12/05/2011
Семејниот живот се претвора во ноќна мора за многу Албанки, предупредуваат застапниците за човекови права.
Oд Линда Карадаку за Southeast European Times во Тирана -- 12/05/11
![]() Домашното насилство зема женски животи во Албанија. [Линда Карадаку/SETimes] |
Многу албански жени живеат под постојана закана од тепање и други злоупотреби, велат социолозите и застапниците за човекови права. Организацијата со седиште во Тирана, Корисни за албанските жени (УАВ) се обидува да ја зголеми јавната свест за проблемот.
Според центарот, 11 жени се убиени во домашно насилство во Албанија минатата година и бројот и понатаму расте. Како трагична иронија, пет случаи на убиени жени се регистрирани оваа година на 8-ми мај, кој се слави како Меѓународен ден на жената во светот.
„Тие не се бројки за мене. Тие се животи, истории, луѓе“, вели Мигена Молањи од УАВ за SETimes.
Претставниците на УАВ неодамна ги посетија жените во најголемиот затвор во Тирана. По испитувањето на различните случаи, тие заклучија дека 90 отсто од жените затворени таму, се осудени за убиство на своите сопрузи.
„Тоа го направиле во самоодбрана и за самоправда“, рече генералната директорка на УАВ, Фабиола Егро. Сепак, таа додаде дека не ги оправдува ваквите дејства.
УАВ е основана во 1993 година во Тирана. Центарот добива шест до осум повици за помош секоја недела и решава 12 случаи неделно кои се однесуваат на жени што бараат психолошка помош. Истата има ограноци во различни области на Албанија. Доброорганизираната мрежа на УАВ против домашното насилство соработува со полицијата, општините, различните невладини организации, судовите и болниците. Мрежата е поддржана од УНДП.
Егро работи 18 години за УАВ. Таа се сеќава на случајот на една жена со пет деца кои живееле во Драч, на западниот брег на Албанија, која го пријавила својот сопруг и добила наредба за заштита. Жената успеа повторно да си го изгради животот, рече Ерго. Успеа да научи да шие, доби работа и почна да заработува доволно за да ги издржува своите деца.
„Им помогнавме на 33 жени, само во Драч, да добијат наредба за заштита“, додаде Егро.
Психотерапистот на УАВ, Мигена Исмаилати, се сеќава на слична приказна во Тирана. Жена со осум деца, злоупотребувана од сопругот, го пријавила случајот во УАВ. Центарот конечно го решил нејзиниот проблем со вклучување на полицијата. Според наредбата издадена од полицијата во Тирана, сопругот на жената не смее да се доближи помалку од 300 метри до нејзината куќа.
„Таа успеа“, рече Исмаилати. „Имав чувство на олеснување, како мене да ми падна товар од грбот.“
Жртвите обично бараат помош кога ситуацијата е веќе екстремна и тешка за решавање, рече Егро. Затоа УАВ формираше Женски клуб, каде што жртвите на домашното насилство можат да дојдат, да се запознаат со организацијата и да се отворат за разговори во врска со нивните проблеми.
Егро смета дека обезбедувањето засолниште за жртвите на домашното насилство не е решение. За време на нивниот престој во засолништето, вели таа, жените може да ги изгубат врските со семејствата и децата. Можат дури и да го изгубат домот.
„Жртвата не треба да ја напушта куќата, насилникот е оној што треба да замине“, рече таа.
Со цел да им помогне на злоупотребуваните жени да изградат нов живот, центарот нуди професионални курсеви на обука, кои можат да им помогнат да се стекнат со вештини и да заработат пари. УАВ, исто така, им помага да најдат работа преку Агенцијата за вработување.
Центарот, исто така, продолжува да испитува три случаи на убиство. Адвокатите на УАВ собираат докази кои покажуваат дека во сите овие случаи, жените починале како резултат на семејно насилство. Истиот планира да ги изнесе случаите пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's