31/10/2011
Договорот за обединување на конзуларните служби во странство, по што ќе следат слични потези во сите други сектори, предизвика загриженост кај некои луѓе за потенцијална албанска територијална агресија.
Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија -- 31.10.11
![]() „Албанците треба да се чувствуваат исто во Тирана и во Приштина“, рече албанскиот премиер Сали Бериша. [Ројтерс] |
Договорот за спојување на албанските и косовските конзуларни служби во странство предизвика загриженост во делови од Балканот дека договорот претставува чекор напред кон реализирање на „Голема Албанија“.
Договорот беше одобрен од владата на албанскиот премиер Сали Бериша на 20-ти октомври. Истиот ќе ги скрати за половина конзуларните трошоци на двете земји, објави владата.
„Албанците треба да се чувствуваа исто во Тирана и во Приштина“, рече Бериша, повикувајќи истовремено на слични договори во областите на царината и даноците, како и во образованието, социјалниот, културниот и еколошкиот сектор „и сé друго“.
„Мораме да ја зајакнеме соработката во истата правна рамка и практиките со цел да ги намалиме бирократските бариери меѓу граѓаните на Албанија и Косово“, рече тој.
Косовскиот аналитичар Себ Битичи, кој го води приштинскиот Институт за балканска политика, имаше слични аргументи како оние на Тирана.
„Косово и Албанија се мали држави без ресурси, кои имаат конзулати насекаде“, рече тој за SETimes. „Овој договор им овозможува да обезбедат подобри услуги за нивните граѓани. Слични договори се вообичаени дури и меѓу побогатите држави, кои сепак чувствуваат потреба за кратење на трошоците.“
Министерствата за надворешни работи на Македонија -- кое потпиша договор за заедничко конзуларно претставништво со Словенија -- и Црна Гора дадоа изјава за SETimes дека го почитуваат правото на секоја држава да си ги води надворешните и внатрешните работи.
„Ја поздравуваме секоја иницијатива која има за цел подобрување на регионалната соработка“, соопшти македонското Министерство за надворешни работи, но додаде дека „нема да коментира за изјавите и односите меѓу Косово и Албанија“.
„Не гледам причина зошто ова би ја вознемирило Црна Гора“, рече за SETimes вицепремиерот Иван Милиќ.
Македонскиот експерт за дипломатија, Лазар Лазаров, предупреди за позадината на ваквиот вид договори.
„Во првата фаза имате обновување на односите, заеднички царини и економија, но втората фаза во овој процес е вообичаено обединување“, рече Лазаров за SETimes. „Ќе биде тешко Косово да ја одржи својата државност во овие околности. Албанија, како и Косово, се чини дека работат на проектот „Голема Албанија“, споменат за првпат во 1878 година.“
Лазарот реферираше на планот промовиран од албанската политичка организација Призренска лига, кој имаше за цел обединување во една држава на Албанците раштркани низ Косово, Србија, Црна Гора, Македонија и Грција во 19-тиот век.
Косово вети во својата декларација за независност во 2008 година целосно почитување на територијалниот интегритет на своите соседи и границите одредени во планот на Марти Ахтисари за решавање на прашањето на статусот на Косово, одобрени од ОН.
Јан Банкрофт, коосновач на белградската Трансконфликт, тврди дека Планот на Ахтисари јасно одредува оти Косово не може да бара обединување со друга држава, што значи дека намерата на Бериша треба да се третира со голема загриженост.
„Ако владата во Приштина не се придржува на овој важен елемент од Планот на Ахтисари, тогаш е тешко да се очекува дека ќе се придржува на другите предвидени одредби, што ќе донесе понатамошна недоверба меѓу косовските Срби и другото неалбанско население. ЕУ, посебно, мора да биде поексплицитна во своите критики на ваквите чекори“, рече Банкрофт за SETimes.
Тој додаде дека договорот уште повеќе ја зголемува постојната загриженост низ регионот во врска со инсистирањето на албански етно-национален идентитет. „[Тоа] делумно го мотивираше бојкотот на пописот во јужна Србија, прекинувањето на пописот во Македонија и тензиите во Албанија во врска со бројот на етничките малцинства, и може да предизвика понатамошна недоверба во соседните земји како што се Црна Гора и Грција.“
Инсистирајќи на тоа дека Косово е сé уште протекторат на ОН, портпаролот на српската влада, Миливоје Михајловиќ, рече во коментарот за SETimes дека Белград не може да поддржи никаква иницијатива што не е во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Според Битичи, конзуларниот договор може да предизвика „параноја за ,Голема Албанија’, особено меѓу ,екстремните политичари во земјите соседи на Албанија и Косово’“.
„Во врска со другите договори, можеме да очекуваме поголема интеграција како резултат на зголемената трговска и економска соработка“, рече тој, додавајќи дека патот кон посилна соработка меѓу Косово и Албанија, најверојатно, ќе биде трнлив.
„Во исто време, поради недостатокот на напредок во интеграцијата со ЕУ, политичкиот и социјален притисок за поголема интеграција меѓу двете земји, како и други, како што се Македонија и Црна Гора, ќе порасне“, рече Битичи.
Билјана Лајмановска во Скопје, Недељко Рудовиќ во Подгорица, Игор Јовановиќ во Белград и Мухамет Брајшори во Приштина придонесоа за овој натпис.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's