Српските потрошувачи се најтешко погодени од високите малопродажни цели; владата интервенира

14/01/2012

Потегот на владата привремено ги намали трговските маржи за некои прехранбени производи во Србија, каде што платите се меѓу најниските во регионот.

Катица Ѓуровиќ и Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 14.01.12

photo

Некои економисти велат дека недостатокот на конкуренција неправедно ги зголемува цените на храната во Србија. [Ројтерс]

Регулативата која ја прави храната попристапна -- барем засега -- ги намали трговските маржи за брашното, шеќерот, маслото за јадење, млекото и месото за 10 отсто. Но, тоа предизвика протести од страна на Синдикатот на работодавачите, кој предупредува дека регулативата ќе води до затворање на многу мали и средни бизниси.

Прописот, кој влезе во сила овој месец, а истекува на 1-ви јули, ги намалува трговските маржи за некои прехранбени производи, дури и до 30 отсто. Србија го има едно од најниските нивоа на плати во Југоисточна Европа, и жителите во просек трошат половина од својата плата за стоката за широка потрошувачка.

Властите се надеваат дека намалувањето на маржите ќе ја зголеми побарувачката и ќе им овозможи на луѓето да купуваат повеќе.

Никој не е среќен кога се потребни административни мерки за регулирање на пазарот, но има ситуации кога е невозможно на друг начин да се воспостави рамнотежа на пазарот, каде што недостатокот на реална конкуренција се одразува со високи маржи“, рече министерот за земјоделство и трговија, Душан Петровиќ.

Некои аналитичари се сомневаат дека регулативата ќе даде долгорочни резултати.

„Во Србија, храната е главно скапа поради скапото производство, односно ниската продуктивност“, рече за SETimes Марица Вуковиќ, уредничка на економскиот дел на новинската агенција Бета.

„Кога станува збор за основните земјоделски производи, тие се поскапи отколку во Европа, бидејќи државните субвенции се пониски. [Додека] сите земји го субвенционираат земјоделството за да ги заштитат граѓаните од недостатоци, земјоделскиот буџет во Србија е помал како во номинален, така и во процентуален аспект, во споредба со БДП на другите земји.“

Таа вели дека главната причина за усвојувањето на регулативата е престојната предизборна кампања. Србија мора да ги одржи општите избори до мај.

Исто така, таа не очекува овој пропис да ги даде суштинските резултати, со оглед на неговото ограничено траење. Настрана од тоа, „Заштедите во буџетот на домаќинствата ќе се почувствуваат само од поголемите семејства, кои купуваат огромни количини леб, млеко и јогурт и масло за готвење“, рече Вуковиќ.

Ниту економистот Махмут Бусатлија од Економскиот институт во Белград не очекува некакви позначителни резултати.

„Храната на Србија е скапа бидејќи има монопол во нејзиниот увоз. Само неколку претпријатја работат во таа област и тие честопати не купуваат храна од европски производители, туку од некои посредници на бесцарински зони. Ова ги прави цените на увезената стока нереално високи и парите се одлеваат од Србија“, рече Бусатлија за SETimes.

photo

Просечните плати во државите од Југоисточна Европа. [Приказ на SETimes]

Просечната плата во Србија изнесува околу 376 евра, со инфлација од 8,1 отсто. Невработеноста е околу 20 отсто. Во Југоисточна Европа само Македонија има просечна плата пониска од Србија. За споредба, просечната плата на Словенија е 975 евра, а просекот на плати во Хрватска изнесува 715 евра.

„Цената на производите во нашите супермаркети е под влијание на пазарот: истата зависи од видот на производот, брендот, категоријата, куповната моќ и другите трошоци, како што е транспортот, електричната енергија, складирањето“, рече за SETimes Слободан Рудан. Тој е директор на работењето на Делхајзе груп, која работи со малопродажните синџири Макси и Темпо во Југоисточна Европа.

Пред ценовните контроли на стапат на сила овој месец, цената на шеќерот во српските супермаркети изнесуваше просечно 111 до 113 динари за килограм, околу 10 отсто повеќе отколку во Подгорица и Скопје. Цените на млекото во големите градови од регионот изнесуваа од 70 до 80 евроценти за литар, додека на српските пазари потрошувачите плаќаа од 85 до 90 евроценти.

Движењето за заштита на потрошувачите вели дека српските трговци одлучуваат за нивото на трговски маржи, што е многу хаотично поради недоволните контроли.

„Сите произволно ги одредуваат маржите. Затоа, некој производ може да има различна цена во супермаркет во Белград и во помала продавница во централна Србија“, рече за SETimes Петар Богосављевиќ, директор на движењето.

Според Богосављевиќ, кога се намалува куповната моќ, трговците имаат тенденција да ги намалуваат цените и маржите, со цел да привлечат купувачи и да го зголемат профитот. Но, во Србија, цените постојано растат, рече тој.

Поврзани написи

Loading

Богосављевиќ вели дека главната причина за постојаното зголемување на маржите е недостатокот на конкуренција. Доаѓањето на новите мега-маркети во земјата ќе значи поголема конкуренција, пониски профити и пониски цени.

„Тоа е цената што ние ја плаќаме за монополот на малопродажбата, кој им овозможува да жнеат високи профити без да стравуваат од конкуренција“, рече за SETimes Драган Миличевиќ, автор на анализата за маржите на малопродавачите во Србија.

Оние што се најнезадоволни од високите цени се купувачите, од кои многумина се подготвени да тргнат на пат за да најдат подобра понуда.

„Повремено патувам за Темишвар во Романија за да купам електроника, облека, чевли и храна за моето домаќинство. Малопродажните синџири во Романија се поевтини отколку во Србија и ќе продолжам да одам во Романија додека во Србија не дојдат поевтини супермаркети, или додека домашните трговци не ги намалат цените“, рече за SETimes Весна Влајиќ, пензиониран банкарски сметководител.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Репортажа

Екстремистите ги искористуваат сиромаштијата и младите во обидите за регрутирањеЕкстремистите ги искористуваат сиромаштијата и младите во обидите за регрутирање

Економските можности и образованието се неопходни за запирање на ширењето на екстремизмот меѓу младите.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Дали овозможувањето силен балкански економски пазар ќе го подобри процесот на помирување во регионот?

Да
Не
Не знам



Види ги резултатите Додадете коментар