10/03/2011
Владата уште еднаш се обидува да воведе ред во хаосот со зонирањето на недвижниот имот
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 10/03/11
![]() Станбената област Калуѓерица во Белград. [Никола Барбутов/SETimes] |
Во 1976 година семејството Мијатовиќ изгради куќа во белградската област Калуѓерица, една од најголемите нелегални населби во Европа. „Моравме да изградиме куќа; немаше шанси да добиеме стан во Белград, каде што работевме. Нашата куќа беше една од малкуте што постоеја во Калуѓерица, така што ние моравме да платиме од сопствениот џеб да се инсталира струја и вода“, рече Станка Мијатовиќ за SETimes.
Сепак, семејството не беше осамено долго време. На почетокот од 1990-тите Калуѓерица почна да се шири: Србите што беа принудени да ја напуштат Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово поради војните, градеа куќи во тој дел од Белград. Десетици илјадници нелегално изградени објекти создадоа хаос со зонирањето во Калуѓерица, како и во некои други делови на главниот град.
Во тоа време, властите толерираа нелегално градење за да се одржи мирот. Но, ситуацијата се мултиплицираше до тој степен што сега има 780.000 барања за легализирање на постојните градби низ цела Србија. Ова се шири до тој степен што експертите проценуваат дека бројот на легалните и нелегалните градби во Србија е во основа еднаков.
Обидите за масовна легализација во 2003, 2006 и 2009 година завршија со неуспех. „Живееме во нашата куќа 30 години и плаќаме даноци на државата, но ако сакаме да ја продадеме, не можеме, бидејќи не е легализирана“, рече Мијатовиќ.
Но, на 10-ти февруари владата усвои амандмани на Законот за зонирање и градба, кој предвидува големи попусти за оние што сакаат да ги легализираат своите објекти, и ја намали документацијата. Оние кои нема да го почитуваат законот ги очекуваат драстични мерки.
„Сега никој нема да може да каже дека нема доволно пари да ја легализира куќата во која живее. Месечните рати ќе изнесуваат само неколку евра“, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Оливер Дулиќ.
![]() Владата се согласува дека ситуацијата е хаотична. [Никола Барбутов/SETimes] |
Најголеми попусти ќе има за најсиромашните, оние со објект од 25 квадратни метри по член на домаќинство и без друг имот. Нивниот попуст може да изнесува вкупно 99 отсто. На тој начин, на пример, семејство од четворица со куќа од 100 метри квадратни ќе плаќа околу 250 евра, наместо 1.100 евра, со опција за план на рати.
Но, попустот нема да важи за сите.
Предраг Вучиќ, член на белградската администрација задолжена за зонирањето, изјави за SETimes дека оние кои нелегално изградија објекти во вредните централни градски зони се исклучени. „Важно е дали некој изградил објект во центарот на Белград, во предградие или во некој посиромашен регион на Србија“, рече тој.
Тој предвидува дека процесот на легализација може да потрае неколку години, бидејќи има околу 243.000 барања само во Белград.
Никој не е среќен со предложените решенија. Оние кои веќе платија за легализацијата -- по повисоки цени -- нема да ги добијат назад своите пари.
„Се покажа дека сме луди што ја собираме и плаќаме целата документација сами. Легализацијата не чини неколку илјадници евра, додека сега би платиле неколку стотини“, рече Милорад Цвејиќ, кој живее во јужниот српски град Куршумлија, за SETimes.
Потоа, постои потенцијал за корупција. Стеван Лилиќ, шеф на здружението Адвокати за демократија, изјави за белградските медиуми дека шансите се тука, со оглед на одредбата дека општинските власти можат да соберат документација за поединците и потоа да склучат договори за легализација со нив.
И покрај загриженоста, владата е решена овојпат да успее. „Мораме да внесеме некој ред во хаосот, и не можеме да дозволиме легализацијата да пропадне овој пат“, рече Дулиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's