18/01/2011
Сослушувањата за сомнителниот туристички проект доведоа до апсења, но некои гледаат политички мотив.
Од Недељко Рудовиќ за Southeast European Times во Подгорица --18/01/11
![]() Црногорските власти на крајот го прекинаа контроверзниот проект и туристичкото место останува незавршено. [SETimes] |
Апсењето минатиот месец на највисоки функционери во црногорскиот туристички град Будва го покрена очекувањата дека земјата почнува да ги исполнува барањата на ЕУ да се занимава поагресивно со организираниот криминал и корупцијата.
Но, дали акцијата има и политичка мотивираност? Некои аналитичари обвинуваат дека истата помогнала долготрајниот водач Мило Ѓукановиќ да ја зајакне својата моќ, на сметка на ривалите во редовите на владејачката Демократска партија на социјалистите (СПС).
„Имајќи предвид во какво општество живееме, во кое институциите се зависни од политичкото влијание, би било наивно да се верува дека ваквата акција се случила без барем премолчено одобрување од Ѓукановиќ“, рече за SETimes Стево Мук, претседател на невладиниот Институт Алтернатива.
На 24-ти декември, властите го уапсија градоначалникот на Будва, Рајко Куљача, заменик-претседателот на општината Драган Маровиќ и осум други функционери и сопственици на градежни претпријатија. Ѓорѓе Пињатиќ, член на парламентот, беше уапсен три дена подоцна.
Специјален обвинител ги обвини за злоупотреба на функцијата, вклучително и злоупотреба на средства, во врска со изградбата на елитен туристички центар наречен Завала.
Братот на Маровиќ, заменик-претседателот на ДПС, Светозар Маровиќ, нашироко се смета за политички шеф на Будва.
Изградбата на туристичкиот центар започна во 2007 година и продолжи и покрај тоа што локална невладина организација, МАНС, откри оти проектот ги нема потребните дозволи. Но, силниот јавен и медиумски притисок на крајот доведе до тоа властите да преземат мерки, и Завала останува незавршена.
Главниот обвинител Ранка Чарапиќ негира дека апсењата -- кои следеа по три години истрага -- имаат каква било врска со политиката.
„Одлуката за апсење на десетмина осомничени ... беше донесена во момент кога се реализираа законските услови, односно, кога обезбедивме доволно докази за разумно сомневање дека тие поединци извршиле кривични дела“, рече Чарапиќ.
Но, времето на потегот, кој беше направен само неколку дена откако Мило Ѓукановиќ поднесе оставка од премиерската функција во Црна Гора, и понатаму разгорува шпекулации. Ѓукановиќ ја потврди својата позиција како претседател на партијата ДПС, и аналитичарите велат дека апсењата ќе му помогнат да остане на таа работа.
Според Мук, инспирирањето доверба во полицијата, обвинителството и судскиот систем ќе бара одржливи напори, наместо привремена акција од висок профил.
„Мора да сториме многу повеќе и да ги судиме другите случаи за да покажеме дека навистина постои подготвеност и способност на институциите да се справат со криминалот и корупцијата на сите нивоа и во сите области“, рече тој. „ЕУ бара видливи резултати.“
„Ако видиме други слични акции, или ако обвинителството и полицијата започнат да решаваат бројни јавни скандали, обвинувања и пресуди, тогаш ова ќе се смета за почеток на решителната борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече друг аналитичар, Далиборка Уљраревиќ.
„Но, ништо не може да го тргне впечатокот дека првичниот мотив бил резултат на конфликтот меѓу политичките, бизнис и другите кругови во ДПС“, додаде таа.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's