10/04/2012
Повиците за прогласување вонредна состојба на северот од Косово, уследија по бомбашкиот напад во кој загина еден етнички Албанец.
Мухамет Брајшори за Southeast European Times во Приштина -- 10.04.12
![]() Поделениот град Митровица е местото каде што се случува етнички мотивирано насилство од 1999 година. [Ројтерс] |
По експлозијата во неделата изутрина (8-ми април), при која загина еден косовски Албанец, а беа ранети неговите две деца во станбен комплекс во Митровица, една политичка партија ја повика косовската претседателка Атифете Јахјга да прогласи вонредна состојба на северот од земјата.
Движењето Ветвендосје, исто така, објави дека ќе побара од албанскиот претседател Бамир Топи да свика итен состанок на Советот за безбедност на ОН и постојаните претставници на НАТО.
Становите на Трите кули, каде што беше поставена бомбата, се населени со Албанци, во претежно српскиот дел од поделениот град.
Владата го осуди нападот, нарекувајќи го „криминален и терористички чин“.
Спорадично насилство меѓу Албанците и Србите се случува во оваа невралгична област на северно Косово од 1999 година.
Во моментов, Србија планира да одржи локални избори на 6-ти мај во поделениот град, што ќе им овозможи на Србите да изберат градоначалници за локалните власти. Косово вети дека ќе ги спречи изборите, ако биде потребно и со сила.
Специјалниот претставник на ЕУ во Косово, Самуел Жбогар, повика на смиреност.
„Бев шокиран кога слушнав за бомбашкиот напад во кој загина Селвер Харадинај во Митровица ... Се надевам дека оваа истрага ќе биде спроведена брзо и успешно. Во меѓувреме, апелирам до сите заедници да останат смирени и да го остават случајот во рацете на полицијата“, вели Жбогар во соопштение.
„Понатамошните чинови на насилство не можат, и не смеат, да се толерираат. Ваквите чинови може само да го загрозат мирот и стабилноста на Косово“, рече тој.
Бесим Хоти, портпарол на косовската полиција, рече дека властите продолжуваат со истрагата. Тој рече дека полицијата, во соработка со другите општински власти, се обидуваат да обезбедат поголема сигурност за граѓаните на Митровица, како и да ги намалат тензиите во областа.
„Имаме исклучително напната ситуација, [и зголемена] загриженост на жителите -- не само на северот, албанските и српските жители -- туку и на сите други жители во општината и пошироко“, рече Хоти за Радио Слободна Европа во понеделникот.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи, рече дека инцидентот, најверојатно, бил извршен од професионалец.
Во понеделникот околу 200 Срби ја спречија полицијата да постави стражарници околу станбениот комплекс, принудувајќи ја полицијата да се повлече во јужниот дел од градот.
Скендер Делиу, извршен директор на приштинскиот Институт за проучување на кривичните дела и безбедноста, изјави за SETimes дека очекува тензиите да се зголемат во следните недели, пред српските избори на 6-ти мај.
„Јасно е дека ниту косовската полиција, ниту КФОР, ниту ЕУЛЕКС, немаат контрола над северот, и имаат ограничен пристап -- што го прави спречувањето на ваквите чинови невозможно. Мултиетничките населби ќе бидат цел поради тоа што тензиите се секогаш зголемени во овие области“, рече Делиу за SETimes.
Тој вели дека именувањето од страна на владата на нападот како „терористички чин“, е точно поради нивото на инцидентот.
„Фрлањето експлозив во стан каде што живее брачен пар со своите четири деца, само поради нивната етничка припадност или која било друга разлика што ја имаат, претставува терористички чин -- тоа покажува дека владата ќе користи остар јазик во следните недели и месеци“, рече Делиу.
Шкурте Садику од Центарот за истражување на конфликти изјави за SETimes дека заедниците се загрижени оти безбедносната ситуација може да ескалира.
„Знаеме од искуство дека ваквите инцидентит водат до [дополнителни] тензии и немири во Митровица. Луѓето се загрижени дека ова може да се случи повторно сега“, рече Садику.
Таа вели дека полицијата и КФОР мора да го покажат своето присуство и да преземат мерки.
„Повеќе нема доверба во полицијата, ниту во КФОР, бидејќи луѓето кои вршат вакви чинови ретко се апсат и изведуваат пред лицето на правдата. Безбедносните институции ја губат довербата на граѓаните и ние се надеваме дека тие нема да ја изгубат ограничената контрола што ја имаат таму.“
Граѓаните во Митровица, исто така, го осудија чинот, и стравуваат од реперкусии.
„Страв ми е дека ние на југот можеме, исто така, да бидеме нападнати. Се надевам дека овие чинови ќе престанат и никој повеќе нема да биде повреден. Уморни сме од насилство и конфликти“, рече за SETimes Рахман Красниќи (70) од Митровица.
„Загрижен сум за моите деца и нашата безбедност. Ова може да му се случи секому и никој не нуди промени“, рече за SETimes Лејла Поповиќ (29) од Северна Митровица.
Неколку часа по експлозијата, 66-годишен косовски Србин беше нападнат и повреден од тројца етнички Албанци во населбата Суви Дол, како што известија медиумите.
Владимир Деновиќ се здобил со тешки повреди на главата и градите, според неговите лекари.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's