30/01/2012
Бугарија одлучи да го забрани истражувачкото дупчење за гас од шкрилци поради загриженоста за влијанието врз животната средина.
Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија -- 30.01.12
![]() Демонстрантите извикуваат слогани и носат транспарент на кој пишува „Забранете ги тестирањата за гасот од шкрилци преку хидраулично разбивање“, за време на митингот во централна Софија на 14-ти јануари. [Ројтерс] |
Новиот закон за забрана на хидрауличното разбивање, или распукување, можеби ќе мора да биде ревидиран, бидејќи експертите велат дека истиот, всушност, ги блокира сите процедури на дупчење и теренско испитување, кои се однесуваат на експлоатацијата и екстракцијата на нафта и природен гас во земјата.
Експертите велат дека една одредба во законот, според која притисокот што се користи за дупчење заради екстракција на нафта или природен гас не може да биде поголем од 20 атмосфери, ќе влијае на сите дупчења што се вршат на длабочина од 200 метри или пониско.
Бугарија стана втората земја-членка на ЕУ која го забрани хидрауличното разбивање и сличните техники за експлоатација и екстракција на гас од шкрилци во земјата и нејзините територијални води во Црното Море.
Законот, усвоен од парламентот со 166 наспрема 6 гласови на 18-ти јануари, по масовните протести на екологистите, влезе во сила на 24-ти јануари. Прекршителите се соочуваат со казни во висина до 50 милиони евра.
Во јуни американскиот енергетски гигант Шеврон доби лиценца за користење на хидрауличното разбивање или распукување на гасот од шкрилци во североисточна Бугарија. Претпријатието сега има рок од три месеци да го ревидира својот план во согласност со новиот закон, или ќе му биде одземена лиценцата.
Валентин Николов, заменик-претседател на парламентарната група на владејачката централно-десничарска партија ГЕРБ, рече дека овој потег покажува оти неговата партија „работи со граѓанското општество и го слуша мислењето на истото“.
Охрабрена од успехот на својата кампања против распукувањето, Граѓанската иницијатива за забрана на експлоатацијата и екстракцијата на гас од шкрилци во Бугарија, сега го свртува своето внимание на соседна Романија, каде што Шеврон треба да започне со дупчење за гас од шкрилци во текот на следните месеци.
Групата, која организираше митинзи во Бугарија, на прес-конференцијата соопшти дека напишала отворено писмо до романските власти, во кое ги повикува да обрнат внимание на контроверзната техника.
Гасот од шкрилци претставува природен гас кој се наоѓа во природните пукнатини и напукнувања во подземните формации. Техниката на хидраулично разбивање, во која мешавина од вода, песок и хемикалии се пумпа под висок притисок, помага да се отворат пукнатините и да се ослободи гасот.
„Тој метод е штетен“, изјави за SETimes Борислав Сандов, основач на граѓанската иницијатива. „Истиот ја труе водата и почвата на многу места низ целиот свет. Постојат десетици, па дури и стотици вакви случаи во Соединетите Американски Држави, во Германија, во Полска. Истото поттикнува земјотреси, како што беше истакнато во официјалните извештаи на Геолошкото здружение на Охајо“.
Бугарскиот министер за енергија и економија, Трајчо Трајков, изјави за бТВ дека рускиот Гаспром моментно й наплаќа на Бугарија повеќе од 382 евра за 1.000 кубни метри природен гас, додека земјите што имаат гас од шкрилци плаќаат 76 евра за 1.000 кубни метри.
„Одлуката на парламентот нé лишува од аргумент во преговорите со Русите“, рече министерот.
Бугарија, која купува 98 отсто од својот гас од Гаспром, можеби лежи на 300 милијарди кубни метри до 1 билион кубни метри гас од шкрилци, објави новинската агенција Блумберг, цитирајќи ги проценките на бугарското Министерство за енергија и економија.
Иван Иванов, член на парламентарниот комитет за економија, енергија и туризам -- и пратеник на партијата Демократите за силна Бугарија -- жали поради усвојувањето на забраната, но е задоволен што неговата партија гласаше против мерката.
„Нашата позиција е заснована на неколку принципи -- главно енергијата претставува елемент на националната безбедност на земјата“, рече тој за SETimes. „Напорите треба да бидат насочени кон обезбедување енергетска сигурност и енергетска независност за Бугарија. Трагањето и, последователно, екстракцијата на гасот од шкрилци може да помогне за двете цели истовремено.“
Второ, Бугарија ќе може да ја намали својата зависност од Гаспром, кој, искористувајќи го својот монопол, продолжува со зголемување на цената на природниот гас што го носи во земјата, продолжи Иванов.
„Трето, конкурентноста на бугарските производи ќе порасне, бидејќи цената на главниот енергетски извор, а тоа е природниот гас, ќе биде многу пониска“, рече тој.
Едностраната зависност на Бугарија од Гаспром й дозволува на Русија да игра одредена улога во процесот на носење политички одлуки во земјата, според Иванов.
„Гаспром, кој ги спроведува геостратешките планови на премиерот [Владимир] Путин преку својата политика, знае дека ако Полска, Романија и Бугарија започнат со екстракција на гас од шкрилци, западниот правец за дотурот на рускиот природен гас, всушност, ќе биде пресечен“, рече тој.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's