13/01/2012
Нови промени го очекуваат Косово на неговиот пат, сега кога четири години по прогласувањето независност, надзорот на меѓународната заедница треба да заврши.
Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 13.01.12
![]() Персоналот на КФОР, ЕУЛЕКС и Косовските безбедносни сили одржаа заедничка вежба во близина на Приштинскиот аеродром, на 30-ти јуни 2011 година. [Ројтерс] |
Премиерот Хашим Тачи на почетокот од овој месец потврди дека во 2012 година ќе заврши надгледуваната независност, при што одлуката за ова се очекува до крајот на јануари. Тогаш Меѓународната управна група се очекува да се состане и да го определи распоредот за почетокот на крајот.
ЕУ го приспособува своето присуство во Косово, назначувајќи го словенечкиот министер за надворешни работи во заминување, Самуел Жбогар, за нов шеф на канцеларијата на ЕУ. Тој, исто така, ќе биде специјален претставник на ЕУ, но нема да се смета за шеф на делегацијата на ЕУ бидејќи пет членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Косово.
ЕУ, исто така, ја преиспитува својата мисија за владеење на правото, ЕУЛЕКС, истакнувајќи, сепак, дека „Владеењето на правото е јасна обврска на Косово, а ние само помагаме. Сметам дека е во интерес како на ЕУ, така и на Косово добро да работат заеднички“, рече за SETimes портпаролката на ЕУ, Маја Кочијанчиќ.
Франсоа Ламбер, заменик-шеф на Канцеларијата за односи со медиумите на ЕУЛЕКС, потврди за SETimes дека договорите за околу 70 членови на персоналот од царинската и полициската компонента, нема да бидат продолжени поради делумното реструктуирање. Но, формирани се околу 40 нови позиции во правната компонента, каде што ќе им се даде приоритет на овие членови на персоналот.
Таа додава: „Би било патронизирачки да се посочи дека големината на нашата мисија е директно поврзана со подготвеноста на Косово да дејствува самостојно. Косово веќе дејствува самостојно во многу области. Но, се разбира, со текот на времето, како што растат капацитетите и стандардите во владеењето на правото во Косово, фокусот на нашата мисија ќе се стеснува и нашите бројки ќе се намалуваат.“
Во декември косовска владина делегација предводена од вицепремиерот Хајредин Куци го посети Брисел за да дискутира околу првичната фаза од крајот на надгледуваната независност.
Куци изјави за SETimes дека состаноците се фокусирале на тоа „како да му пристапиме на ова многу важно и многу чувствително прашање. Има неколку области во кои капацитетите на локалните институции се зголемија и во кои локалните институции може да работат дури и без помош на меѓународните претставници. Но, има и неколку области -- како што се воените злосторства и организираниот криминал -- во кои ќе ни треба помош на ЕУЛЕКС, па дури и други механизми, уште некое време. Она што можам да го кажам е дека имаме одлична соработка со ЕУ и САД, и дека секое дејство што треба да се преземе во процесот на ставање крај на надгледуваната независност ќе биде целосно усогласено со Брисел и Вашингтон.“
Владата вели дека прашањата за кои е посебно дискутирано се „правниот систем, полицијата и другите сегменти каде што намалувањето на членовите на мисијата на ЕУ може да започне“.
Тие, исто така, се согласија да состават заеднички план, во кој ќе ги дефинираат должностите и конкретните обврски на косовските институции и ЕУЛЕКС, во врска со северно Косово. Владата има за цел да наметне функционално владеење на правото низ целата територија на Косово.
„Косово има среќа“, рече Калдон Сино, шеф на Канцеларијата за врски на ЕУ во Приштина, за косовскиот дневен весник Зери. Поради тоа што Косово се наоѓа во регион на европско проширување, заедно со другите земји се разгледува за вклучување во ЕУ. Тој рече дека тоа значи оти Косово очекува да добива околу 70 милиони евра помош годишно.
Крајот на надгледуваната независност ќе значи и затворање на Меѓународната цивилна канцеларија (ИЦО) оваа година. Портпаролот на ИЦО, Кристијан Палме, изјави за SETimes дека значителни делови од Сеопфатниот предлог за статусот се спроведени, но додава дека „Има јасно дефинирана група преостанати мерки во нашиот работен план за 2012 година, на кои ние ќе продолжиме да работиме со нашите партнери во владата на Косово и ИСГ“.
Политичкиот аналитичар и колумнист Белул Беќај, заменик-претседател на невладината Европско движење во Косово, се прашува дали придонесот на ИЦО беше доволен. Откако ИЦО ќе се затвори и ЕУЛЕКС ќе го намали своето присуство, вели тој, „На Косово ќе му недостасува она што му недостасуваше и досега: одговорност на раководството ... [што довело] до очигледни неуспеси, кое на овој или оној начин, беше покривано од странците“, рече Беќај за SETimes.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's