08/03/2012
Новинарка е нападната пред нејзиниот дом, во време кога Црна Гора се соочува со повторни меѓународни критики дека нејзините независни медиуми се под политички притисок од властите.
Недељко Рудовиќ за Southeast European Times во Подгорица -- 08.03.12
![]() Оливера Лакиќ беше претепана пред својот стан во средата (7-ми март). Новинарката минатата година, исто така, доби закани, кога пишуваше за нелегалното етикетирање на тутунските производи. [Фејсбук] |
Истражна новинарка на подгоричкиот дневен весник Вијести беше брутално нападната пред својот дом во средата (7-ми март), додека на други двајца мажи им се судеше дека минатата година й се заканувале. Нејзините повреди беа опасни по живот.
Нападот е последен од серијата напади врз црногорските новинари, кои го привлекоа меѓународното внимание на Организацијата на медиуми од Југоисточна Европа (СЕЕМО), група со седиште во Виена, која минатата недела издаде извешај во кој е документиран политичкиот и бизнис притисокот како голема закана за слободата на медиумите во земјата.
„Физичкиот напад на Оливера Лакиќ е доказ дека Црна Гора не е слободна земја. Цената за истражното новинарство тука е премногу висока. Владата е немоќна во однос на заштитата на новинарите“, рече за SETimes Рајка Раичевиќ, новинарка од опозицискиот весник Дан и членка на Здружението на новинари на Црна Гора.
Според СЕЕМО, Лакиќ добила закани и во февруари 2011 година, кога пишуваше за нелегалното етикетирање на тутунските производи. Таа и нејзиното семејство добија закани, и на двајца мажи им се суди заради тоа што й се заканувале.
СЕЕМО издаде изјава во четвртокот, во која го осуди нападот.
„Со оглед на честите напади врз новинарите и имотот на Вијести, јас верувам дека овој весник е директна цел“, рече генералниот секретар на СЕЕМО, Оливер Вујовиќ. „Ги повикувам властите да го најдат лицето кое ја претепа Оливера Лакиќ, како и сите оние одговорни за претходните напади. Црна Гора има аспирации за пристапување во ЕУ. Во една демократија, новинарите не треба да се тепани или да добиваат закани, и сите извршители треба да се пронајдат и судат.“
Во извештајот на СЕЕМО минатата недела се истакнува дека постои еден модел на притисок врз новинарите во Црна Гора.
Откривањето и судското гонење на сите извршители на нападите врз новинари и медиумски имот, е од суштинска важност „за да се докаже дека владата се грижи за слободата на медиумите“, истакна организацијата.
„Со други зборови, тоа ќе покаже дека демократската реторика не е фасада.“
Во мај 2004 година, главниот уредник на Дан Душко Јовановиќ, беше застрелан и убиен на улица во Подгорица, а убиството беше наречено напад врз „слободата на изразувањето, независното новинарство и демократијата“.
![]() Црногорските медиуми се разнишани од политичко влијание, вели СЕЕМО. [Ројтерс] |
Во 2007 година директорот на независниот весник Вијести, Жељко Ивановиќ, и новинарите Туфик Софтиќ и Младен Стојановиќ, беа претепани, а во август 2011 година, беа запалени возила на Вијести. Извршителите не се пронајдени.
„Извештајот на СЕЕМО е конструктивен за оние кои размислуваат за демократскиот развој и слободата на медиумите во Црна Гора, и оние кои немаат намера да ги камуфлираат трауматичните последици за новинарите, како што се судските процеси и нападите врз нив“, рече за SETimes претседателот на саморегулаторното тело на новинарите НСТ, Мирсад Растодер.
Во декември 2010 година Игор Лукшиќ ја презеде функцијата премиер од Мило Ѓукановиќ, кој беше обвинет за влијание врз медиумите.
Под неговата администрација, парламентот ја укина клеветата како кривично дело минатата година и судовите почнаа да ја признаваат меѓународната практика.
„Новиот премиер, понесен од овој ветувачки напредок, воспостави природна комуникација со новинарите и покажа поинаков однос. Но, не постои очигледна подготвеност за сериозно преиспитување на сé што се случи претходно“, рече Растодер.
Андријана Вукотиќ, советничката за медиуми на премиерот, тврди дека владата покажа подготвеност да ја унапреди слободата на медиумите.
„Не ја оспорувам валидноста на заклучоците на СЕЕМО. Во исто време, ние сметаме дека нашата намера да ги процесуираме случаите на напади врз новинарите и имотот на медиумите е повеќе од очигледен. Од суштинска важност е понатамошното подобрување на целокупната ситуација во оваа област“, рече Вукотиќ за SETimes.
Вукотиќ ги повика новинарите да й помогнат на владата во создавањето подобра средина за медиумите.
„Најважна е подготвеноста и отвореноста на владата во правец на зајакнување на новинарството. Тоа й помага на Црна Гора да добие репутација на демократска и модерна држава која ги усвоила европските вредности и стандарди во сите области“, рече таа.
Но, новинарката на Вијести Драгана Бабовиќ рече дека откако Лукшиќ дојде на власт, променета е само реториката. Таа рече дека Црна Гора генерално се препознава како држава каде што владата континуирано се обидува да ги држи медиумите под контрола.
„За разлика од Ѓукановиќ, Лукшиќ во првите месеци не ги навредуваше новинарите кои ја критикуваа неговата политика. Тој имаше добра комуникација со скоро сите медиуми додека не сфати дека тоа „пријателство“ со медиумите не ја зајакнува неговата позиција во партијата“, рече таа за SETimes.
„Ако владата навистина сака да ја подобри позицијата на медиумите, особено на новинарите, мора ... да ги открие убијците и напаѓачите на новинарите“, рече Бабовиќ.
Новинарката Ивана Гудовиќ рече дека одложувањето на откривањето и апсењето на извршителите кои ги наредиле убиствата и нападите врз новинарите, и политичките притисоци, е главната пречка за слободата на медиумите во Црна Гора.
„Со извештајот на СЕЕМО владата доби уште еден потсетник дека теоријата не значи ништо ако нема конкретни резултати во поглед на слободата на медиумите“, рече Гудовиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's