01/03/2012
Локален косовски медиумски центар доби пофалби за своите напори да иницира политички дијалог.
Линда Карадаку за Southeast European Times во Чаглавица -- 01.03.12
![]() Медиумскиот центар во Чаглавица го намалува политичкиот јаз меѓу косовските Срби и Албанци. [Лаура Хасани/SETimes] |
Големиот знак на крајот од главната улица во Чаглавица, село со мнозинско српско население на периферијата од Приштина, води до добропознатиот медиумски центар кој се наоѓа во една трикатна зграда. Истиот беше отворен во 2007 година како невладина организација, со цел воспоставување дијалог меѓу косовските Срби и косовските Албанци.
Центарот има амбициозни планови во косовската рамка и реалност.
„Отворивме со малку пари“, рече Будимир Ничиќ, кој го иницираше отворањето на центарот. Тие започнаа со јавни дебати во 2007 и 2008 година на телевизија и на радио.
„Не е лесно, но ако работите и имате волја, може да се оствари“, рече Ничиќ за SETimes.
Центарот продуцира популарно шоу меѓу косовските Срби, насловено како Слободно Српски, ток-шоу еден на еден, на кое се дискутира околу чувствителни теми и предизвикувачки прашања.
„Медиумскиот центар Чаглавица е од голема важност за нас бидејќи многу го олеснува нашиот пристап до информации. Истиот помага едноставно поради тоа што е најверојатно единствениот медиумски центар, единствена ваква институција каде што албанските политичари даваат изјави во претежно српска средина, испраќаат пораки до српската заедница, и допираат до нив“, рече за SETimes косовскиот Србин Исак Воргучиќ.
Центарот емитува програма секоја недела и среда на сите телевизиски канали на косовските Срби и на Косовската радиотелевизија.
„Свесни сме дека албанската заедница, исто така, ја гледа програмата. Добиваме реакции на албански јазик на нашата веб-страница“, рече Ничиќ.
„Медиумскиот центар во Чаглавица добро си ја врши работата претставувајќи ја новата косовска реалност. Тие организираат дебати кои ги следат неколку косовски медиуми. Центарот е место каде што може да се сретнат различни претставници, вклучително и оние што не ја признаваат косовската реалност. Тие имаат еднаков пристап, разговараат за прашањата, [и] го објаснуваат својот став. Тоа е нов начин на комуникација меѓу Албанците и Србите“, рече за SETimes косовскиот Албанец Рабиша Мухаџири.
Отворените јавни дебати остануваат силата на центарот, при што косовски и српски официјални претставници се вклучуваат во жешки теми на денот.
„Неодамна го имавме Драган Раденковиќ од Социјалистичката партија на Србија, Слободан Петровиќ, вицепремиер на Косово и францускиот амбасадор Жан Франсоа Фиту во конструктивна, толерантна дебата“, вели Ничиќ.
„Досега сме организирале околу 300 јавни дебати, сме опфатиле многу теми за кои сé уште се разговара во Брисел“, рече за SETimes Анѓелка Ќуп, една од менаџерите на центарот.
Центарот за регионализам во Нови Сад и Друштвото Мајка Тереза неодамна организираа јавна дискусија во рамките на „Слободно движење на народите и стоките меѓу Косово и Србија во регионален контекст“, поддржано од ЕУ, Поддршка за граѓанското општество, како најнов настан организиран во центарот, додаде Ќуп.
Медиумскиот центар во Чаглавица најпрво почна на интернет, а сега дава услуги на главните јазици во Косово. Првично доби поддршка од УСАИД и Американската амбасада, а потоа и од другите локални и меѓународни донатори.
Станко Певац, консултант на ИРЕКС, програма на УСАИД за поддршка на медиумите во Косово, вели дека центарот дал голем придонес за медиумите на косовските Срби, покривајќи ги сите релевантни настани.
„Медиумскиот центар вложи огромни напори да го поттикне и охрабри дијалогот меѓу косовските институции, српските институции и меѓународните организации. Тие почнаа да ги соочуваат трите релевантни страни, и тоа беа пионерски остварувања од 2007 година наваму“, рече Певац за SETimes.
Косово и Србија разговараат со меѓународно посредство, но Медиумскиот центар во Чаглавица го иницираше дијалогот многу пред тоа, рече тој.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's