14/11/2011
Разнишана од серија контроверзности, владејачката партија се соочува со обесхрабрувачки дефицит на актуелните анкети на јавното мислење.
Дражен Ремиковиќ за Southeast European Times во Загреб –14.11.11
![]() Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер некогаш се чинеше решен да ја внесе својата земја во ЕУ. Тој сега се соочува со обвиненија за корупција. [Ројтерс] |
Нешто помалку од еден месец пред изборите, анкетите покажуваат дека владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) се соочува со тешка битка.
Партијата е разнишана од неколку корупциски скандали, вклучително и судењето на поранешниот премиер Иво Санадер и истрагата која откри „црни фондови“ наводно користени за поддршка на претходните предизборни кампањи.
Актуелната премиерка Јадранка Косор, која е и водач на ХДЗ, потврди на 27-ми октомври дека партијата е под истрага. Според извештаите на медиумите, предизборната кампања на ХДЗ во 2003, 2005 и 2007 година можно е да била финансирана делумно со државни пари во висина од 4 милиони евра.
Во меѓувреме, левичарската опозиција е овојпат обединета и ја формираше „Коалицијата кукурику“, како што се нарекува. Истата ја вклучува хрватската Социјалдемократска партија (СДП), Хрватската народна партија (ХНС), Истарското демократско собрание (ИДС) и Хрватската партија на пензионерите (ХСУ).
Но, водачите на ХДЗ остануваат оптимисти, тврдејќи дека скандалите нема да ги заматат шансите на партијата пред изборите на 4-ти декември.
„Говориме претежно за економската и социјалната сигурност“, рече за SETimes заменик-претседателот на ХДЗ, Иван Јарњак. „ХДЗ е сé уште најсилна партија. Мислам дека приказната за актуелните корупциски афери нема да влијае на конечниот исход на изборите.“
ХДЗ има официјална политика на поддршка на борбата против корупцијата, рече Јарњак, додавајќи дека тековните истраги ќе бидат „плус за партијата“ на престојната предизборна кампања. Но, анкетите покажуваат дека опозициската коалиција моментно ужива значителна предност, водејќи за скоро 20 отсто.
Според анкетата од крајот на октомври на агенцијата Ипсос Пулс, Кукурику моментно има 38,8 отсто поддршка од гласачите, во споредба со 20,3 отсто на ХДЗ.
Бранка Валентиќ, портпаролка на ХСУ, изјави за SETimes дека владејачката партија се обидува да надомести за својот дефицит на анкетите со напади и негативна кампања.
„И покрај нападите на противничкиот кампус, коалицијата ќе води позитивна кампања без провокации“, рече тој.
Жарко Пуховски, политички аналитичар и професор на Факултетот за политички науки во Загреб, вели дека изборниот резултат е веќе јасен и дека останува да се види само разликата на победата.
Главното прашање, рече тој, е дали ХДЗ ќе биде силна опозиција или ќе западне во конфузија додека нејзините поддржувачи го напуштаат „бродот што тоне“.
„Скандалот со црните фондови е најсилен удар за ХДЗ досега“, рече Пуховски за SETimes. Иако опозицијата води релативно смирена кампања, и се воздржува од напади, рече тој, ХДЗ „се обидува да ги задржи гласачите со патриотски и национални приказни“. Многу Хрвати се чинат незаинтересирани за целиот процес.
Анита Лека, невработена загрепчанка, вели дека ја изгубила довербата во политичарите и не планира да гласа.
„Кога ќе погледнете колку корупција има во владејачката партија во една мала држава како Хрватска, можете само да замислите колкав е степенот на корупција во европските земји, каде што администрацијата е стопати поголема и каде што има повеќе политичари и пари“, рече Лека за SETimes.
Жителот на Сплит, Дејан Цабаркапа, вели дека политичарите не се грижат за локалната економија.
„Секоја политичка програма е иста. Секој ден тие повторуваат дека кога ќе пристапиме во ЕУ сé ќе биде одлично. А Европа ја мачат долгови. Политичарите мора да се погрижат за тоа Хрватска да најде работа за сите работници, за да можеме да се грижиме за себеси, а не да кажуваат празни приказни“, рече Цабаркапа за SETimes, додавјаќи дека „внимателно ќе размисли“ дали да гласа на престојните избори.
Сите големи политички партии го направија пристапот во ЕУ централна точка на својата плаформа. Сепак, значителен број Хрвати и понатаму се евроскептици.
Анкетите од септември покажуваат дека Хрватите се поделени околу пристапувањето во ЕУ. Според анкетите, околу 40 отсто се против пристапувањето во ЕУ, 53 се за, а 7 се неопределени.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's