13/06/2011
Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, во петокот посочи дека Европската комисија е можно да препорача подоцна оваа година ЕУ да отпочне разговори за пристапување со некои балкански земји.
(Разни извори -- 10.06.11 - 13.06.11)
![]() Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија сакаат членство во ЕУ. [Ројтерс] |
Соопштението на Европската комисија (ЕК) за завршувањето на разговорите за пристапување на Хрватска и нејзината препорака за влез на земјата во ЕУ во јули 2013 година, испрати позитивен сигнал до сите земји во регионот, објави Бугарија во петокот (10-ти јуни).
„Овој успех докажува дека систематските реформски напори и спроведувањето на условите за членство се исплатат“, рече Весела Чернева, портпаролка на бугарското Министерство за надворешни работи, во Софија, поздравувајќи ја одлуката на Брисел. „Хрватска зазеде статус кој може да биде пример за останатите земји во Западен Балкан ... политиката на проширување на ЕУ е најмоќниот начин за зајакнување и зголемување на благосостојбата на нашиот регион.“
Освен Хрватска, шест други земји од Западен Балкан -- Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Македонија, Црна Гора и Србија -- исто така се надеваат дека ќе пристапат во ЕУ еден ден. Но, тие се во различна фаза на процесот на пристапување.
Maкедонија и Црна Гора беа признаени како официјални кандидатки за ЕУ -- во декември 2005 година, односно декември 2010 година -- но ниту една не доби датум за почеток на своите разговори за членство.
По апсењето на поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, минатиот месец, Србија сега очекува, исто така, да й биде доделен кандидатски статус од страна на Унијата до крајот на оваа година. Покрај тоа, земјата се надева дека одлуката за ова ќе биде придружена со соопштение за датумот на официјалниот почеток на нејзините разговори за пристапување со ЕУ.
„Се надеваме дека на 9-ти декември ќе биде постигнат консензус за Србија да стане кандидатка за ЕУ и дека ќе биде дефиниран датум за преговорите“, рече српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ во петокот. „Се надевам дека во пролет 2012 година официјално ќе започнат преговорите.“
Најголема и сé уште ненадминлива пречка за евроатланскиот пат на Македонија со ЕУ и НАТО е нејзиниот долготраен спор за името со Грција.
Црна Гора и Србија мора да покажат напредок во спроведувањето на реформите што ги бара ЕУ, особено на нивните правни системи. Белград мора, исто така, да го фати поранешниот политички водач на хрватските Срби, Горан Хаџиќ, последниот осомничен за воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКЈТ), и да го екстрадира во Хаг. Целосната соработка со Трибуналот на ОН претставува клучен услов за балканските земји што се надеваат на пристапување во ЕУ.
„Хаџиќ ќе биде уапсен наскоро“, рече српскиот претседател Борис Тадиќ на состанокот на управниот комитет на неговата Демократска партија, во неделата. „Србија е решена да ја заврши таа соработка поради себеси и поради помирувањето во регионот“, белградскиот весник Блиц ја цитираше неговата изјава.
Покрај тоа, Србија мора да одигра конструктивна улога во своите разговори со Косово, посредувани од ЕУ, како и да покаже дека е способна за нормализирање на односите со својата поранешна покраина, што е можно повеќе.
Во специјалната изјава за завршувањето на разговорите за пристапување на Хрватска, комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, во петокот рече дека ЕК „може да им предложи“ на водачите на блокот подоцна оваа година Србија да биде признаена како официјална кандидатка за членство во блокот. Комисијата може, исто така, да препорача отворање на разговорите за пристапување со Македонија и другите балкански земји, додаде тој.
Aлбанија ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во април 2009 година, но сé уште не е признаена како официјална кандидатка. Последниот голем чекор што го направи БиХ на патот на пристапувањето беше потпишувањето на нејзината Спогодба за стабилизација и асоцијација и привремениот трговски договор со ЕУ во летото 2008 година. Внатрешните политички поделби во двете земји ги спречија да постигнат напредок на патот кон членството во изминатите две години.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's