15/10/2011
Учениците во Прешево, Бујановац и Медвеѓа треба да имаат право на наставни материјали на својот јазик, велат застапниците за ова.
Билјана Пекушиќ за Southeast European Times во Белград -- 15.10.11
![]() Албанците сакаат учебници на својот јазик. [Архива] |
Етничките Албанци од три општини во јужна Србија, Прешево, Бујановац и Медвеѓа одржуваат серија протести против, како што велат, континуираната дискриминација, особено во текот на изминатите шест години. Следниот протест е закажан за 28-ми ноември.
Риза Хаљими, единствениот албански пратеник во српскиот парламент, вели дека напредокот во остварувањата на правата заврши со атентатот во 2003 година на тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ.
„Сè запре; така што веќе долго време ние живееме во еден вид гето“, рече за SETimes Хаљим, претседател на Партијата за демократска акција.
Две демонстрации се одржаа во текот на изминатите неколку недели, едната на 13-ти септември, а другата една седмица подоцна. Митингот на 20-ти септември привлече околу 1.500 луѓе. Демонстрантите побараа учениците во основните и средните училишта да добијат учебници на албански јазик, како и Србија да ги признае дипломите издадени од Приштинскиот универзитет.
Српските учебници не се преведени на албански јазик и употребата на учебниците од Приштина е забранета. Како резултат на тоа, околу 12.000 ученици немаат материјали на својот мајчин јазик. Единствениот одобрен буквар е од Албанија, со големи измени на некои делови.
„На пример, албанскиот буквар имаше „прекрасниот град Приштина“, но ова беше изменето во „прекрасниот град Ниш“ [придружено со] слика на Кулата на черепите -- за Србите симбол на злосторствата од времето на турската Отоманска империја“, рече за SETimes Јонуз Муслиу, претседател на Собранието на Бујановац.
Лут поради непостигнувањето напредок, Муслиу поднесе оставка пред два месеци како член на Координативното тело за јужна Србија.
Српскиот министер за образование и наука, Жарко Обрадовиќ, изјави за SETimes дека верува оти во Бујановац, Прешево и Медвеѓа, е постигнато многу за подобрување на пристапот на Албанците до образованието.
„Проблемите во образованието не се вистинската причина за албанските протести во јужна Србија и образованието не треба да се злоупотребува за политички цели“, рече Обрадовиќ за SETimes.
Националистичката опозиција во Србија е, исто така, сомничава.
„Тоа е истата стратегија со онаа што Албанците во Косово ја имаа во 1980-тите, зад која стоеја политички намери“, рече за SETimes заменик-претседателот на Српската радикална партија, Драган Тодоровиќ.
Сепак, српското владино Координативно тело за Прешево, Бујановац и Медвеѓа смета дека протестите не се без оправдување.
Шефот на Координативното тело, министерот за државна и локална администрација и малцински права, Милан Марковиќ, вели дека истото инвестирало значителни ресурси во развојот на трите албански општини. Сепак, додава тој, останаа сериозни прашања и е време Министерството за образование да ги реши.
„Ако не им ги дадеме на Албанците правата што важат за другите национални малцинства во Србија, ќе бидеме во позиција каде што 60.000 членови на овие заедници не се интегрирани во институциите“, рече Марковиќ за SETimes. „Во еден момент тоа може да стане голем проблем.“
Младите луѓе во Србија се чини дека знаат малку за проблемите на нивните врсници на југот.
„Не знам на кој јазик се нивните книги, но мислам дека треба да бидат на српски јазик, бидејќи тоа е официјалниот јазик на нашата земја“, рече за SETimes средношколецот од Белград Владимир Спасиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's