Путин во Белград разговараше за енергијата и инвестициите

24/03/2011

Рускиот премиер беше топло пречекан за време на својата посета. Но, дали надежите за помош од Москва се премногу големи?

Од Бојан Миловановиќ за Southeast European Times во Белград - 24/03/11

photo

Српскиот претседател Борис Тадиќ (десно) го пречекува рускиот премиер Владимир Путин во Белград, во средата (23-ти март). [Ројтерс]

Дека српската јавност има големи очекувања од Москва се покажа оваа недела со широкоградиот дочек што се приреди за рускиот премиер Владимир Путин. Тој пристигна во Белград во средата (23-ти март) за да се состане со претседателот Борис Тадиќ и други високи претставници.

Стотици луѓе се собраа пред Палатата на Србија, каде што се одржуваа разговорите, за да го поздрават рускиот водач. Кога Путин се појави на фудбалскиот натпревар меѓу два младински клуба -- белградска Црвена ѕвезда и московски Зенит -- локалните навивачи почнаа да ја пеат руската песна „Калинка“ и да веат транспаренти со пораки за добредојде. Натпреварот заврши со, во голема мера дипломатски резултат од 1:1.

Во последниве години руското влијание е поттикнато од големите инвестиции, како што е купувањето од страна на Гаспром Нефти на голем удел во нафтеното претпријатие НИС, и плановите за поминување на гасоводот Јужен тек низ Србија. Можностите за инвестиции и економска соработка се најдоа високо на агендата за време на посетата на Путин.

Тој потврди дека руските претпријатија ќе ѝ помогнат на Србија да изгради железнички пруги. Српските градежни работници, пак, ќе учествуваат во подготовките за Зимската олимпијада во 2014 година во Сочи и Светскиот куп на ФИФА 2018.

„Сакаме да го искористиме големото искуство на нашите српски партнери во изградбата на туристички капацитети“, рече Путин.

Тадиќ рече дека добил уверување дека проектот Јужен тек ќе биде реализиран во текот на следните години. Гасоводот, рече тој, е од голема важност за целиот европски континент.

Тој понатаму рече дека инвестицијата на Гаспром во НИС дала резултати, со оглед на тоа што претпријатието генерира профит. Двете земји се заинтересирани за учество на НИС на регионалните пазари, рече Тадиќ, додавајќи дека очекува идни инвестиции во рафинеријата во Панчево.

Тој ја изрази благодарноста на Србија кон Русија, за доделувањето заем од 200 милиони американски долари, како помош за Србија да се справи со светската економска криза, и за поддршката на Белград во врска со косовското прашање.

Но, според политичкиот аналитичар Владимир Гоати, јавноста не треба да ја преценува способноста на Москва да ѝ помогне на српската економија.

Русија, рече тој „се справува со проблемите на свој начин; што значи дека никој не треба да очекува -- и покрај нејзината желба -- да инвестира во Србија повеќе од она што правеше досега“, рече тој за SETimes. Руското раководство понекогаш ги преценува своите економски и дипломатски способности, подгревајќи ги очекувањата, додаде тој.

Енергетските очекувања остануваат движечка сила во односите Белград-Москва, без оглед на кое било друго прашање што се става на маса, рече Гоати.

„За Србија е многу важно гасоводот Јужен тек да поминува низ нејзината територија и токму тука, според мене, лежи важноста на посетата на Путин“, рече тој.

Поврзани написи

Loading

Интеграцијата во ЕУ, исто така, беше клучна тема на разговорите за време на посетата. Рускиот водач тврдеше дека Москва не е загрижена за амбициите на Србија да му се приклучи на блокот.

„Внимателно ќе следиме и ќе работиме заедно на спречување на тоа европската интеграција да им наштети на руско-српските односи“, рече тој.

Тадиќ одговори дека иако Србија е решена да добие членство, исто така, има „стратешки интерес да соработува со Русија“.

„Не гледам начин ЕУ да ги реши своите енергетски прашања без партнерство со Русија“, рече Тадиќ. „Србија ќе биде дел и од тој аранжман.“

Оваа содржина е овластена за SETimes.com.
Loading
Гласаj
 
 

Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.

Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.

Правилник за коментари на SETimes's

Репортажа

Регионот и Турција оптимисти за новото водство на ЕУРегионот и Турција оптимисти за новото водство на ЕУ

Официјалните претставници од регионот велат дека неодамнешните кадровски смени во ЕУ ќе имаат позитивно влијание на односите на нивните земји со Брисел.

Најпопуларни

Loading
Loading
Loading

Анкета

Дали треба Грција да го промени начинот на кој се справува со нелегалните имигранти?

Да
Не
Не знам