02/03/2011
Иако се прават напори за забрзано усогласување, рециклирањето за многумина останува „невозможна мисија“.
Од Бојана Миловановиќ за Southeast European Times во Белград -- 02/03/11
![]() Србија се стреми да ги достигне европските стандарди за рециклирање до 2019 година. [Никола Барбутов/SETimes] |
Статистичките податоци покажуваат дека Србија рециклира речиси десет пати помалку отпад отколку земјите членки на ЕУ, но властите велат дека рециклирањето е во пораст.
Веќе две децении, Србија е втурната во сериозни државни проблеми, од војни, санкции и сиромаштија до убиство на премиер. Во едни такви немирни времиња, заштитата на природната средина го зазеде последното место.
„Сите се преокупирани со многу поголеми егзистенцијални проблеми -- како да преживеат и да ги платат сметките -- така што не се грижат околу заштита на природата. Сето тоа ќе ни се врати како бумеранг“, рече за SETimes, студентот Мирослав Крстиќ (22).
Тој ги опиша напорите за рециклирање како „невозможна мисија“.
„Каде можам да ги рециклирам и подредам различните видови амбалажа, кога нема ниту еден контејнер за таа намена во мојата населба?"
Сега кога состојбата е постабилна и Србија се бори за статус на земја кандидатка за ЕУ, сé повеќе внимание се посветува на животната средина. Државата донесе национална стратегија за управување со отпадот, со која до 2019 година целосно ќе се воведат европските стандарди за рециклирање на отпадот.
„Во моментов Србија рециклира 7 до 8 отсто од комуналниот отпад -- стакло, дрво, хартија, пластика и метал. Во ЕУ, во зависност од видот на материјалот, се рециклира помеѓу 60 и 80 отсто од отпадот“, рече за SETimes, Александар Весиќ, помошник-министер за животна средина и просторно планирање.
Тој даде уште неколку примери.
„Според европските стандарди, четири килограми електронски отпад од глава на жител би требало да бидат рециклирани, додека во реалноста се рециклираат 0,5 килограми. Ние имаме напредок во рециклирањето на акумулатори од автомобилите. Околу 80 отсто од нив се рециклираат, но од друга страна, батериите што се употребуваат во домаќинствата практично воопшто не се рециклираат“, потврди Весиќ.
Потоа, тука се и старите автомобили.
„Според стандардите на ЕУ, 95 отсто од неупотребливите возила треба да се рециклираат. Нема точен податок колку од ваквите возила во Србија се рециклирани, но ние сме сигурно далеку од европската норма“, рече Весиќ.
Дека Србија има уште многу да направи во поглед на управувањето со отпадот говори и фактот што има 3.251 депонии без контрола, од кои повеќето се во селските области.
Весиќ рече дека на јавноста треба да й се каже повеќе околу рециклирањето за состојбата да се подобри, додека локалните власти мораат да обезбедат за луѓето повеќе контејнери за рециклирање, заради сортирање на различните видови отпад.
„Рециклирањето е нешто со кое Србија активно се справува дури во последниве неколку години; според тоа, резултатите не можат да се очекуваат преку ноќ. Невозможно е веднаш да се постигнат резултатите на кои развиените земји работеле со децении, додека ние само што започнавме“, рече Весиќ за SETimes.
Властите истакнуваат дека рециклирањето може да биде многу профитабилен бизнис. Српската Стопанска комора неодамна одржа конференција на кој го поврза рециклирањето со развојот, и на која учесниците рекоа дека проблемот е што релативно мал број луѓе работат на собирањето отпад. Нивниот број е недоволен за исполнување на барањето на рециклирачката индустрија.
Советникот на комората, Синиша Митровиќ, изјави за SETimes дека само 5 до 6 отсто до српската рециклирачка индустрија се користи во моментов, така што голем дел од секундарниот материјал завршува во депониите.
Старата изрека „она што за некој е ѓубре, за друг е богатство“, важи во овој случај. Се проценува дека „пазарот на секундарните материјали ... вреди 350 милиони евра годишно, при што околу 100.000 луѓе работат на сорабирање различни видови отпад во моментов“, рече Митровиќ.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's