18/08/2011
Ако судиите на ОН ја одобрат поделбата на случајот на воени злосторства против Ратко Младиќ, неговото прво судење може да почне уште во јануари 2012 година.
(Блиц - 18.08.11; Ројтерс, АП, ДПА, АФП, Си-Ен-Ен, АКИ, Дојче Веле, Dutchnews.nl, РФЕ/РЛ, ВОА, Бета, Б92, Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија - 17.08.11)
![]() Освен двете обвиненија за геноцид, поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, се соочува и со пет точки од обвинението за злосторства против човештвото и четири за кршење на законите или обичаите на војувањето. [Ројтерс] |
Обвинителите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во средата (17-ти август) објавија дека побарале дозвола за поделба на обвинението против Ратко Младиќ во два дела, со цел да се забрза судскиот процес.
Ако судиите на ОН го дадат своето одобрение за иницијативата поднесена во вторникот, поранешниот воен командант на босанските Срби ќе биде суден најпрво по обвиненијата за геноцид за својата наводна улога во масакрот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени 8.000 бошњачки мажи и момчиња.
Тогаш судењето ќе биде отворено во јануари, рече за новинарите Александар Контиќ, член на директната канцеларија на главниот обвинител на МКТЈ Серж Брамерц, на редовната неделна прес-конференција на трибуналот во средата.
По затворањето на тој случај, вториот би почнал да се фокусира на преостанатите обвиненија во последното изменето обвинение против Младиќ на 1-ви јуни оваа година. Освен двете обвиненија за геноцид, 69-годишниот пензиониран генерал, кој ги предводеше силите на босанските Срби во текот на конфликтот во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995 година, се соочува и со пет точки од обвинението за злосторства против човештвото и четири за кршење на законите или обичаите на војувањето.
Тој дел од обвинението се однесува на редица злосторства извршени за време на 43-месечната опсада на Сараево и во други општини низ БиХ, вклучително и прогони, убиства, истребување, депортации, нехумани дејства, тероризам, незаконски напади и земање заложници.
Запрашан за причините за одлуката на обвинителите да побара делење на обвинението, Контиќ го наведе „фактот дека Младиќ беше уапсен неодамна во една доцна фаза од мандатот на МКТЈ“ како една од причините, според соопштението на веб-страницата на Трибуналот.
Воениот шеф на босанските Срби во времето на војната беше уапсен северно од Белград на 26-ти мај, по 16 години во бегство, и беше пренесен во Хаг неколку дена подоцна.
Медиумите ја цитираа иницијативата поднесена од Брамерц во вторникот дека побараната поделба на случајот „ќе ги максимизира шансите за правда за жртвите“.
Во барањето, наводно, се истакнува „пожелноста за започнување на судењето што е можно поскоро, и потребата од план за итен случај на евентуално влошување на здравствената состојба на Младиќ“.
Двете покуси судења ќе овозможат најдобро водење во спецификите на случајот против поранешниот воен командант на босанските Срби, МКТЈ го цитираше Контиќ од прес-конференцијата во средата.
Младиќ првично беше обвинет за воени злосторства во врска со конфликтот во БиХ во јули 1995 година, во заедничкото обвинение со политичкиот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, но истото подоцна беше поделено на два одделни случаи.
Караџиќ, кој беше исто така обвинет за геноцид во врска со масакрот во Сребреница, беше фатен во јули 2008 година во Белград и судењето против него започна 15 месеци подоцна.
Контиќ рече дека обвинителството не планирало официјално спојување на деловите за Сребреница во секое од обвиненијата на двајцата воени злосторници, но дека размислувало околу тоа дали ќе може сведоците да дојдат во Хаг да сведочат во двата случаи во исто време. Но, премногу е рано да се шпекулира за една таква опција, додаде тој.
Ако судиите на ОН дадат согласност за две одделни судења против Младиќ, тој, исто така, ќе добие две одделни пресуди.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's