05/04/2012
Дваесет години откако најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна ја опустоши Босна и Херцеговина, последиците остануваат.
Бедрана Калетовиќ за Southeast European Times во Сараево -- 05.04.12
![]() Жена оди на гробишта во Сараево, каде што се закопани жртвите од опсадата на главниот град на БиХ во периодот 1992-1995 година. [Ројтерс] |
На 6-ти април 1992 година, Западот ја призна Босна и Херцеговина (БиХ) за независна, и српските вооружени напаѓачи пукаа на демонстрантите во Сараево. Ова беше почеток на 43-месечната опсада, која резултираше со смрт на повеќе од 11.000 луѓе во градот, додека безброј други луѓе избегаа.
Април 1992 година сé уште живее за многу граѓани. Тие не знаеја ништо за војната во тоа време -- ужасите за првпат ги почувствува населението во југоисточна Босна, од градовите на Дрина, кои граничат со Србија.
„Опсадата им донесе огромно страдање и мака на околу 400.000 жители на босанскиот главен град во тоа време. Постојано бомбардирани и стрелани, луѓето беа отсечени од храна, лекови, вода и струја“, рече Мелиса Флеминг, портпаролка на УНХЦР, агенција на ОН за помош на бегалци. „Илјадници цивили загинаа и беа ранети. За време на војната, луѓето во Босна и Херцеговина беа сведоци на сите возможни кршења и злоупотреби на човековите права -- од етничко чистење и силување до масовни егзекуции и гладување.“
Ветриштата на војната се ширеа брзо од северот. За само неколку дена, илјадници луѓе загинаа, претежно мажи, додека постарите луѓе, жените со децата бараа пат до местата каде што воените ужаси беа помалку раширени.
Со децата во своите раце и торби со облека, тие беа сместени во училиштата и спортските и културните објекти, кои станаа места на колективно сместување за бегалците.
„Немавме многу храна, но делевме со луѓето кои немаа ништо. Наивно мислевме дека војната нема да трае долго и дека набргу ќе заврши. Никој од нас не можеше да го замисли гладот што потоа следеше“, рече за SETimes Мунира Курбашиќ, домаќинка од Витез.
„Кога водителот на државните вести рече ,Добровечер, ова е војна!’ сé уште не го сфатив вистинското мислење на тие зборови. За жал, набргу го сфатив. Подрумот стана наш дом, гладот нешто со кое се будиш и заспиваш, бомбите и снајперите секојдневие, а смртта, поблизу од кога и да е“, рече Бранко Катана од Сараево.
Опсадата на Сараево траеше 1,425 дена -- најдолга опсада на еден главен град во современата историја. Повеќе од 11.540 луѓе загинаа, стотици од нив деца.
Животот во БиХ сега се гледа во два дела -- пред и по војната.
„Меѓу април 1992 и 2012 година, мојот живот се вртеше околу пронаоѓањето на коските на мојот син Самир“, рече за SETimes Аиса Омеривиќ од Братунац. Таа го изгуби своето семејство, дом и надеж за подобра иднина во ветриштата на војната.
„Моето семејство го нема; уништени сме и по мојата смрт, нема да има никој од моите деца да говори за воените ужаси низ кои поминавме“, рече Омеривиќ.
Во целата земја, загинаа повеќе од 200.000 луѓе -- вклучително муслимани, Срби, Хрвати и други националности.
Како и Омеривиќ, оние кои изгубија членови на своето семејство, бараат меѓу 28.000 исчезнати луѓе во БиХ. Сите тие се надеваат дека ќе го дочекаат денот кога ќе откријат каде се наоѓа последното почивалиште на нивните сакани.
Околу 74.000 бегалци и понатаму се раселени, според УНХЦР, кој планира меѓународна донаторска конференција на 24-ти април во Сараево, со цел собирање на 500 милиони евра за бегалците, внатрешно раселените и повратниците.
Кога заврши конфликтот, БиХ остана да ги собира остатоците. Но, за разлика од другите поранешни југословенски републики, новата држава нема етничка обединетост во своите граници.
Дејтонскиот мировен договор од 1995 година стави крај на борбата, но во суштина ги зароби непријателите во државните граници, оставајќи ги етничките проблеми со кои земјата се соочува денес.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's