28/07/2010
Британскиот премиер Дејвид Камерун вели дека е „лут“ поради бавното темпо на разговорите за пристапување во ЕУ на Турција.
(Гардијан - 28/07/10; AФП, Ројтерс, ФТ, РФЕ/РЛ, ББС, Телеграф, Еуопсервер, Хуријет, Даунинг стрит бр.10 - 27/07/10)
![]() Британскиот премиер Дејвид Камерун (десно) и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган се состанаа во Анкара. [Getty Images] |
Потврдувајќи ја силната поддршка на Лондон за кандидатурата на Турција за ЕУ, британскиот премиер Дејвид Камерун во вторникот (27-ми јули) ги критикуваше противниците на аспирациите на оваа претежно муслиманска земја да пристапи во блокот како полноправна членка.
При својата посета на Анкара за првпат откако дојде на функцијата во мај, Камерун направи паралела со обидите на Франција во 1960-тите години да го блокира влезот на неговата земја во Европската економска заедница, претходник на денешната ЕУ.
„Знаеме како е да се биде исклучен од клубот“, рече Камерун. „Но, исто така, знаеме дека овие работи можат да се сменат.“
Тој рече дека има три категории противници на кандидатурата за членство на Турција: протекционисти, кои стравуваат од нејзината економска сила; поларизирани, кои сакаат таа да избере меѓу Исток и Запад; и оние со предрасуди, кои намерно погрешно го толкуваат исламот.
„Секогаш ќе тврдам дека вредностите на вистинскиот ислам не се некомпатибилни со вредностите на Европа, дека Европа е дефинирана не од религијата, туку од вредностите“, рече Камерун.
Турција ги почна преговорите за членство со ЕУ во октомври 2005 година. Но, процесот беше забавен, бидејќи земјата успеа да отвори разговори само за 13 од 35 поглавја кои земјите-кандидатки мораат да ги комплетираат. Тоа е во голема мера резултат на бавниот реформски напредок на Турција и нејзиното одбивање да ги отвори своите пристаништа и аеродроми за сообраќајот од членката на ЕУ Кипар, како резултат на што осум од поглавјата на преговорите останаа замрзнати.
Друг фактор што придонесува за темпото на преговорите е инсистирањето на Франција и Германија дека на Анкара не треба да й се понуди полноправно членство во блокот откако ќе ги заврши разговорите, туку, еден вид „привилегирано партнерство“.
Барајќи од Турција да продолжи со „агресивно“ спроведување на бараните реформи за ЕУ, Камерун изрази „лутина“ од потезите за попречување на нејзиниот напредок кон пристапувањето.
„Кога мислам што прави Турција за да ја брани Европа како сојузник во НАТО, и што прави Турција денес во Авганистан, заедно со нашите европски сојузници, ме лути што вашиот напредок кон членството во ЕУ може да фрустрира на начин на кој тоа се случува“, рече тој. „Мојот став е јасен: јас верувам дека е едноставно погрешно да се каже дека Турција може да го чува кампот, но не да и се дозволи да влезе во шаторот.“
Британскиот водач, исто така, вети дека активно ќе го промовира и ќе „се бори“ за членството на Турција во ЕУ, велејќи дека сака двете земји „да го отворат патот од Анкара до Брисел“.
Камерун потпиша документ за стратешко партнерство со цел продлабочување на трговските и одбранбените врски со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во вторникот, и инсистираше на тоа дека ЕУ може само да има корист политички и економски од членството на Турција.
Турција, која има повеќе млади луѓе отколку која било друга земја од 27-те членки на ЕУ, се очекува да ја стигне најнаселената земја во блокот, Германија, во следните шест години. Истата е решена да стане и втора по големина економија во Европа до 2050 година.
„Европската унија без Турција не е доволно силна, туку послаба, не е побезбедна, туку е помалку безбедна, ниту е побогата, туку е посиромашна“, истакна Камерун.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's