21/03/2012
Откако скоро три години беше без водач, Молдавија сега има нов претседател.
Алина Раду за Southeast European Times во Кишињев-- 21.03.12
![]() Новиот претседател на Молдавија, Николае Тимофти, е првиот водач на земјата по скоро три години. [Ројтерс] |
Новиот претседател на Молдавија, 64-годишниот поранешен судија Николае Тимофти, вети дека ќе ја води земјата по патот на европското пристапување. Но, тој мора да надмине неколку предизвици за да го направи тоа.
Тимофти ја презеде функцијата по гласањето со тесна разлика минатата недела. Земјата беше без водач скоро три години.
„Една од најважните државни институции е парализирана. Суштинскиот процес на развој на земјата е погоден од нестабилност и неизвесност“, рече Тимофти пред парламентот во понеделникот (19-ти март), кога пратениците ги верификуваа изборите од 16-ти март.
Приоритет во неговата агенда ќе биде решавањето на политичкиот ќор-сокак. Заклучок на многу дебати е дека уставот мора да се промени, со што ќе се овозможи следниот претседател да биде избран од граѓаните, а не од политички поделениот парламент.
„Мораме да признаеме дека уставните реформи што почнаа во 2000 година не се завршени. Денес ние се соочуваме со потешки проблеми кои ги погодуваат не само државните институции, туку и основните човекови права“, им рече Тимофти на пратениците.
Експертот за уставот и пратеник Виктор Попа рече дека една од првите цели на Тимофти треба да бидат уставните реформи и подобрувањето.
„Мислам дека е негова обврска да соработува со парламентот на уставните реформи. Се разбира, тоа е долга и сложена процедура, но новиот претседател треба да се погрижи за тоа уставот да функционира за сите граѓани“, рече Попа за SETimes.
Парламентот седум пати се обиде да избере водач, но ниту еднаш не успеа да претстави кандидат што ќе добие мнозинство од гласовите.
Ќор-сокакот произлегува од фактот дека Сојузот за европска интеграција -- кој има мнозинство гласови во парламентот -- има недостаток од два гласа, додека претставниците на Комунистичката партија одбија да гласаат за кандидат на сојузот.
Во ноември 2011 година неколку членови на комунистите ја напуштија партијата за да ја формираат социјалистичката фракција во парламентот. На изборите на 16-ти март тие му се приклучија на проевропското мнозинство.
Новиот претседател рече дека пристапувањето во ЕУ ќе биде приоритет.
„Ни треба идеја за повторно обединување на општеството, за тоа да се придвижи напред како целина. Јас верувам дека ова е идејата за европската интеграција. Луѓето треба да сфатат дека ЕУ е простор на вредности и благосостојба и дека тие заслужуваат да бидат дел од тоа -- но, ние мораме да вложиме и одредени напори“, рече Тимофти за време на изборите.
Еден од тие напори, рече министерот за правда, Олег Ефрим, се судските реформи.
„Ние сме на почеток од правните реформи во Молдавија и придонесот на новиот претседател е едноставно неопходен. Тој е предодреден да ни го понуди целото свое знаење и експертиза за правда за човековите права“, рече Ефрим за SETimes.
Тимофти се согласи. „Независен судски систем е клучен за развојот на земјата. Од ова произлегуваат инвестициите, работните места, развојот на претприемништвото, борбата против сиромаштијата и довербата на молдавските граѓани во државата и иднината“, рече тој.
Иако граѓаните имаат различни мислења во поглед на тоа дали новиот водач ќе ги реши проблемите на земјата, многумина се согласуваат дека работите се полоши без претседател.
„Молдавија немаше претседател долго време. Тоа е како куќа без управител. Земјата не може да се развива без претседател; никој не верува во иднината“, рече за SETimes Вероника Попеску, наставничка од Калараси.
„Немаме работни места, мораме да ја напуштаме [земјата] секоја година [за да најдеме работа] бидејќи тука немаме пазар на труд. Дали претседателот ќе го реши овој проблем? Мислам не, но претседателот значи поголема политичка стабилност во земјата“, рече за SETimes 52-годишниот граѓанин Георге Татару.
„Јас бев на училиште на денот на изборите -- имаме голем телевизиски екран во салата. Сите наставници и ученици го гледаа и слушаа [гласањето]. Мене ова ми изгледаше важно. Откога сум родена сум имала само еден комунистички претседател -- ова е првиот проевропски претседател во мојот живот“, рече за SETimes 11-годишната ученичка Инга Тарану.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's