10/06/2011
Хрватска е подготвена да стане втора поранешна југословенска република што ќе пристапи во ЕУ.
(Европска комисија, АФП, ДПА, АП, ББС, Дојче Веле, Блумберг - 10/06/11; AФП, Европски глас - 09/06/11)
![]() Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, рече дека ќе препорача земјите на ЕУ да се подготват да ја примат Хрватска како нивна 28-ма членка. [Ројтерс] |
Хрватска ги исполни условите за затворање на последните четири поглавја од нејзините разговори за влез во ЕУ, рече во петокот (10-ти јуни) Европската комисија (ЕК), предлагајќи го 1-ви јули 2013 година како индикативен датум за приемот на оваа балканска земја во ЕУ како нејзина 28-ма членка.
„Денес е историски ден за Хрватска и за ЕУ“, рече претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, во изјава, искажувајќи пофалби до властите во Загреб и „актуелната влада“, особено за нивната „напорна работа“ кон исполнување на таа цел.
Хрватска, која ги започна своите разговори за пристапување со Брисел во октомври 2005 година, сега е подготвена да стане втора поранешна југословенска република што ќе пристапи во ЕУ, по влезот на Словенија како дел од големото проширување на блокот во 2004 година.
Од 35 поглавја, само четири во преговорите на Загреб се сé уште отворени по условното затворање на она за рибарството во понеделникот, вклучително и за конкурентноста, судството и основните права, финансиските и буџетските одредби и „други прашања“.
Судските реформи се вообичаено една од најтешките области во разговорите за членство на балканските земји со ЕУ. На Бугарија и Романија, најновите членки на ЕУ од регионот, им беше наметнат Механизам за соработка и верификација без преседан по нивниот влез во 2007 година, според кој нивниот напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал сé уште се следи од страна на ЕК
Со цел да се избегне повторување на истото понижувачко сценарио, ЕК внимателно ги следи напорите на Хрватска во спроведувањето на потребните судски реформи.
„Последен камен на сопнување беше судството“, рече комесарката за правда на ЕУ, Вивиен Рединг, во четвртокот, пред да им се придружи на министрите за правда и домашни работи на блокот, на дводневен состанок во Луксембург.
„Минатата година не верував дека Хрватите ќе успеат. Но, за период од една година тие целосно го реформираа судството и го направија неповратно“, додаде таа. „Тие се на вистинскиот пат и ние можеме да й дадеме, со голема смиреност и добро срце, едно „да“ на Хрватска.“
Сепак, ЕК ќе продолжи да го следи реформскиот напредок на земјата за време на процесот на ратификација на спогодбата за пристапување на Хрватска од страна на сите земји-членки, која вообичаено трае две години и се очекува да биде комплетирана до јули 2013 година.
На 23-ти и 24-ти јуни ќе има самит на ЕУ, на кој водачите на блокот од 27 земји се очекува да го дадат своето одобрение за завршувањето на разговорите за членство.
Препораката на ЕК не е голем настан само за Хрватска, туку и за целиот регион, истакна Баросо во петокот, во надеж дека потегот ќе послужи како мотив за понатамошни реформи во другите балкански земји.
„Овој важен чекор напред од страна на Хрватска кон членството е, исто така, знак за остатокот од Југоисточна Европа: Истиот покажува дека проширувањето има ефект, дека ЕУ е сериозна во своите обврски, и дека структурните европски реформи во земјите се исплатат“, истакна тој.
Запрашан за коментар во врска со очекуваниот потег, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ во четвртокот изјави за АФП дека тоа ќе отвори „нова страница“ во историјата на неговата земја.
Но, тој исто така предупреди дека следните 24 месеци додека Хрватска пристапи во Унијата како полноправна членка нема да бидат лесни, бидејќи земјата ќе мора да направи понатамошни напори кон постигнување на стандардите на ЕУ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's