07/09/2010
Три клучни меѓународни финансиски институции ја најавија својата поддршка за гасоводот Набуко.
(Ројтерс, Блумберг, АП, ДПА, Еуобсервер, Заман, Хуријет, Софија Њуз Агенција, Ксинхуа, Апстрим онлајн, Nabucco-pipeline.com, Европска инвестициска банка - 06/09/10)
![]() Проектот за гасоводот Набуко може да добие 4 милијарди евра од ЕИБ, ЕБРД и Светска банка. [Фото илустрација на SETimes] |
Плановите за гасоводот Набуко отидоа чекор понапред во понеделникот (6-ти септември), кога трите клучни меѓународни финансиски институции (MФИ) се договорија да започнат со разгледување на заемите во висина до 4 милијарди евра за проектот.
Мандатното писмо потпишано со Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) и Меѓународната финансиска корпорација (МФК) од групата на Светска банка го означи почетокот на постапката за оценување, изјави конзорциумот на Набуко.
Договорот, потпишан во Брисел, ги одредува условите под кои разгледувањето ќе биде спроведено и потенцијалната финансиска поддршка од секоја од трите МФИ, дополнително објасни групата од шест-компании со седиште во Виена. За време на постапката за оценување, експерти од заемодавачите ќе спроведат детална проценка на комерцијалните, социјалните и еколошките аспекти на проектот.
Според договорот, ЕИБ ќе позајми до 2 милијарди евра за проектот Набуко. ЕБРД и МФК, чија половина од учеството ќе биде реализирано преку комерцијални банки, ќе обезбедат 1,2 милијарди евра, односно 800 милиони евра.
„Вклучувањето на трите МФИ е показател на глобалната и европската поддршка за проектот и претставува значаен историски пресврт во обезбедувањето на целокупното финансирање на Набуко," истакна конзорциумот. "Раното вклучување на МФИ ќе го поддржи Набуко во исполнување на највисоките стандарди при проценката на еколошкиот и социјалниот ризик и набавките."
Крајната одлука за потенцијалните учества на заемодавачите во проектот се очекува во текот на наредната година.
„По успешното знаавршување на оценката, финансирањето ќе треба да биде одобрено од страна на соодветните надлежни тела на секоја од МФИ," соопшти конзорциумот на Набуко . "Се очекува извозните кредитни агенции и меѓународните банки да започнат со нивната оценка на проектот Набуко набрзо по МФИ."
Акционерите, кои се очекува самите да покријат 30% од целокупното финансирање за главната линија, потоа ќе бараат поддршка од други потенцијални заемодавачи во 2011.
Иако секое идно финансирање ќе зависи од резултатите на разгледувањето, трите банки разјаснија дека тие нема да го прифатат ако не се подготвени да извршат финансирање.
„Фактот дека сме подготвени да идентификуваме во овој момент финансиски потенцијал од 4 милијарди евра од трите институции заеднички, може да се толкува како многу сериозен знак“, рече Томас Барет, директор на ЕИБ, на брифингот во Брисел.
Европската комисија, која одвои 200 милиони евра за првата фаза од изградбата, го поздрави договорот од понеделникот, сметајќи го за многу важен чекор напред кон реализација на проектот.
„Проектот Набуко ужива целосна поддршка од Комисијата како стратегиски придонес за коридорот Јужен гас и европската енергетска безбедност“, се вели во изјавата на извршната гранка на ЕУ.
Гасоводот од 3.300 километри ќе оди од источна Турција до гасниот центар Баумгартен во Австрија преку Бугарија, Романија и Унгарија и треба да пренесува 31 милијарди кубни метри природен гас од Каспискиот регион и Блискиот Исток за Европа годишно.
Изградбата на проектот, чија цел е намалување на зависноста на Европа од рускиот дотур на гас, требаше да почне до крајот на следната година. Но, конзорциумот Набуко, кој ги вклучува австриски ОМВ, бугарски Булгаргас, унгарски МОЛ, романски Трансгас, турски Ботас и германски РВЕ, во понеделникот објави дека истата ќе почне во 2012 година.
„Гасоводот ќе почне со работа во 2015 година“, наместо во 2014 година, како што претходно беше предвидено, се цитира изјавата на управниот директор на Меѓународниот гасовод Набуко, Рајнхард Митшек, на брифигот во Брисел.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's