско небо (СЕС), на крајот од 1999 година, за задоволување на идните потреби за капацитет и безбедност преку легислатива.

Оттогаш се усвоени два клучни законски пакети -- првиот (СЕС I) во 2004 година, со кој беше воведен концептот функционален блок на воздушниот простор (ФАБ), како начин за намалување на поделеноста на воздушниот простор, и втор пакет мерки (СЕС II) во 2011 година. Регулативата 176/2011 на ЕК, вклучена во тој пакет, го поставува 4-ти декември 2012 година како краен рок за спроведување на сите блокови.

Во Европа, доцнењата што се припишуваат на менаџментот на воздушниот сообраќај се 1.000 часа секој ден, според Европската организација за безбедност на воздушната навигација (ЕУРОКОНТРОЛ). Истата очекува ситуацијата да се подобри кога ќе бидат формирани ФАБ.

„Во ФАБ протокот на воздушниот сообраќај и услугите на воздушната навигација се интегрирани и управувани според оперативните потреби, а не според националните граници. Тие резултираат со значителни придобивки во капацитетот и поефикасно користење на воздушниот простор низ целиот континент“, објасни агенцијата.

Деветте ФАБ што се изготвени ќе ги заменат сегашните делови на воздушниот простор под контрола на националните влади на 27-те земји-членки на ЕУ, плус оние од трета страна што ќе пристапат во програмата.

На 14-ти март бугарскиот парламент ратификуваше договор за воспоставување ФАБ меѓу Бугарија и Романија според иницијативата СЕС.

Потегот уследи три месеци откако највисоки официјални претставници на министерствата за транспорт на двете балкански држави потпишаа договор во декември 2011 година, повеќе од седум години по почетокот на проектот, наречен ДАНУБЕ ФАБ, во октомври 2004 година.

Договорот ДАНУБЕ ФАБ ја утврдува управувачката структура на проектот, специфицирајќи ги улогите и одговорностите на вклучените, меѓу кои и властите на возухопловните услуги на двете држави, бугарски БУЛАТСА и романски РОМАТСА, војската и регулаторите.

Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватска се дел од ФАБ Централна Европа, заедно со Австрија, Чешката Република, Унгарија, Словачка и Словенија. Албанија, Египет и Тунис се именувани за асоцијативни партнери во блокот БЛУЕ МЕД, кој ги вклучува и членките на ЕУ Кипар, Грција, Италија и Малта.

Но, Денис Фует од инспекцискиот оддел на Европскиот воздухопловен менаџмент ЕУРОКОНТРОЛ во Брисел вели дека е „многу тешко да се измерат бенефициите од ФАБ“.

„Она што го знаеме е дека партнерите во ФАБ мора да обезбедат одреден број информации до јуни оваа година и особено како ФАБ придонесува за подобро функционирање отколку индивидуалните држави на ЕУ“, рече тој за SETimes.

ФАБ се создаваат врз основа на географската локација на земјите, рече за SETimes експертот на БУЛАТСА Асен Станоев, кој работи како заменик-шеф на бугарската страна на проектот. Според тоа, соседните држави, како што е Србија, може да се вклучат во ДАНУБЕ ФАБ.

„Голем процент од главниот воздушен сообраќај што поминува низ Романија, поминува и низ Србија. Ги сметаме [Србите] за стратешки партнер“ и разговараме со нив, рече тој. „Сакаме да бидеме партнери со нив“, додаде тој, истакнувајќи дека „не би ја исклучил ниту Турција“.

„Отворени сме за партнерство и соработка и за секакви било позитивни идеи“, рече Станоев.

Една од главните цели на таа иницијатива е да загарантира примена на истите правила и процедури за услугите на воздушната авијација низ целиот воздушен простор на балканските држави.

Поврзани написи

Loading

„Услугите на воздушната навигација ... ќе бидат поефикасни преку интегриран пристап на воздушниот менаџмент со цел оптимизирање на сообраќајниот проток, како и неговата контрола без оглед на границите на воздушниот простор“, вели РОМАТСА во изјава за SETimes.

„Услугите на воздушниот сообраќај сé уште ќе се реализираат од двата регионални контролни центри во Букурашт и Софија, додека воздушните простори на двете земји со тоа ќе бидат репроектирани да овозможат оптимизација на воздушниот сообраќај според пристапот заснован на резултати и без какво било упатување на границите.“

Освен „покусите дистанци, помалото трошење гориво и емисија на CO2, ќе се постигнат повеќе бенефиции и преку спроведување на директни правци кои ќе бидат воспоставени врз основа на експертизата и знаењето што го стекнале овие две држави“, се додава во изјавата.

Според РОМАТСА, како резултат на воспоставувањето на ФАБ, оддалеченоста на глобалните летови ќе биде скратена за околу 1 милион наутички милји годишно, што значи помало загадување на воздухот и намалување на цените на летовите за скоро 5 милиони евра годишно.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Репортажа

Екстремистите ги искористуваат сиромаштијата и младите во обидите за регрутирањеЕкстремистите ги искористуваат сиромаштијата и младите во обидите за регрутирање

Економските можности и образованието се неопходни за запирање на ширењето на екстремизмот меѓу младите.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Дали овозможувањето силен балкански економски пазар ќе го подобри процесот на помирување во регионот?

Да
Не
Не знам



Види ги резултатите Додадете коментар