07/09/2011
Аналитичарите дискутираат за тоа дали пресудата ќе има последици врз позицијата на Србија во судските парници покренати во врска со војните од 1990-тите.
Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград -- 07.09.11
![]() Поранешниот началник на Генералштабот на Југословенската армија, Момчило Перишиќ, ја слуша пресудата во хашкиот Југословенски суд за воени злосторства, во вторникот (6-ти септември). [Ројтерс] |
Поранешниот началник на Југословенската армија, Момчило Перишиќ, во вторникот (6-ти септември) доби 27-годишна затворска казна за помагање и поддршка на злосторствата врз муслиманите во Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватите меѓу 1993 и 1995 година.
Судската комисија, со која претседаваше судијата Баконе Молото, исто така, го прогласи Перишиќ за виновен за помагање и поддршка на убиствата на околу 7.000 муслимани и раселување на населението од Сребреница во јули 1995 година, артилериски и снајперски напади врз цивилите во Сараево и за проектилски напади врз Загреб во мај 1995 година,
Сепак, според пресудата тој нема командна одговорност за злосторствата, бидејќи „не беше докажано без никакво сомневање дека имало однос претпоставен-потчинет меѓу него и оние кои ги извршиле злосторствата во Сребреница и Сараево“.
Пресудата беше донесена со мнозинство гласови од судиите Мишел Пикард од Франција и Педро Давид од Аргентина, додека претседателот Баконе Молото изрази спротивно мислење. Одбраната на Перишиќ изјави дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Пресудата привлече голем интерес во Србија, како и во БиХ и Хрватска. Аналитичарите во Белград шпекулираат дали пресудата ќе има влијание врз процесите што се водат во меѓународните судови.
Хрватска и Србија се тужат меѓусебно за геноцид пред хашкиот Меѓународен суд на правдата (МСП). Случајот на геноцид што БиХ го поднесе против Србија во МСП само што заврши -- според пресудата, Србија не била директно одговорна за геноцидот во Сребреница, туку не сторила доволно да го спречи.
Шефот на Српската канцеларија за соработка со МКТЈ, Душан Игњатовиќ, изјави за SETimes дека е особено важно за Србија што пресудата потврди оти Перишиќ не бил претпоставен спрема вооружените сили на Република Српска и нивниот командант Ратко Младиќ -- кој беше обвинет за геноцид во Сребреница.
„Исто така, важно е што судската комисија го ослободи Перишиќ од обвинението за помагање во истребувањето во Сребреница“, рече Игњатовиќ, додавајќи дека бил изненаден од делот на пресудата кој ја утврдува одговорноста на Перишиќ за бомбардирањето на Загреб.
Но, директорката на белградскиот Фонд за хуманитарно право, Наташа Кандиќ, ја опиша пресудата на Перишиќ како „соодветна“.
„Тешко е да се разбере како [Перишиќ] имал контрола над српската армија во Хрватска, но немал контрола над армијата на босанските Срби“, рече Кандиќ.
Војин Димитријевиќ, директор на белградскиот Центар за човекови права, изјави за SETimes дека „ништо значајно“ не се променило со пресудата, бидејќи Перишиќ беше осуден за поддршка на злосторства, а не за геноцид. Според него, досега, практиката потврдува дека МСП ретко ги преиспитува своите сопствени пресуди.
Сепак, бошњачките партии во БиХ не беа задоволни од пресудата. Партијата за демократска акција на високиот претставник на БиХ, Амир Зукиќ, рече дека Перишиќ заслужува живот во затвор.
„Секоја пресуда е премногу блага за она што беше направено во Сараево и Сребреница“, рече Зукиќ за белградските медиуми.
Хрватските власти, исто така, објавија дека Перишиќ заслужува потешка казна. Сепак, поранешниот шеф на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, Жарко Пуховски, рече дека пресудата нема да има негативно влијание врз позицијата на Србија пред МСП.
Пуховски изјави за белградските медиуми дека одговорноста на српскиот генерал за геноцидот во Сребреница не е потврдена, и пресудата во никој случај не може да влијае на судскиот процес за геноцид што Хрватска го покрена против Србија.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's