29/07/2010
Србија поднесе предлог-резолуција до Генералното собрание на ОН повикувајќи на нови разговори меѓу Белград и Приштина.
(Б92, Блиц - 29/07/10; Ројтерс, АФП, ДПА, Канадиан прес, ВОА, Бета, Б92, Радио Србија, Блиц, Ксинхуа - 28/07/10)
![]() „Србија ... мора да има добри односи со моќните земји во светот“, рече претседателот Борис Тадиќ пред парламентот. [Getty Images] |
Србија поднесе предлог-резолуција до Генералното собрание на ОН во средата (28-ми јули), осудувајќи ја независноста на Косово и повикувајќи на отпочнување нови разговори за поранешната српска покраина.
Потегот уследи по советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП) од 22-ри јули, дека косовската декларација за независност од 2008 година не претставува кршење на меѓународното право.
Документот, поднесен од српската мисија во ОН во средата, ја потврдува пресудата на МСП, но истакнува дека „унилатералното отцепување не може да биде прифатлив начин за решавање на територијалните прашања“.
Предлог-резолуцијата, која Србија се надева дека Генралното собрание ќе ја усвои оваа есен, ги повикува Белград и Приштина да побараат „взаемно прифатливо решение за сите спорни прашања преку мирен дијалог“.
Иако не е конкретно споменат статусот на Косово како тема која предложените разговори треба да ја опфатат, набљудувачите веруваат дека ова е цел на притискањето на Белград за нови преговори.
Бројни високи српски претставници, вклучително и претседателот Борис Тадиќ, во последниве денови рекоа дека мислењето на МСП нема да ги обесхрабри да ја продолжат битката за враќање на поранешната покраина.
Тврдејќи дека МСП, кој е примарно правно тело на ОН, не одговорил на прашањето дали Косово има право да се отцепи, во предлогот од средата се бара од Генералното собрание да усвои заклучоци на мислењето на судот со седиште во Хаг.
Истиот повикува на вклучување на точка во привремената агенда од 66-тата седница на Собранието за „понатамошните активности по усвојувањето на советодавното мислење на МСП за тоа дали еднострано прогласената независност на Косово е во согласност со меѓународното право“.
Цитирајќи го соопштението на српското Министерство за надворешни работи, медиумите истакнаа дека предлог-резолуцијата била поднесена во ОН по консултациите со сите постојани членки на Советот за безбедност и голем број други меѓународни фактори.
Но, белградскиот весник Блиц во натпис од четвртокот (29-ти јули) посочи дека Германија и три од петте постојани членки на телото од 15 држави -- Велика Британија, Франција и Соединетите Држави -- остро се противат на содржината на документот.
Во обид да обезбеди поддршка за новата дипломатска офанзива на Србија, министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ, во средата отпатува за Њујорк, на понатамошни консултации пред состанокот на Советот за безбедност за Косово, закажан за следната недела. Тој, исто така, треба да има обраќање на форумот на Движењето на неврзаните и да се состане со амбасадорите на голем број членки на ОН.
Во обид да одврати нови признавања на независноста на Косово, српската влада одлучи да испрати емисари во 55 земји за кои се верува дека се близу до тоа да го направат тој потег и, наводно, побарале од своите амбасадори во други 40 главни градови да се фокусираат, исто така, на таа задача. Досега Косово е признаено од 69 земји, вклучително и Соединетите Држави, 22 од 27-те членки на ЕУ, како и сите поранешни југословенски републики, освен Босна и Херцеговина.
Косово, во меѓувреме, планира да ја обнови својата кампања со цел обезбедување повеќе признавања на неговата независност, како дел од својата цел за членство во ОН.
Иако има навистина простор за повеќе разговори за Косово, најголемиот проблем е што има јаз меѓу ставовите на Приштина и Белград во врска со прашањата кои преговорите треба да ги опфатат, велат експертите.
„ЕУ и Косоварите се надеваат дека преговорите ќе се фокусираат на техничките прашања што ги одредуваат односите на теренот меѓу српското малцинство и албанското мнозинство“, рече Мартин Слецингер, соработник во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон, во интервју за белградската новинска агенција Бета. „За Србите, природно, [тие] треба да се однесуваат на статусот и односот на Србија со Косово.“
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's