12/12/2011
Косово и Црна Гора се единствените земји од Југоисточна Европа кои покажаа подобрување во овогодинешниот Индекс за перцепцијата на корупцијата 2011.
Светла Димитрова за Southeast European Times -- 12.12.11
![]() Косовската полиција го придружува поранешниот гувернер на косовската банка, Хашим Реџепи, по неговото апсење во 2010 година, за време на истрага за корупција. [Ројтерс] |
Транспаренси интернешнал (ТИ) го објави својот Индекс за перцепција на корупцијата 2011 (ЦПИ) минатата недела, кој повторно покажа дека Кипар е најнекорумпирана држава во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Оваа медитеранска земја се рангираше многу пред другите десет нации во регионот.
Со 6,3 поени, исто како и минатата година, Кипар се рангираше на 30-тото место во светот на годишниот извештај на оваа невладина организација за антикорупција, со седиште во Берлин. Потоа доаѓа Турција, која се наоѓа 31 места подолу, со втор по ред резултат меѓу државите од ЈИЕ, додека Косово и Молдавија добија најниски поени за регионот.
Корупцијата останува ендемична во премногу земји низ целиот свет, истакна ТИ во изјавата во која го објави излегувањето на својот нов ЦПИ. Податоците од 17 истражувања на бизнис водачи и аналитичари на ризикот кои ги искористи за да го состави индексот, покажаа дека некои влади не успеваат да ги заштитат граѓаните од корупција, без оглед дали се работи за јавни ресурси, мито или таинствено носење одлуки, се вели во истата.
Протестите што се одржуваа низ целиот свет во изминатите 12 месеци, честопати беа поттикнати не само од економската нестабилност, туку и од корупцијата, додаде ТИ. Истата го опиша трендот како јасен сигнал оти луѓето не ги доживуваат своите водачи и јавните институции ниту како транспарентни, ниту како доволно одговорни.
„Оваа година гледавме корупција на транспарентите на демонстрантите, без оглед дали се работи за богати или сиромашни“, се цитира во изјавата претседателката на ТИ, Хугет Лабел. „Без оглед дали во Европа, погодена од должничката криза, или во арапскиот свет, каде што започнува нова политичка ера, водачите мора да обрнат внимание на барањата за подобра власт.“
Користејќи ги резултатите од истражувањата, ЦПИ 2011 оцени 183 земји и територии од 0 (висок степен на корупција) до 10 (многу чисти) врз основа на перцепираните нивоа на корупција во јавниот сектор. Само третина од сите нации покриени оваа година добија оценки повисоки од 5,0.
Со оценка од 9,5 Нов Зеланд се најде на врвот од светската табела како најмалку корумпирана земја во светот оваа година. По неа следат Данска и Финска, со оценки 9,4 секоја одделно. Северна Кореја и Сомалија се рангираа најниско со само 1,0 поени за секоја одделно.
Сите земји од ЈИЕ, освен Кипар, добија помалку од 5,0 поени. Покрај тоа, осум од сите 13 земји во регионот добија пониски оценки отколку минатата година, додека само две -- Косово и Црна Гора -- добија подобри оценки отколку во индексот за 2010 година.
Освен Кипар, Босна и Херцеговина (БиХ) и Молдавија беа другите две земји од ЈИЕ што добија исти поени како минатата година, и тоа 3,2, односно 2,9. Додека БиХ се рангираше на 91-вото место во светот повторно, Кипар падна за две позиции, на 30-тата, а Молдавија падна за седум места, на 112-тото, поради додавањето на пет земји во овогодинешниот ЦПИ.
Новите поени на Црна Гора, 4,0 од 3,7 пред една година, й овозможија да се придвижи три позиции погоре, и да им се придружи на Хрватска и Словачка на 66-тото место, додека Косово ја подобри својата оценка за 0.1 поени, и се најде на 112-тото место, заедно со Алжир, Египет, Молдавија, Сенегал и Виетнам, сите со по 2,9 поени.
Трите земји од ЈИЕ -- Хрватска (4,0), Грција (3,4) и Романија (3,6) -- изгубија 0,1 поени од своите претходно поени, додека нови поени доби Албанија (3,2), Македонија (3,9), Србија (3,3) и Турција (4,2) добија 0,2 помалку од поените добиени во 2010 година.
Бугарија изгуби 0,3 поени и падна 13 места, рангирајќи се како најкорумпирана земја во ЕУ. Со своите нови поени од 3,3, земјата го делеше 86-тото место во индексот со Јамајка, Панама, Србија и Шри Ланка.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's